Клучни лекции од историјата: Дали Иран е суецката криза на Трамп
БИ БИ СИ
Војната што Соединетите Американски Држави и Израел ја почнаа против Иран на 28 февруари се чини дека стана предвидлива во својата непредвидливост.

Не е изненадувачки што најавите на американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи дополнително ја поттикнуваат нестабилноста и ги потресуваат светските пазари, дури и ако тоа е само за кратко време.
Но, коментарите на Трамп не се единствениот фактор што го одредува текот на оваа војна – се чини дека и историјата игра значајна улога.
Во неделите по почетокот на конфликтот, експертите сè повеќе се осврнуваат на минатото за да ги разберат потресите и да се обидат да предвидат во која насока би можела да се развие ситуацијата.
Постојат многу примери, но се издвојуваат три клучни историски настани.
Суецки канал
Откако јеменските Хути, кои го поддржуваат Иран, лансираа бараж од ракети кон Израел на 27 март, за прв пат од почетокот на американско-израелската војна против Иран, се отвори нов фронт во конфликтот.
Влегувањето во конфликтот на оваа моќна сила што го поддржува Иран предизвикува страв од дополнителни нарушувања во светската економија, бидејќи вооружената група има капацитет да го нападне морскиот сообраќај во Црвеното Море, особено во Суецкиот Канал.
Иако не можат да го блокираат овој клучен воден пат, низ кој минуваат околу 30 проценти од светските товарни бродови и приближно 15 проценти од вкупната светска трговија со стоки, тие можат сериозно да го попречат пристапот до каналот.
Кога на тоа ќе се додаде нестабилноста што ја создава Иран во клучната Ормуска Теснина, експертите предупредуваат дека последиците за светската економија би можеле да бидат катастрофални.
Во ваков контекст, аналитичарите ја наведуваат Суецката криза од пред 70 години како важна лекција за можните пошироки последици од војната што моментално се води на Блискиот Исток.Кога египетскиот претседател Гамал Абдел Насер го национализираше Суецкиот канал во 1956 година, тој ја презеде контролата врз еден од клучните светски патишта за превоз на нафта.
Како одговор, Франција, Обединетото Кралство и Израел се обидоа, но неуспешно, да ја вратат контролата врз каналот.
За Трамп и неговиот сојузник израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, историјата нуди отрезнувачки примери.
„Повеќе од сè друго, тоа го означи крајот на времето на Велика Британија како светска сила“, вели уредникот за надворешна политика на Би-Би-Си, Џереми Боуен.
„Велика Британија имаше империјална доминација на Блискиот Исток уште од Првата светска војна, а ова беше почетокот на крајот на тоа“.
Сегашните тактики што ги користат Техеран и Хутите – ограничување на пристапот до клучните артерии за светската економија – потсетуваат на одговорот на Насер од тој период.
До моментот кога англо-француските сили се истоварија на северниот дел од Суецкиот канал, Насер потопи десетици бродови, со што го блокираше каналот и практично ја прекина клучната врска на Европа со нафтените полиња во Персискиот Залив, истакнува американскиот историчар Алфред В. Мекој.
Тогашниот американски претседател Двајт Ајзенхауер, загрижен за можното проширување на опасниот фронт на Студената војна со Советскиот Сојуз, исто така интервенираше и ги принуди Велика Британија и Франција да се повлечат.
„До тој момент … Велика Британија беше под санкции на Обединетите нации, нејзината валута беше на работ на колапс, нејзината аура на империјална моќ исчезна, а нејзината светска империја почна да исчезнува“, пишува Мекој.
Сепак, паралелите со денешниот конфликт не се целосни, вели Боуен.
„Не ја споредувам нужно моќта на САД каква што е сè уште денес со состојбата на Велика Британија по Втората светска војна.“
„Но, сакам да кажам дека сите големи сили имаат свои подеми и падови.
„А со оглед на подемот на Кина, ако во иднина луѓето почнат да зборуваат за опаѓањето на американската моќ, историчарите би можеле да гледаат на оваа војна како една од попатните станици на тој пат, како војна што е почната без доволно размислување за последиците“.
За да ги разбереме можните последици, корисно е да се погледнат и други лекции од историјата во изминатите 70 години.
Нафтената криза од 1973 година
Во следните децении, се повтори блокирање на клучните економски текови со цел да се нанесе максимална штета, и затоа тоа сега беше предвидливо, сметаат аналитичарите.
Еден од највпечатливите примери се случи помалку од 20 години по неуспешната суецка интервенција.
„Војната меѓу Израел, Египет и Сирија избувна во 1973 година.
„Тоа беше изненадувачки напад од страна на Египет и Сирија врз Израел, таканаречената Јом Кипурска војна (исто така позната како Рамазанска и Октомвриска војна).
„А Американците го вооружуваа Израел“, вели Боуен.
„После тоа, арапскиот свет возврати со воведување ембарго кое драстично ја зголеми цената на нафтата и предизвика голема штета на Западна Европа.“
Тогашниот министер за нафта на Саудиска Арабија, шеикот Ахмед Заки Јамани, отворено зборуваше за тоа како ресурсите како нафтата, поради нејзиното влијание врз светските пазари, би можеле да се користат како средство за политички притисок.
Тој ја опиша значајната контрола на арапскиот свет врз производството на нафта како „нафтено оружје“ кое може брзо да ги „скрши“ светските економии.
Ембаргото траеше пет месеци, но експертите велат дека неговите ефекти се чувствуваа цела деценија.
На пример, инфлацијата нагло се зголеми во САД, како и во земјите кои во голема мера зависат од нафтата за индустриско производство, а се зголемија и каматните стапки бидејќи централните банки се обидуваа да го ограничат порастот на трошоците за живот.
Иако нафтата како стока денес не е толку доминантна во светот како што беше пред повеќе од 50 години, нејзиното учество во вкупната светска побарувачка е помало отколку што беше тогаш, а инвестициите растат во поразновидни извори на енергија, особено на Запад, таа сè уште е клучен ресурс.
Настаните од 1973 година и периодот по таа криза нудат важни пораки за Доналд Трамп.
Иако САД денес произведуваат повеќе енергија отколку што трошат, за разлика од пред половина век, тие сè уште увезуваат значителни количини сурова нафта и затоа се чувствителни на цените на нафтата што се тргува на светскиот пазар.
Тоа на крајот непосредно би се одразило на потрошувачите во САД.
Покрај тоа, земјата би можела да биде погодена и индиректно, преку притисоци врз нејзините клучни трговски партнери во Азија, кои немаат толку диверзифицирано снабдување со енергија и се најпогодени од сегашниот недостиг на нафта.
„Она што се случува сега не е дека Саудијците, Емиратите и другите нема да им продаваат нафта на своите клиенти во Европа“, вели Боуен.
„Туку Иран, а потенцијално и Хутите, многу отежнуваат таа нафта воопшто да стигне до нивните пазари.“
„Нафтата е исклучително важна.
„Ако ги прекинете тие извори на снабдување, ќе предизвикате многу нарушувања во светот“.
Ирачко-иранската војна
Историчарите велат дека војната меѓу Ирак и Иран, која го одбележа поголемиот дел од 1980-тите, му нуди на Трамп понови и поубедливи историски примери за тоа како противниците на Вашингтон можат да блокираат клучни економски артерии.
Во подоцнежните фази од таа војна, поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина беше цел на напади и од Техеран и од Багдад, бидејќи тие се обидуваа, според аналитичарите, да ги вовлечат големите светски сили во конфликтот.
Кон средината и крајот на 1980-тите, нападите станаа толку интензивни што Кувајт побара меѓународна помош за безбедно поминување на неговите бродови низ теснецот.
Вашингтон се согласи, не сакајќи да биде претекнат од Москва, противник во Студената војна.
Операцијата за придружба на танкери, наречена Искрена намера, почна во јули 1987 година, но наскоро стана голем срам за САД кога бродот Бриџитон, кој требаше да ги штити танкерите, наиде на иранска мина на пат кон Кувајт.
Експертите велат дека инцидентот покажал колку се несоодветни капацитетите на Америка за отстранување мини во теснецот, и тој проблем беше присутен во текот на целата операција.
Ако се вратиме на денешниот конфликт, неодамнешниот повик на Трамп до другите нации да обезбедат оперативна поддршка со обезбедување поморска придружба за да ја одржат Ормуската Теснина отворена, укажува на очигледни сличности.
Меѓутоа, аналитичарите веруваат дека предизвиците за Вашингтон денес се уште поголеми, со оглед на тоа што средствата за војување се проширија – на пример, сега се користат беспилотни летала – како и фактот дека Иран повеќе не води исцрпувачка долготрајна војна со Ирак.
Историјата нуди многу лекции за сите вклучени во сегашната војна на Блискиот Исток, не само за главните учесници.
Од тоа колку внимателно ќе ги земат предвид овие лекции, веројатно во голема мера ќе зависи правецот и времетраењето на превирањата во светот.






