Кој ја брише Македонија?!
Meрсел Биљали
„Кога се бориш со чудовиште, мора да внимаваш и самиот да не станеш чудовиште. А ако предолго гледаш во бездната, и тоа ќе почне да гледа во тебе“ – вели Фридрих Ниче.
Денес се одржува видеоконференција меѓу Зеленски, Трамп и лидерите на европските земји, во која ќе бидат вклучени и Велика Британија и Канада. Овие разговори претходат на планираната средба меѓу Трамп и Путин, која се очекува да се одржи за три дена (15 август) во Алјаска, што би можело да биде нова пресвртница во веќе нефункционалниот светски поредок.
Русија сега контролира над 1.200 км од брегот на Црното Море, 800 км повеќе отколку пред конфликтот. Плус брегот на Абхазија со околу 211 км, што значително ги нарушува интересите на црноморските земји, особено на Турција. Cето тоа финализирано од фабриката за производство на смрт. Русија има огромни придобивки од нафтата и гасот, а башка што регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон беа индустриското срце на Украина. А за Турција ова е веќе кошмар. Русија сега како да има потреба за да го компензира губењето на Медитеранот (по губењето на Сирија), со Балтикот и Балканот, познато како „Концепт на две мориња“ („Интермариум“), што е област што ги поврзува Балтичкото Море со Црното Море од едната страна. и со Јадранското Море од другата страна. Оттука и страв од инвазија врз трите балтички земји: Естонија, Латвија, Литванија, со цел поврзување со енклавата – Калининград.
Генералот Дејвид Петреус, поранешен директор на ЦИА, вели дека „Литванија е следната цел, за тестирање на решителноста на Западот. Со помош на хаосот, следната цел на концептот „Интермариум“, е регионот каде што лежат Словачка, Унгарија и Србија. Овие земји, иако имаат односи со НАТО (првите две се членки, додека третата има „партнерство за мир“), мазохистички уживаат во руската бруталност, оправдано влегувајќи на листата – проколнати држави.
Непризнавањето на Косово од страна на Словачка е во рамки на руско далечинско управување. Унгарија, со свој авторитарен режим, е отворен противник на западните вредности и следејќи го патот на злото ужива во „проруска неутралност“, блокирајќи, омекнувајќи или одложувајќи ги мерките на ЕУ и НАТО кон Москва. Зависноста од 80-85% од рускиот гас и поддршката на руската државна компанија „Росатом“ за инсталирање нуклеарна централа и инфраструктура во Унгарија се дополнителни факти за таква стратегија.
Токму триото Унгарија-Словачка-Србија е она што на Русија историски ѝ е потребно како повеќедимензионален клин кон источниот дел од НАТО и ЕУ, за да ја доведе во прашање евроатлантската и европската кохезија, преку дестабилизација на регионот, вклучително и Западниот Балкан. Не е случајно што трите држави – Хрватска, Албанија и Косово потпишаа воен сојуз, токму на врвот на руската агресија во Украина. Познато е дека од рускиот напад врз Украина, Србија оркестрираше седум големи инциденти со цел да предизвика воен конфликт во Косово и БиХ (следствено и со НАТО).
Литванија значително го плаши режимот на Путин, со консолидирана демократија која обезбедува 55.000 долари по глава на жител, во споредба со 14.000 долари по глава на жител што ги обезбедува рускиот граѓанин. Германија има БДП 2,2 пати поголем од Русија, иако територијално речиси 50 пати помала од неа. Башка што Германија сега е ослободена од ограничувањата од Втората светска војна, и може да создаде свој нуклеарен арсенал. „Блумберг“ мисли дека за да избегне санкции за нафта, Кремљ е подготвен да направи гест во форма на мораториум за длабински воздушни напади врз украинските градови, без да ги запре копнените напади. Затоа Кремљ се обидува да купи време правејќи минимални, дури и вештачки отстапки кон Трамп. Многу дипломати и политиколози мислат дека Путин можеби е повеќе заинтересиран за дипломатско одложување или фрагментирање на преговорите со цел да купи време, отколку за постигнување мировен договор. Но, Белата куќа смета дека „вреди да им се даде шанса на директни разговори“.
По шест месеци неуспешни напори, кога ескалацијата достигна точка каде што претседателот Трамп мобилизираше две нуклеарни подморници, и се закани со нови санкции против Русија, закажана е средба меѓу Трамп и Путин во Алјаска, (15 август), за да разговараат за договор што би ставил крај на војната меѓу Русија и Украина. Овој договор, вели Трамп со претпазлив оптимизам, би вклучувал и „територијална размена во корист на двете земји“. Украина и нејзините европски сојузници се загрижени дека Трамп и Путин може да постигнат договор без нив, а потоа ќе му го наметнат на Киев, па затоа барале двајцата претседатели да се сретнат со Зеленски, што досега Русите го одбиваат, а и да имат свое место на преговарачката маса. Затоа, вознемирени европските и украинските лидери се сретнаа со високи американски претставници надвор од Лондон, за да ја анализираат позицијата на Путин. Во нивната изјава, тие инсистираат дека прекинот на огнот треба да биде предуслов за преговори, а не руски адут за преговарање.
Европејците веруваат дека Путин бара руска контрола врз целиот регион Донбас, дури и територии што Русија не ги контролира (територии околу Херсон и Запорожје), каде што руските трупи не ја контролираат целата територија. Сепак, сè уште не е јасно дали Путин сака Украина да го предаде и критичната нуклеарна централа, што Русија моментално ги држи во замена за територијални комбинации. Според „Волстрит џурнал“, не е јасно дали Американците преговараат за замрзнување на фронтовската линија или повлекување од неа, барем делумно, што можеби би дозволило употреба на терминот „територијална размена“. Имено, овај термин е нејасен, оти Украина контролира само околу 10 км2 руска земја во Курск, додека Русија контролира околу една петтина од украинската територија. Што се подразбира под „територијална размена“ е сè уште нејасно.
Зеленски одбива да предаде територија!
Претседателот Зеленски категорично ја отфрли идејата дека Украина може да ѝ предаде земја на Русија: „Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот“, рече тој. „Секоја одлука донесена без Украина е во исто време и одлука против мирот. Овие одлуки нема да донесат ништо. Тие одлуки никогаш нема да функционираат“, заклучи тој. Освен бројните политички и воени пречки за Украина што ги подразбира оваа ситуација, се чини нема став дека Русија би прифатила какви било безбедносни гаранции што Украина би можела да ги добие од САД или Европа во замена за откажување од дел од својата територија, како и за иднината на замрзнатите руски средства. Напорите треба да бидат насочени кон тоа Русите да прифатат дека Украина мора да биде вооружена за да се спречи секоја идна руска агресија. Всушност, прашањето е „кога“, а не „дали“, Русија повторно ќе нападне – вели Зеленски.
Целта на Путин е воената победа да ја претвори во билет за враќање на Русија во клубот на големите светски сили. Но, без западно признание, ова е невозможно. Тој сака да обезбеди стратешки сојузи за економска добивка, особено со Кина и Индија, бидејќи изолацијата е опасна. Кина купува 47% од извозот на руска сурова нафта, Индија 38%, а Турција и Европската Унија купуваат по 6%. Кремљ го гледа Самитот во Алјаска како место каде што може да прогласи победа што го нема во доволна мера на бојното поле. За Путин, победата не е само освојување територија, туку и диктирање услови, прекројување граници и признавање на нова реалност. Во Вашингтон, Институтот за проучување на војната е голем песимист, бидејќи верува дека рускиот претседател сака да оди подалеку од овие територијални отстапки и има за цел да ја претвори Украина во марионетска држава. „Путин сè уште не сака да ја заврши војната и се обидува да добие билатерални отстапки од САД и да купи време“- се вели.
Други се на мислење дека доколку Трамп се согласи со условите на Путин, тоа би било повторување на Минхенскиот договор од 1938 година, кој ѝ дозволи на нацистичка Германија да ја проголта цела Чехословачка и да ја подготви Втората светска војна. Сепак, ситуацијата останува многу флуидна, и како што се зголемува глобалниот притисок, замрзнувањето на борбите се чини поверојатно. Украина останува непоколеблива во своето барање секое решение да вклучува нејзино директно учество и гаранции. Францускиот генерал Тиери Буркхард, поранешен началник на Генералштабот, вели дека по само пет години прекин на огнот во Украина, Русија повторно ќе има капацитети да биде воена закана за западните земји. Со повлекувањето на САД, европските сојузници имаат многу работа да завршат за да изградат веродостојна континентална одбрана.
Врие во Балканот!
Западниот Балкан, при секое околно кивање се добива температура. Сегашното водство на државата, свесно или не, е сериозна закана за државата и преостанати луѓе во неа, Нашите влади немале и немаат елементарна визија за развој на државата. Или немаат државнички капацитет, или немаат знаење или пак се фатени од поединци кои целата држава ја третираат за личен имот! Бројни влади (и сегашната), бесмилосно ја уништуваа утрешната вистина во име на лажното минато! Со кочијата на минатото никаде не може да се стасува. Освен во некоја далечна туѓина.
Од втора меѓу 16 држави од источниот блок останавме последна. Дури безнадежна. Секогаш ни е виновен некој друг што нè негира, што нè блокира, а бевме пред сите нив. Да имавме ум ние ќе постаневме патрони, а ние завршивме на сечија слуга. Утре ќе нè блокира Албанија, потоа некоја друга или трета држава, а ние по кој знае кој пат пак ќе плачеме за несреќната судбина што самите секој ден го креираме. Светот е уморен од нас и веќе нè препуштаат на сама себе, по диви води, а не знаеме ниту да пливаме. Некој треба да им каже барем на тој мал број луѓе што имаат небетониран мозок, дека моќни империи се распаднале „и никому ништо“! Пропадна државата на Хуните, најголема империја во историјата на ќовештвото. Пропадна Римска империја, Бабилон, Картагена (камшикот на светот), Советскиот сојуз, Југославија…
Со која сила ќе опстане Македонија.
Лесно може да ни се случи судбината на Српската Краина во Хрватска кој одбиваше широка автономија во име на државност, а сега не остана таму ниту општина. Обично, големи „патриоти“ донесуваат големи порази. За Македонија ова веќе се разговара во важни светски центри. Кога нешто не го прифаќаме како „нужно зло“, наскоро тоа почнува да ни изгледа сè повеќе како нужно, а сè помалку како зло.
Центрите на моќ се уморни од нас оти самите тие секој ден праваат некакви компромиси. А ние 35 години плачеме поради глупости што самите ги смислуваме со цел вештачки да ја зголемиме својата природна маленкост. Цели 35 години создаваме проблеми кои не сакаме да ги решаваме. Како да ни е сеедно, а од „сеедно-то“ никој се нема вратено! Сеењето етничка омраза е поопасно од газење по минско поле.