Книгата што ја чактисав од прва
Кон „Градот што не го засакав на прва“ од Енис Хилми, во издание на Темплум, 2025 г.
“Градот што не го засакав на прва” е книга што е пишувана од лезет, дух, искуство и која (верувајте) лезетски се чита, будејќи ги притоа подзаспаните лични прашалници и носталгии, што тлеат непризнаени длабоко во секого од нас. За прв пат зимава кога прочитав кус запис од Енис на веб порталот „Окно“ (без да имам абер дека тоа набргу ќе прерасне во наградена дебитантска книга) – без најава – се најдов пријатно изненадена од стилот, писмото, светогледот и духот на Енис.
Верувајте, после толку прочитани дела – како критичар познат по својот “строг суд” – ретко можам од прва да почувствувам такво нешто. Треба навистина да постојат добри причини и “дебело” поткрепени аргументи – за да дојде до такво инстантно “препознавање” (како што тоа беше во овој случај).
Сакам да живеам во Македонија во која се пишува интелигентно, духовито, урбано, забавно и поучно – наместо оваа осредна, а претенциозна, или wanna-be проза, што се сведува на самобендисан каталог од банално раскажани анегдоти. Сакам да откривам луѓе, кои размислуваат толку широко и неоптоварено како Енис, а воедно се личносно ненаметливи, шармантни, културни и обѕирни.
Сакам што и кај нас постојат вакви Жени, доволно смели и автентични за да бидат и останат СВОИ, дури и во ноторно негостољубиви, мизогини или просто патријархални средини каква што е нашата – било да е тоа во Охрид или пак во Скопје.
Што е накусо оваа збирка раскази?
1. Книга со одлично срочен, прималив (или, како што сега по ново се вели: fishing) наслов
Во книгата на Енис е видлива (како уметничка постапка) таканаречената “негативна дефиниција” – изразена на пример уште во насловниот расказ “Градот што НЕ го засакав на прва”. Уметничката постапка се заснова врз принципот на “судрено чувство” – што нуди особен предизвик за читателот, а воедно е показател и на истенчената и слоевита (а не само еднонасочна перцепција на светот, луѓето и себеси. Оттука и личните искуства на зазорност – предизвикана од конкретни луѓе или места, дури и кога тие места се извикани европски метрополи, каков што е Берлин.
2. Во книгата на Хилми – градот функционира не само како топос, туку и како своевиден карактерен “јунак”.
Отаде и амбивалентноста на нараторот кон едно култно место (како Берлин) – наместо неговата очекувана црно бела (или апологетска) перцепција. Во книгата на Хилми е посебно истакната интер-културалноста како најзначаен признак и драгоцен атрибут на Берлин. Посебно интересен (и верувам не само за мене) е всушност фактот што Енис е Турчинка која пишува на македонски јазик за култниот германски град, трајно обележан од повоената траума, а потем и одново пресоздаден и претворен во симбол на прогресивната културна и арт сцена на Европа.
3. Книгата на Енис е посебно привлечна заради луцидното поигрување со имаголошките стереотипи.
“Берлинците знаат да делат и стан со непознати иако во станот никој не е студент” – луцидно заклучува Енис, сакајќи да ја истакне и пофали несклоноста на Германците (и не само од овој град) кон култот на “беспотребното трошаџиство”, што ни го наметна глобалниот конзумеризам денес.
4. А кога сме веќе тука – да се потсетиме на италијанскиот компаративист Армандо Њиши, кој своевремено порача: “Историјата се случува и се раскажува тогаш, кога некој мигрира и ја раскажува својата авантура”. Оттука чинот на патувањето е всушност неопходен предуслов (или фундаментална претпоставка) на чинот на раскажување и на самата нарација!
Патувањето е “по дифолт” извесна “авантура” – што според етимолошкиот корен на овој (латински) збор воедно значи и – упатеност кон Иднината (ad ventura). Кратко и јасно, според Њиши: “Авантурата треба да стане расказ, а расказот треба да биде објавен”! (“Креолизација на Европа (книжевност и миграција)”, Магор, 2013, стр 165). Токму таа и таква е наративната патека и интер-културалната авантура на Енис Хилми – која успешно и како “риба” плива низ повеќе различни јазици, места, домови и култури. Почнувајќи од Охрид и Македонија, преку Истанбул и Турција, се’ до Берлин и Германија.
5. Кога се работи за оваа книга – никако не би смеело да се изостави, ами со гордост да се истакне присуството на топосот, по име Југославија.
Иако е таа денес само имагинарен или мемориски хронотоп – Југославија е незаменлив чинител во животот и развојот на Енис Хилми, нејзините ликови и пријатели, но и на нас – сегашните и идни читатели на оваа колку љубопитна, толку и умна книга.
“Избеганите во егзил најмногу ја негуваат, почитуваат и сакаат таа земја” (овде секако се мисли на Југославија).
Она што останува посебно трогателно е секако присуството на длабок и автентичен респект кон културното наследство и “брендот” Југославија денес, во време кога многумина од оние, што таа земја некогаш (и тоа како) ги задолжила – денес ја “ишкаат” како непожелна мува од идентитетската “паларија” и наци- нарачка на денот, додека на други места во Европа – Југославија (овојпат како културен архетип и незаборавен симбол) се’ почесто и се’ повеќе се “рестартира” – благодарение на шареноликите и мозаични берлински муабети, друштва, ритуални или секојдневни практики. Дури и меѓу некои од Германците, кои по свој избор станале “Југословен со рокерска определба”.
6. Пишувањето на Енис Хилми оддишува со шарм, но и духовитост, што е навистина редок зачин во нашата книжевност.
Лично, препекав за вакви луцидни и духовити книги. Не случајно, хуморот и смислата за хумор се смета за еден од непогрешливите маркери за тестирање (и потврда) на нечија интелигенција. Оттука и германскиот филозоф Петер Слотердајк истакнува, дека “хуморот е мерка на вистината”!
А токму Енис е таков автор.
“Пристигнавме на Солунскиот аеродрим за инает именуван Македонија”.
7. Во својот модус на пишување – Енис практикува занимливи воведни реченици или описи (каков што е следниов):
“29 ноември е ден на Републиката што ја нема”.
Во својата книга Енис практикува креативна и шегобијна употреба на турцизмите (коишто се патем кажано изобилно застапени во секојдневниот говор на луѓето од Охрид, и тоа без оглед на нивната национална припадност).
“Еден бош ден со ветер од 10 милји на час…дома бев стуткана под црвеното ќебе Отекс – Охрид, стигнато овде којзнае кога и како”.
Тоа е колоквијален јазик и урбан разговорен стил – за доловување на посилен и “мангупски” сочен ефект на нарацијата.
“Од торбата опасно почнаа да замирисуваат суџуците на фул вклученото греење во автомобилот” .
Мераклиски ритам и нарација со мекам (мелодичност, скаларност, шарм и автентичност.
“Во Берлин ми се случи повторно да ја засакам Југославија која и онака многу ја сакав”.
Наместо крај – на Енис ѝ посакувам да продолжи да пишува во иднина на ваков начин!
Со душа ја чекам(е) следната книга на Енис.
Аферим, Енис!
П.С. Охрид ми е роднокрајна својштина. А Енис ми е арт (духовна и креативна) својштина
Елизабета Шелева