Клинички центар „Мајка Тереза”: „Темпирана бомба“ од бактерии и упориште на изневерени работници
„Слободен печат“ денеска беше во пералницата и затекна упориште на зараза, стари машини за перење, мувла, небезбедни инсталации, вода која протекува. Разговарале со речиси сите вработени и тие се сложни – нема да работат без плата и нема како што велат, повеќе никој да ја искористува нивната добрина и жал за пациентите и да ги манипулира.
Тие раскажале дека почнале да штрајкуваат пред пожарот во Кочани, но кога се случи трагедијата од жал и солидарност го прекинале штрајкот. Еден од нив скршил прст обидувајќи се да поправи дотрајан каиш на машината за перење која датира од Втората светска војна. Друг работник ни кажа дека трипати преживеал струен удар поради небезбедните инсталации. Сите ни се жалеа дека се болни, со хронични заболувања, а покрај тоа што не примаат плата, немаат ни здравствено осигурување, па лековите за дијабетес, висок крвен притисок, астма и сите болести што ги добиле поради работење на пареа и влага, сега си ги плаќаат приватно.
Со екипата на „Слободен печат“ работниците разговараа и рекоа дека не им е грижа кој е виновен што немаат плата од февруари, дали е тоа фирмата што управува со пералницата или пак се тоа Заеднички служби при Клиничкиот центар. Ним тоа им е сеедно, затоа што пари на нивните сметки нема. Сите 11 вработени од вчера стапија во генерален штрајк. А тоа значи дека целиот Клинички центар „Мајка Тереза“ заедно со пропратните клиники нема да добива чиста постелнина за пациентите, ниту пак зелени одела за хирурзите. Темпираната бомба од зараза и бактерии на таков начин е подготвена да експлодира, исто како што попуштило трпението и на работниците.
Купиштата постелнини, кога влеговме во пералницата, беа наталожени, но дел од вработените ни кажаа дека веќе ги информирале клиниките дека не примаат ниту облека ниту чаршафи, па не им ги носат. Утринава само за хируршките клиники од солидарност испратиле една количка со чаршафи за да може да се изведат операциите. Но велат дека од утре нема да го прават тоа.
-Машините се неисправни. Вработените почнаа да се повредуваат. Поправајќи машина еден колега скрши прст. Капакот од сушалниците нè удира по глава, а немаме здравствено осигурување. Ни пензиско, ни здравствено, ни плата. Во јануари ни беше последната плата. Ќе ме прашаш како издржавте?
…
повеќе