Книга за летот и за стрмоглавото паѓање на сонот за слободата

Кон романот „Змејови од хартија“ од Мира Оташевиќ, превод на Алида Муча, издание на „Арс ламина“, Скопје 2020

 

„Змејови од хартија“ е роман пишуван со документаристичка страст и со богати познавања на историската авангарда, со книжевна култура, со структурални драматуршки умеења, со мултимедијална наративна вештина и со многу љубов кон едно сугестивно и сестрано осветлено време. Времето на вкусувањето на творечката и лична слобода, епохата на летот на недобројните разнобојни змејови од хартија правени со страст, со уметничка креативност и со занаетчиски знаења и умеења, за заедничките школски прослави на деновите на празнување на традиционалните, но и на новосоздадените празници на „Баухаус“ – познатата меѓувоена авангардна школа за ликовни уметности, дизајн, применета уметност и архитектура, формирана во 1919 година, имено, пред точно еден век – од една младост што занесено сака и што често и успева, макар на кратко, на крилјата на имагинацијата да се вивне во небото и на тој начин да ја допре слободата.

Во романот фокусиран врз потресно возбудливиот живот на една реална личност: архитектот Селман Селманагиќ, лист од нашите некогашни гори, нам близок и според културата, сензибилитетот и чувствата, човек роден во Сребреница и потоа реализиран во Германија, еден од значајните ученици на школата на новата авангардна уметничка свест „Баухаус“ низ која продефилирале голем број денес речиси митски ликови на најзначајните уметници од европската модерна, најнапред во претхитлеровска Германија, а потоа и во небиднината на нацистичкиот период.

Под перото на Мира Оташевиќ – покрај ликот на младиот архитект – се пресоздава и, како на филмско платно, оживува светот на една цела плејада највидни носители на модерната во уметностите почнувајќи со сликарството и со архитектурата, преку фотографијата, филмот и театарот, па сè до дизајнот на предмети и на амбиент. Како на филмско платно, применувајќи сугестивни монтажни постапки, писателката ја оживува галеријата на различни, знаменити историски ликови: на авангардата во идеолошките и во политичките кругови, но, пред сè, на мечтателите, на нови естетски учења, на творците на новата, модерна и експериментална уметност и култура од првата половина на 20 век: почнувајќи од основачот на „Баухаус“, Валтер Гропиус и на другите големи фигури на таа школа на креативната слобода како Лудвиг Мис ван дер Рое, Ханес Мајер, Ласло Мохољи-Наѓи, Пол Кле, Оскар Шлемер, но и на авангардните уметници што дејствувале и пред, и надвор од неа, како Алфред Штиглиц, Казимир Малевич и Елеазар Лисицки, Георг Грос и Ото Дикс, Сергеј Ејзенштејн и Ѕига Вертов, Љубомир Мициќ и Ото Бихаљи-Мерин, Карел Тајге и Зигфрид Кракауер… Сè ѕвезди од плејадата уметници на епохата, кои веруваат во правото на индивидуален творечки сон и кои тој сон го сонуваат создавајќи дела и уметност што овозможуваат мечтаење на еден нов, подобар, отворен, унапреден, од една страна послободен, но и пофункционален и поудобен свет за живеење. Тие таа нова стварност, која, речиси, го досега идеалот на личната слобода, ја создаваат експериментирајќи и создавајќи нов естетски резон, пристап, начин на уметничко изразување во доменот на сите уметности, а оттука и во животот.

Романот во кој авторката прави омаж на експериментот „Баухаус“, таа чудесна школа на индивидуалните дарби и придонеси посветена на идејата за општо добро на сите поединци, ги претставува и нивните антагонисти, творците на мастодонтската, колективистичка, помпезна, масовна, пропагандна нацистичка парауметност; од една страна предочувајќи го впечатливиот лик на талентираната и знаменита филмска документаристка Лени Рифенштал, од другата тој на главниот архитект и урбанист на Третиот Рајх Алберт Шпер, па сè до вајарите на помпезните мускулести нацистички скулптори без лик и индивидуален карактер, Арно Брекер, Јозеф Торак, Вампе… Во романот на Мира Оташевиќ, во кој на секоја страница мајсторски се слика атмосферата на тешките времиња, се појавуваат и ликови на гротескни чудаци како тој на Пол Дефринт, Хитлеровиот учител по глума во времето на чудата на мрачната историска драма, но и нивните спротивности –  рипадниците-идеалисти на групите за отпор кон нацизмот, германските социјалдемократи и католички бискупи, кои го осудувале антисемитизмот, на „Белата роза“, движењето за ненасилен отпор кон нацизмот, или на гротескниот лик на Вилијам Патрик Хитлер, еден прагматичен и сосема дезидеологизиран роднина на фирерот, човек со ирско чувство и потекло по мајчина страна, кој ја преживеал војната, заминал во Америка и го сменил озлогласеното презиме во О’Конор, никогаш не престанувајќи да верува во егото, во профитот и да тргува пред, за време и по војната безбедувајќи си лесен живот, кој, овој пат, добрата на либералниот капитализам одново штедро му го обезбедуваат. При крајот на книгата, деловниот ирски роднина на Хитлер цинично се потсмева на занесот на идеологијата и на идеите за обезбедување општо добро, без оглед од каде и да доаѓа… откривајќи ги идеолошките и политички проекти како деловни зафати на вџасувачкиот капиталистички резон и практика, како гротеска на привилегираните, чијшто живот неказнето и безгрижно родолжува во нова средина… Тој циничен лик, чијашто драстична филозофија наеднаш ќе доминира среде големата плејада на слободните мечтатели на уметничката авангарда, верува само во капиталистичката прагма и во личната придобивка.

Цената на историскиот лом ја плаќаат само занесените со идеи. Другите се куп заслепени подвижници на невозможни проекти, од тие најблагородните, кои личат на летала од хартија, до тие најмрачните, кои небото на еден историски период го бојат во оловните бои на милитантната идеологија и репресија. На тоа небо нема место за шарените змејови од хартија на мечтателите од „Баухаус“. По него можат да летаат само челичните птици на убиствената воена машинерија. Во тоа толку различно, живописно друштво, кое мајсторски го слика, низ факти и низ сјајните градења атмосфера, во романот се вплетува и една бележита личност од нтелектуалниот живот на меѓувоена Германија, левичарската мислителка Хана Арент, позната по подвоеноста меѓу љубовта кон еден знаменит нацизиран филозоф (Мартин Хајдегер) и страдањата поради своето еврејско потекло; потоа и по речиси смирувачката идеја за „баналноста на злото“ – за некои идеја на откриениот парадокс на нацизмот – искажана во однос на поводот и на последиците од нацизмот. Хана Арент е тука како дел од нежно и богато доловена љубовна приказна на Селман Селманагиќ, главниот лик на оваа проза богата со факти и со уверливи релјефни доживувања на една исклучително возбудлива епоха полна со контрасти од секој вид и со драматични, најчесто трагични човечки контрадикции и ситуации што иронично ги приредува и ги изведува комедијата живот…

Тоа одушевено доживување на краткотрајното, а сепак, остварено вкусување на слободата во периодот на модерната, Мира Оташевиќ, една од најистакнатите современи српски писателки, го остварува чудесно сугестивно: таа применува монтажни (филмски) методи при кои документарниот пристап преминува во смел уметнички израз, фактографијата во фикција, историските ликови добиваат особена живост, топлина или на уверлив карактер, нарацијата променливост и забрзан ритам, а документаризмот се движи од епистоларни цитати, преку наведување тревожни историски факти, до фотографии што во времето на контрастите, пред сè предочуваат една млада, ентузијастичка историска стварност, а потоа и нејзиниот слом. Оташевиќ е авторка страсно врзана за периодот на историската авангарда, естетика и политика, за уметнички и социјално еманципаторската модерна од почетоците и од првата половина на минатиот, дваесетти век. Другото, според аргументот на спротивното, би било изневерување на епохата на насмевките, на радоста на експериментот и на вивнувањето во ведрото небо на личната и на креативната слобода на кои, во суштината, учи не само уметничката школа „Баухаус“ туку и целата модерна. Со идеите и со занесот што овој пат во доживувањето на авторката се слични на змејови од хартија.

Визијата за една нова, подобра и послободна социјална стварност и таа на целосната уметничка слобода во опуси не само што се разграничуваат туку и се надополнуваат. Новите идеи за градителството треба да се и имагинативно обликувани, но и функционални: тие треба да му служат на вдомувањето на работникот и на човекот воопшто, како што и нивното создавање низ експеримент и низ творештвото надвор од предубедувањата и доктрините, треба да ја слободуваат креативната фантазија на архитектите и да го подобрат секојдневниот живот на целото општество. „Баухаус“ е школа на слободните визионери и експерименти, на новите идеи, форми и вредности и место на слободно творечко и секојдневно живеење. Во неа, всушност, се учи дека сонот за подобро утре и слободната имагинација на новите форми, експериментите со старите и со новите материјали, дезени, комбинации од бои и апликации, заедно со визијата за новата, функционална, применлива уметност се слободниот лет на цело едно општество ослободено од помпезноста, ексклузивноста, малограѓанскиот морализам, поделеноста, кои ги негува развиениот капитализам. Дека новото време не се создава надвор од себе, туку во неговата слобода и – се живее…

Почнувајќи да се занимава со светот на авангардата и на ретроградноста на минатото столетие, Мира Оташевиќ одново и одново му се враќа на меѓувоеното време, како на свое митско време, на тој нејзин неотстапен книжевен хронотоп и страсно го оживува, особено во своите понови книги: во најновиот, еднакво сјаен роман „Горгони“ (2017), потоа во „Зоја“ (2012) и во, според нас, нејзиното најбогато доживеано прозно дело, во фикциско-документарниот роман „Змејови од хартија“ (2008). На тоа длабоко ја мотивира ликот на нејзиниот главен јунак, еден човек што потекнува од нашите простори, речиси случајно влезен, а потоа и целосно вовлечен во еманципаторскиот вител на средноевропската модерна: архитектот Селман Селманагиќ, роден во Сребреница (1905), студент на „Баухаус“, млад марксист, предвоен член на Германската комунистичка партија, филмски сценограф и практикант во грандиозните берлински студија на УФА во нацистичка Германија, кој своите Сцили и Харибди ги преживува под тешки услови на живот, под прогони, апсења, принудна работа и постојан животен ризик; и личност што по Втората светска војна израснува во истакнат архитект и берлински професор со меѓународно реноме, кој по војната држел предавања по архитектура не само во Источен Берлин каде што живее туку и во Грац и во Белград. Селман Селманагиќ, кој, по сопствена желба, по смртта што го снашла во Источен Берлин (1986) во време пред распадот на комунистичкиот проект во Европа, а со него и на пропаста на Германската демократска република, бил погребан во Сребреница, во неговиот, одново – само неколку години подоцна – злокобен роден крај на чијашто колосална несреќа од крајот на минатото столетие, извршена преку масовното злосторство над цивилното население, авторката реферира елиптички, затоа и уметнички впечатливо, емотивно силно, поврзувајќи го и тоа злосторство во сумата на масовните злостори на дваесеттиот век, сместувајќи го при крајот од својата приказната за една крајно возбудлива, потресна и заокружена професионална биографија; но, едновремено, и на еден колективен, недосонуван сон на една индивидуална младост, но и на младоста на една епоха, какво што, за писателката, не престанува да биде времето меѓу двете светски војни.

Во својот парадигматски роман „Змејови од хартија“ Мира Оташевиќ, впечатливо, на места занесено, на места жестоко, без анестезија, говори за необјаснивата смена на времињата: од речиси апсолутната креативна и човечка слобода достигната меѓу авангардните наставници и студенти во фазите на „Баухаус“ во Вајмар, во Десау и во Берлин, до нацистичката диктатура, која кулминира со патетичните ритуали, со гротескните тевтонски паради и идеологизми, со масовните строеви и униформирања на цело едно општество, а потоа резултира со насилство низ улиците на градовите во кои владее терор и палеж, депортации на неистомислениците во работните логори и холокаустот на Евреите што масовно, со милитантната педантност се екстерминираат во
логорите на смртта, за да продолжи со описите на ужасот на војната и на сломот на нацизмот на германска територија…

Од своите остри критички опсервации авторката не ја поштедува ни левата дехуманизирана крајност, соочувајќи го читателот со контрадикциите пред, на и по големата Октомвриска револуција, потсетува на сомнителните политички дејства и зделки на дел од револуционерите, соголувајќи ги до крајност етичките и историски изневерувања на чистата револуционерна енергија, без поштеда на идентично насилните болшевички застранувања, прогонства и убиства, на истородното авторитарно уништување на животната енергија на имагинацијата и на слободното творештво на поединецот, на плејада дејци и мечтатели за подобар свет и за
новата слободна уметност, жртвувани низ сибирските гулази… Таа уверливо и критички остро ги пишува страниците на својата проза за летот и за стрмоглавувањето на шарените змејови од хартија под ударите на луњите на историјата, кои потекнуваат од големите, колективистички авторитарни
концепти и практика, кои го развејуваат сонот, ја расцепуваат фантазијата и ја стрмоглавуваат слободата на поединецот, со тоа и слободата на цели општества…

„Змејови од хартија“ на Мира Оташевиќ е роман за сонот и за кошмарот, за духот на младоста на едно време и за подоцнежните кршења, разочарувања и разгроми на неговите учесници, за пресечениот здив на слободата на создавањето, на љубовта и на живеењето, за нејзините бирократски изневерувања и милитантни погазувања, за вивнувањето на радоста и на слободата и за нивниот драстично предизвикан пораз… Злото за кое авторката пишува низ смената на крупните планови на нејзините ликови и на тоталитаристите на историските процеси, е постојано тука: тоа само чека да биде разбудено и да го уништи автентичниот сон за слободата на човекот, за градењето и за вивнувањето на различните шарени леталата од хартија, за радоста на имагинацијата и на креацијата со кои низ духот на авангардниот карневализам, на чудесниот панаѓур на уметноста, како што го дефинира Карел Тајге, студентите и професорите на „Баухаус“ неразделно ги славеле животот, дружбата и творештвото насочени кон создавање на новата уметност и мечтаеле за новиот, подобар, не само нивни, приватен и меѓусебен, туку и најопшто споделен свет…

Во тоа, за среќа, мечтателите, можеби, делумно и успеале. Творбите, теориите, постигнувањата на тој обид да се достигне слободата остануваат и повикуваат на преоткривања еве и цело едно столетие од отворањето на процесот на „Баухаус“… Се памети и одново се враќа во живите сеќавања, како на лента што се проектира наназад, како во надреалистичкиот амбиент на берлинското кино „Одеон“ и скришните проекции на авангардните и експериментални филмови на Валтер Рутман и на Ласло Мохољи-Наѓи, на слободниот, радосен лет на змејовите од хартија на кои им е судено да пркосат летајќи низ едно оловно стежнато небо… Тоа е фикција
што инспирира, која укажува дека фантазијата е благородната субверзивна енергија на отуѓените времиња, која дава надеж дека постојат епохи во кои љубовта, креативноста, алтруизмот и слободата, и покрај сè – се, сепак, можни. Ако никако поинаку, тогаш барем како проекција на снимките вратени наназад, кога откинатиот цвет се враќа на стебленцето, кога оживуваат жртвите, кога погрешно изговорениот збор се враќа во тишината, кога човештвото се патува кон едно свое подобро време… кога слободата станува можна, макар и како илузија.

Томислав Османли

Back to top button
Close