Клубови на Првата и на Втората страна

Наместо да се впушта во дисуксии дали станува збор за државно регистрирано здружение, или, пак, приватен клуб на граѓани, вицепремиерот Бојан Маричиќ прави чудна и непотребна дигресија од суштественото прашање. А тоа прашање е, всушност, дали „Никола Вапцаров“ е клуб што се промовира како сосема нормален израз на стремежите на бугарските граѓани со македонска самосвест да ги остваруваат своите културни потреби, без оглед што Софија не го признава постоењето на македонско малцинство во Бугарија? Дали тоа што Софија се повикува на бугарскиот устав кој не „препознава“ малцинства, и не ги спроведува 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците во Бугарија, е во директна спротивност со принципите на ЕУ и со европските вредности? Обединети во различноста или различни во обединетоста, како што гласи мотото на ЕУ?

Дали за првенците на македонската Влада ќе беше поедноставно и посоодветно доколку македонските клубови во Бугарија и бугарските во Македонија би биле именувани според познатата компромисна и целосно безлична форма во Преспанскиот договор, па така да бидат регистрирани како клубови на Првата страна и оние на Втората страна? Сé со цел да се избегнат дискусиите околу културните и националните различности и нивното европско обединување.

Во многу земји во светот постојат македонски здруженија и клубови, меѓу кои голем број едноставно го носат името на татковината, Македонија, или, пак, имињата на познати македонски историски личности. Во Шведска, на пример, македонските здруженија „Македонија“, „Гоце Делчев“, Даме Груев“, „Питу Гули“, „Кочо Рацин“ се основани под тие имиња пред педесетина години, а и ден денес функционираат како македонски здруженија. Дали таквите именувања, уште во периодот на СФРЈ, биле резултат на иницијативите на самите македонски иселеници, или, пак, препораките и сугестиите за избор на имињата дошле од страна на тогашните надлежни институции во Социјалистичка Република Македонија, е помалку важно, гледано од денешна перспектива.

Но прашањето што останува отворено е дали, според денешните искривоколчени политички поимања, најдобро решение што би можела да го понудат македонските владини кругови би одело на линија таквите именувања на клубовите во дијаспората да се одвиваат во духот на наједноставно можно решение. На пример, Македонски клуб 1, клуб 2, клуб 3 итн. Неутралноста и поттурнувањето настрана на чувствителните историски теми се чини е најдоброто решение за кое се определува актуелната македонска влада, а и не предизвикува главоболки, посебно сега кога треба да се забрза македонскиот пат кон евроинтеграциите.

Во периодот на Студената војна од разни центри беа лиферувани политички вицови со значајна доза на црн хумор, чие осило неретко откриваше прикриени претензии во меѓународните односи. Еден од најгрдите вицови на Балканот, што зачестено можеа да се слушнат некаде во периодот пред паѓањето на Берлинскиот ѕид и Железната завеса, гласеше отприлка вака: „Што се добива откако ќе се избања Македонец – када со валкана вода и чист Бугарин“.

Проблемот е што во актуелниов миг ваков вид одвратна црнохумористична инвентивност поминува низ политичка призма во која веќе нема никакви прикриени пораки. Официјална Софија денес применува државна политика со искличително високо ниво на притисоци и уцени, со цел да ја „филтрира“ историјата на својот западен сосед, така што со отстранување на насобраната национална идентитеска нечистотија на показ на меѓународната јавност ќе се појават неговите чисти „бугарски корени“.

Основен стремеж на фашизмот отсекогаш бил да се фалсификува историјата, да се препишува и корегира историографијата според сопствени видувања. И Адолф Хитлер и Мусолини ги изградиле своите движења врз преформулирање и разубавување на сопствената национална или етничка историографија, наметнувајќи се потоа како гаранти за повторното раѓање на тие разубавени времиња.

Во Европа во последните години зачестија изборни победи на екстремни десничарски партии. Многумина овој десничарски ветер го нарекуваат враќање на фашизмот. Но, дали она што го гледаме денес навистина е исто како она што се случило во Италија на Бенито Мусолини или во нацистичка Германија? „Историјата не се повторува, туку се римува“ е цитат што апокрифно му се припишува на Марк Твен. Социолошкиот нестор Зигмунт Бауман го велеше истото: варијациите на одредени теми изгледаат предодредени да се повторуваат низ историјата.

Прашањето е, всушност, дали фашизмот денес се враќа во мода, така што се употребува во острите напади против политичките противници? Во такви услови Брисел веќе се соочи со сериозни проблеми во обидот да им наметне на европските држави политика што е во спротивност со нивните културни и економски традиции. Веќе е раширено сознанието дека европската соработка мора да биде превреднувана , при што ќе бидат земени предвид интересите на сите земји. Унија која поаѓа од централизирана бирократија, која единствено поставува услови и обврски, не може да смета на долга иднина.

Од европските политичари сега се ночекува да размислат дали централно управуваната ЕУ е иднината на Европа, или, пак, континентот треба да се состои од национални држави кои соработуваат врз основа на принципите на самоопределување.

Во таков случај би морала да заврши реториката на фашизмот и едновремено да се прашаат сите држави во Европа како треба да изгледа идната соработка.

Во таа смисла, тоа што Бугарија моментно го злоупотребува своето членство во ЕУ за да наметне претстава дека нејзините државни и национални интереси мора да се заштитат преку „филтрирање“ на македонската историја и нејзино постепено претопување во „заедничка“, но, пред сé, бугарска историографија, е невиден цинизам и лицимерие врз кое се потпира наводното градење на добрососедски односи. Но од печатот на цинизам треба да се ослободи и ЕУ, која ноншалантно ги следи и недоволно реагира на бугарските неразумни уцени. Доколку навистина сака да ја прими Македонија, и целиот Западен Балкан, во членството на ЕУ.

Македонија од своја страна веројатно би можела да се воздржи и да не ја потсетува Софија на нејзиното фашистичко и окупаторско минато, доколку Бугарија, наместо егоизам, покаже малку добра волја за да престане со агресивните напори за разубавување на најмрачните страници од сопствената национална историја.

 

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close