Книжевна вечер посветена на српското издание на романот „Страв од варвари“ од Петар Андоновски
Во кафе-книжарницата „Буква“ денеска ќе се одржи книжевна вечер посветена на српското издание на романот „Страв од варвари“ со писателот Петар Андоновски.
Како што стои во соопштението на српскиот културно-информативен центар „Спона“, на настанот свои видувања ќе дадат лекторката по скрпски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Јелена Макевиќ, преведувачката Милена Илиќ, како и книжевникот и програмски директор на КИЦ Спона, Милутин Станчиќ. Во рамки на средбата ќе се оствари разговор со Андоновски во којшто со прашања ќе може да се вклучат присутните. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.
– Романот „Страв од варвари“ е објавен во 2018 година, а во 2020 година, за него, Петар Андоновски ја доби Наградата за литература на Европската Унија, додека српскиот превод беше објавен годината потоа. Како што меѓу другите има истакнато и еден од најупатените книжевни критичари во регионот, Саша Чириќ „во романот на Петар Андоновски, најдобра е таа згусната атмосфера на нетрпеливост, потиснати тензии и безизлезни ситуации во кои, како во лудачка кошула на нормалноста, ликовите се прпелкаат во преземените улоги и наследените позиции“, стои во соопштението на КИЦ Спона.