Книгата „Слобода“ од Леа Ипи објавена на македонски
Книгата „Слобода: созревање на крајот на историјата” од авторката Леа Ипи, едно од највпечатливите книжевни дела во последниве години, сега е достапна во превод на македонски јазик, информираат вечерва од издавачката куќа „Или-или“.
– Преводот од англиски е на Калина Малеска. Ова дело последниве три години предизвика воодушевување кај критичарите и читателите ширум светот. Книгата ја добила наградата „Ондаатје“ од Кралското книжевно друштво, наградата „Слајтли Фокст“ за најдобро прво биографско дело, била во најтесен избор за наградите „Коста“, „Бејли Гифорд“ и „Гордон Бирн“.
За книга на годината ја прогласиле: „Њујоркер“, „Вашингтон пост“, „Фајненшел тајмс“, „Тајмсовиот книжевен додаток“, „Форин аферс“, „Сандеј тајмс“ а британскиот часопис „Проспект“ ја вброил Леа Ипи меѓу десетте најзначајни светски мислители, се наведува во соопштението.
Од „Или-или“ појаснуваат дека „Слобода” е автобиографско дело што ги комбинира личната приказна на авторката со поширокиот историски и политички контекст.
– Леа Ипи на трогателен и искрен начин го опишува своето детство во Албанија за време на последните години од комунистичкиот режим и преминот кон демократија. Леа Ипи била воспитувана под строгиот режим на тоталитарна власт што им ветувала на своите граѓани иднина во совршена слобода. Но, кога падна режимот во Албанија, основите на нејзиното општество се урнаа и светот на Ипи беше изненадно прекинат. Нејзината приказна ги води читателите низ период на интензивни лични и политички превирања, додека таа го сведочи распадот на комунизмот, појавата на неолиберализмот и своето сопствено созревање, пишува во соопштението.
Со живо раскажување и длабоки размислувања, како што се додава, Ипи ја истражува длабоката контрадикторност на концептот на слободата, идентитетот и цената на промените.
– Уникатната перспектива на Ипи нуди интимно и интелектуално истражување на тоа што значи да бидеш слободен, и во теоријата и во реалноста. Книгата „Слобода” е уникатно сведоштво за растењето во турбулентни времиња и истовремено, универзална приказна за човечката потрага по смисла и слобода. Оваа книга не само што дава увид во едно специфично историско раздобје, туку и подлабоко разбирање за човечката сила и истрајност, се додава во соопштението.
Леа Ипи е родена во 1979 година во Драч, Албанија. Таа е универзитетски професор, предава политичка теорија на Лондонската школа за економија (London school of economics).
– Студирала филозофија и литература на римскиот универзитет Сапиенца, а докторирала на Европскиот универзитетски институт (EUI) во Фиренца. Објавила бројни трудови во областа на политичката теорија. Мемоарската книга „Слобода“ е преведена на над 30 јазици, се истакнува во соопштението