КЛУБ АКАДЕМИЈА
Премиере, власт си, седни и напиши го писмото до ЕУ. И завери го во Собранието пред да го испратиш.
Во Бугарија Македонците не можат да регистрираат ни здружение на граѓани, а кај нас некое здружение на граѓани во Тетово решило да стане Академија на науки и уметности на Албанците. Се снашле луѓето како да си обезбедат пари за проекти и патувања. Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир на прес-конференција се договориле академијата да се финансира од општински пари додека таа не добие државна поддршка. Тројца од здружението беа претставени како идни академици.
Имаше еден ноќен клуб во раните 1990-ти во куќата пред Влада, се викаше „Клуб Академија“. Што чудо академици излегуваа од таму, особено во рани зори, брееј… И јас сум имал обиди да станам академик. Баш беше елитно местото, не можеше секој да влезе во Академија. Мораше пристапна беседа да имаш за да те пуштат на врата. Башка не баравме од никого да ни ја плаќаат киријата и патните трошоци како овие новиве тетовски академици. Сами си ја плаќавме и пијачката.
Ако Општините Тетово, Гостивар, Желино и Чаир сметаат дека со тоа решаваат еден врвен приоритет на граѓаните, особено на албанските интелектуалци – супер. Нека си ги финансираат.
4Вака-така ќе се прави и пругата кон Бугарија, ама премиерот уште сега ни кажа дека ќе нѐ чини повеќе од што е предвидено. Математичарот, во интервју за ТВ Сител, пресмета вака: „Моментално, буџетот за реализација на тој проект е 550 милиони евра од коишто 350 милиони се кредит, а 200 милиони се грант. 350 милиони ние ќе ги враќаме. Со тоа што изведувачот има право на пенали и клејмови. Моето скромно инженерско искуство вели дека најмалку уште 200 милиони ќе бидат потребни. Така што од тие 350 ќе дојдеме до половина милијарда пари коишто ние ќе треба да ги платиме“.
А моето уште поскромно инженерско искуство, пак, прашува: А зошто на изведувачот да му се плаќаат пенали и „клејмови“? И од каде баш 200 милиони евра, а не помалку или уште повеќе? Прашањата се од нашето скромно инженерско искуство – „Миле ми текна!“, „Да не е многу?“,„Ич не си дил ориентид“ и „процент за жутите“ – што го стекнавме кога ги слушавме прислушуваните разговори за автопатот Кичево-Охрид.
Мицкоски кон крајот на август изјави дека му нуделе мито за да помине тендерот за пругата кон Бугарија. Не кажа кој и колку сакал да го поткупи, ама рече: „Знаеме како оди тоа преку канали“.
Во Обвинителството уште не добиле пријава дека некој сакал да го поткупи премиерот. Не знаеме „како оди тоа“. Ама еве знаеме колкава е сумата. 200 милиони евра.
А знаеме и дека премиерот смета оти корупцијата е природна состојба.
Целата колумна ба Горан Михајловски на СДК.МК