Која : Северна Македонија постигна историски напредок во својата стратешка цел, но претстои уште многу работа во клучните области


Северна Македонија постигна историски напредок кон својата стратешка цел, а тоа е евроатлантската интеграција, приклучувањето кон НАТО и конечно започнување на пристапните преговори со ЕУ, нагласува во интервју за МИА шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

Сепак, потенцира Која, земјата има уште многу работа во неколку клучни области, вклучително и спроведувањето на реформската легислатива, стратегии и акциски планови создадени да го подобрат функционирањето на институциите, како и да го подобрат квалитетот на живот на луѓето. Една од тие области е правосудниот систем.

Која, кој наскоро ќе си замине од земјава, откако го отлужи својот четиригодишен мандат, како прв човек на ОБСЕ, нагласува дека поддршката за реформите во областа на правдата останува една од приоритетните области на работа на Мисијата, вклучително и поддршка за модернизација на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка.

-Кога пристигнав во Скопје, бев изненаден од феноменот кој го споменавте, екстремно ниското ниво на доверба на јавноста во судството. Според мене, зголемена транспарентност, непристрасност и ефективно и навремено носење пресуди за случаи се клучните фактори за зголемување на довербата кај јавноста. Мора да се почитуваат принципите на еднаквост пред законот и, секако, на судиите и обвинителите мора да им биде дозволено да ја работат својата работа без никакво надворешно влијание и низ која мора да покажат личен интегритет, истакнува првиот човек на Мисијата на ОБСЕ во земјава.

Во однос на состојбата со медиумите во Северна Македонија, Која нагласува дека ситуацијата се подобрила за време на неговиот мандат, што се покажувало и со рангирањето на државата во меѓународни извештаи на оваа тема.

-Но сѐ уште постои значителен простор за напредок. Прво, целосно треба да се спроведува реформираната медиумска легислатива. Новите управни тела на МРТ и Агенцијата за медиуми не се поставени, а новинарите сѐ уште се соочуваат со тешки услови за работа, често добивајќи краткотрајни договори кои обезбедуваат мала работна сигурност. Нашата Мисија работеше напорно за да ги поддржи напорите за подобрување на безбедноста на новинарите и задоволство ни е што бројот на физички напади врз новинарите се намали во последните години, вели Која.

Тој додаде дека за жал, бројот на случаи на кибер-насилство и онлајн-насилство, особено врз новинарки, расте. -Ги охрабривме релевантните владини институции да го подобрат својот одговор во вакви случаи. Исто така работевме на подобрување на професионалните стандарди за известување и зголемена медиумска покриеност за проблемите на ранливите групи во државата, истакнува Која.

Северна Македонија следната година е претседавач на ОБСЕ, а Која во интервјуто за МИА нагласува дека тоа е огромна задача, но и чест за земјава, која беше едногласно избрана како претседавач од сите 57 земји-учеснички.

-Имам голема почит кон амбасадорот Џундев и неговиот тим во Вашата Мисија во Виена и кон тимот составен од Владата да работи на Претседавањето овде во Скопје. Не се сомневам дека ќе работат извонредно како претседавач во многу тешка и комплексна средина, потенцира Која.

За тоа кои се неговите следни ангажмани по завршувањето на мандатот во Скопје, вели дека како австриски дипломат „позајмен” на ОБСЕ во последните четири години, ќе се врати во австриското Министерство за надворешни работи.

Во продолжение следува целото интервју со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која:

Амбасадоре Која, се ближи крајот на Вашиот мандат како Шеф на Мисијата на ОБСЕ. Функцијата ја презедовте на 17 септември 2018. Што, според Вас, ги одбележа четирите години на оваа функција?

-Првата работа која ми паѓа на памет е плодната соработка која ја имавме со сите наши партнери во Северна Македонија, во владините институции, граѓанското општество како и медиумите. Потоа, помислувам на напорната работа на вработените во Мисијата, од кои повеќето се граѓани на Северна Македонија, за поддршка на реформските процеси на државата. Од сите активности кои ги спроведовме во последните четири години, најгорд сум на оние кои имаат најголем потенцијал да ги подобрат животите на граѓаните. На пример, му помогнавме на Министерството за внатрешни работи да изготви низа стратегии за професионализација на полицијата кои, ако целосно се спроведат, ќе ги зголемат безбедноста на граѓаните и еднаквиот пристап од страна на органите за спроведување на законот. Слично, ја помогнавме реформата на правосудството, преку поддршка за пишување клучни закони и за практични иницијативи како што е дигитализацијата на судовите која ќе резултира со побрза правда и поголема транспарентност. Исто така горд сум на работата за обезбедување еднаквост помеѓу жените и мажите, поддршката за напорите против корупција како и на нашиот голем проект за спречување пролиферација на мало оружје. Со последниов проект, јавноста стана побезбедна преку градење безбедносни арсенали за складирање муниција во 15 гранични полициски станици и преку зголемување на капацитетите на единицата К-9 на МВР за детектирање оружја и експлозиви.

Секако, последните четири години не може да се одминат без да се помисли на пандемијата која имаше огромен удел во животите на сите нас. Многу сум горд на одговорот на Мисијата во моментот кога настапи пандемијата. Дониравме опрема на Владата за помош на итните служби и возило на Црвениот крст во Тетово кое ќе им овозможи пристап до изолирани и тешко пристапни села. Препознавајќи дека нема да можеме да спроведеме голем дел од планираните активности поради заканата од ширење на болеста, парите наменети за тие активности ги пренасочивме и создадовме Фонд за справување со последиците од КОВИД-19. Фондот обезбеди грантови за 11 локални невладини организации за поддршка на ранливите категории погодени од пандемијата, како на пример жртвите на семејно насилство и нивните деца и лицата со попреченост.

За крај, моето време во Северна Македонија беше одбележано од искуствата во Вашата прекрасна земја. Јас сум страстен планинар и во изминативе четири години поминав многу пријатни викенди на планините низ целата земја. Со мене ќе понесам многу прекрасни сеќавања од земјата и луѓето кои ги запознав тука.

Вашиот мандат го поминавте во прилично турбулентен период за земјава – референдум за Договорот од Преспа, промената на името, членството во НАТО, пандемијата на КОВИД-19, првиот попис на населението по 20 години, ветото од ЕУ, блокадата на Бугарија, португалскиот предлог, францускиот предлог, првата меѓувладина конференција со ЕУ, но почеток на преговорите по уставните измени… Вашиот престој овде сигурно не беше здодевен. Може ли да дадете краток коментар како ја гледате земјата сега во споредба со периодот кога пристигнавте овде за првпат како Шеф на Мисијата на ОБСЕ?

-Откако пристигнав во државата непосредно пред референдумот, времињата беа предизвикувачки. Северна Македонија постигна историски напредок кон својата стратешка цел, а тоа е евроатлантската интеграција, приклучувањето кон НАТО и конечно започнување на пристапните преговори со ЕУ. Меѓуетничките односи беа мирни за време на мојот мандат, што е вистинско достигнување со оглед на поновата историја на државата. Истовремено, политичката поларизација остана висока. Владата постигна напредок во однос на реформите, отчетноста и борбата против корупцијата, имаме поранешни високи службеници осудени за корупција и двајца генерални секретари од владите по 2017 година кои се обвинети или под истрага. Во секој случај, останува уште доста работа во овие клучни области, вклучително и спроведувањето на реформската легислатива, стратегии и акциски планови создадени да ги подобрат функционирањето на институциите како и да го подобрат квалитетот на живот на луѓето.

Северна Македонија беше блокирана на својот пат кон ЕУ поради бугарското вето, по прифаќање на францускиот предлог, првата меѓувладина конференција со ЕУ се одржа во јули годинава, но за Скопје тоа не значи автоматско започнување на преговорите бидејќи преговорите ќе започнат по уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Уставот. Колку, според Вас, беше потребно ова? Тука е и говорот на омраза, тоа е една од сферите на кои се фокусирате и борбата против него е актуелна во односите Скопје-Софија како дел од затоплувањето на позициите со цел да се надмине спорот. Каде е линијата на говорот на омраза и кои алатки ги користи ОБСЕ за справување со овој негативен феномен?

-Патот на Северна Македонија кон ЕУ се покажа како долг и тежок. Сепак, вреди да се напомене дека според една неодамнешна анкета мнозинството граѓани сѐ уште го поддржува приклучувањето на државата кон ЕУ. Иако можев да видам дека постоеше длабока поларизација во општеството за прашањата поврзани со пристапот во ЕУ, се надевам дека можностите отворени со првата меѓувладина конференција ќе дадат ново чувство на енергија и цел на реформските напори. Знам дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе стори сѐ за да ги поддржи.

Што се однесува на говорот на омраза, тој често е прекурсор за кривични дела. Помошта во адресирањето на овој феномен е долгогодишен приоритет на нашата Мисија. Повеќе години работиме со Хелсиншкиот комитет за да ги регистрираме делата на криминал од омраза, а и со полицијата за да ги ангажираме младите луѓе околу потребата за толеранција. Исто така промовираме и социјална кохезија, толеранција и разновидност во училиштата преку мноштво активности.

Една од клучните улоги на Мисијата на ОБСЕ е да ги промовира меѓуетнички односи, да поддржува понатамошно спроведување на Охридскиот рамковен договор. Неодамна се прослави и 21-годишнината на Договорот. Што прави Мисијата на ОБСЕ во полето на зголемување на почитта за мултикултурализмот, мултиетничноста, различните заедници да соработуваат наместо да се сегрегираат?

-Како што споменав и претходно, меѓуетничките односи во земјата беа генерално мирни за време на мојот мандат во Скопје. Но тоа не значи дека нема предизвици. Продолжуваме да ги следиме случувањата во меѓуетничките односи низ земјата и да спроведуваме разни активности направени да ги поддржат напорите на државата за зголемување на социјалната кохезија. На пример, во последните неколку години обучивме 250 полициски службеници за вештини поврзани со полициско работење во мултиетничко општество за да можат поефективно да комуницираат со граѓаните од различни етнички групи. Промовиравме инклузивно известување од страна на медиумите за граѓаните да може да научат повеќе за другите групи во општеството и конкретните проблеми со кои се соочуваат. Веќе ја споменав нашата работа во однос на говорот на омраза и криминалот од омраза. Покрај тоа, списокот со активности кои ги имаме спроведено за да поддржиме инклузивно образование, толеранција и недискриминација е премногу долг за овде. Особено сум горд на нашиот проект „Градиме мостови”, преку кој илјадници деца на школска возраст од целата држава поминуваат време на воннаставни активности со деца од други заедници кои честопати не ги среќаваат во училишната средина.

Во септември официјално го започнавме скрининг процесот со ЕУ, појаснувачкиот, а наскоро ќе стартува и билатералниот. Сѐ што не е усогласено со европската легислатива ќе биде прочешлано. Една од сферите на работа на Мисијата на ОБСЕ е владеењето на правото, правосудните реформи, независноста на судството… Сепак, само 8 проценти од граѓаните имаат доверба во судскиот систем. Оваа реформа се чини една од најтешките. Каде го лоцирате проблемот? Каде заостанавме?

-Како што веќе споменав, поддршката за реформите во областа на правдата останува една од приоритетните области на работа на Мисијата, вклучително и поддршка за модернизација на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Кога пристигнав во Скопје, бев изненаден од феноменот кој го споменавте, екстремно ниското ниво на доверба на јавноста во судството. Според мене, зголемена транспарентност, непристрасност и ефективно и навремено носење пресуди за случаи се клучните фактори за зголемување на довербата кај јавноста. Мора да се почитуваат принципите на еднаквост пред законот и, секако, на судиите и обвинителите мора да им биде дозволено да ја работат својата работа без никакво надворешно влијание и низ која мора да покажат личен интегритет.

Пред една година, ОБСЕ, во соработка со ЕУ, започна со набљудување судски случаи поврзани со корупција и организиран криминал. Кои се досегашните наоди од овој проект? Сметате ли дека корупцијата е длабоко вкоренета во македонското општество и дека борбата против неа бара натчовечки напори?

-Во рамките на нашиот проект поддржан од ЕУ за набљудување судски случаи, досега бројот на набљудувани случаи на организиран криминал и корупција од висок профил изнесува 30, голем дел од нив се случаи на поранешното СЈО. Ние особено ја вреднуваме силната поддршка која ја добивме од правосудните институции за овој проект. Нашето набљудување на судењата се фокусира на придржувањето до гаранциите за процедурално правично судење. Во овој поглед, нашите набљудувачи идентификуваа неколку загрижувачки области, вклучително и времетраењето на судењата, лошо управување со случаи, недостиг на координација, ограниченa конфискација на имот и недостиг на финансиски и човечки ресурси. Овие забелешки се основа за опсежната работа што ја вршиме со Академијата за судии и јавни обвинители со цел да се помогне да се изградат капацитетите на судиите и обвинителите, како и нашата поддршка за подобрена координација меѓу институциите во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Последните избори кои се одржаа беа локалните избори во октомври 2021. ОДИХР излезе со препораки, се формираше и работна група во рамките на Министерството за правда со цел да се усвои нов Изборен законик. Остануваат прашањата околу една изборна единица, отворени листи… Според Вас, кои изборен модел е најдобар за Северна Македонија со оглед на спецификите на државата?

-Се надевавме дека државата ќе го искористи времето помеѓу минатогодишните избори и наредните регуларни парламентарни и претседателски избори закажани за 2024 година за да отпочне инклузивен процес за целосно изменување на изборното законодавство со цел да се вклучат препораките од ОДИХР кои се однесуваат на последните неколку избори. За жал, процесот не изгледа дека се движи напред. Штом процесот започне со полна пареа, Мисијата е подготвена да обезбеди поддршка со цел да помогне на државата да создаде поотворен, потранспарентен и подемократски изборен систем. Што се однесува до бројот на изборни единици и отворени наспроти затворени лист, не постојат прифатени стандарди на ОБСЕ за овие политички прашања. Секоја земја-учесничка мора сама да одлучи за овие прашања.

Вашата Мисија се залага за родова еднаквост, зајакнување на на жените. За жал, семејното насилство и економската зависност на жените се честа појава во Северна Македонија. Неодамна имаше и нов случај на фемицид. Статистичките податоци покажуваат дека секоја трета жена во државата страда од насилство дома, како физичко така и психолошко. Според извештајот на Мисијата на ОБСЕ, споредено со земјите од ЕУ, во Северна Македонија има трипати повеќе жени кои веруваат дека семејното насилство е приватна работа. Тие дури и го оправдуваат насилството врз нив. Како ги добивте овие податоци и што прави Вашата Мисија за подигање на свеста во државата?

-ОБСЕ спроведе регионална студија во која учествуваа речиси 2000 жени од Северна Македонија. Студијата се потпре на фокус-групи и интервјуа со експерти и жени кои биле жртви на насилство. Резултатите јасно покажаа дека родово базираното насилство останува предизвик и затоа нашата Мисија прави што може да ги поддржи националните напори за подобро справување со овој феномен. Секоја година, заедно со нашите партнери од Обединетите нации и Европската Унија, учествуваме во кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство”. За време на мојот мандат, го поддржавме и изготвувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Поддржавме истражување за жени со попреченост како жртви на родово базирано насилство и тесно работевме со органите за спроведување на законот за да ја обучиме полицијата за функционирањето на Центрите за упатување на жртвите на сексуално насилство и да го подобриме одговорот на полицијата во случаи на родово базирано насилство.

Отсекогаш сум бил поборник за идејата дека семејното насилство и родово базираното насилство не се прашања само за девојчињата и жените. Оттаму, би сакал да ја искористам оваа можност, уште еднаш, да ги повикам мажите и момчињата во државата да помогнат да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата во Северна Македонија.

Една од сферите во која работи Мисијата се медиумите. Северна Македонија се наоѓа на 57-то место од 180 земји според Светскиот индекс за слобода на медиумите од 2022 на Репортери без граници што е подобрување за 33 места во споредба со минатата година кога беше на 90-тото место. Но од Репортери без граници укажуваат дека „поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизнисмените”. Во последниот период бевме сведоци и на напади врз новинари и попречување на нивната работа. Неказнивоста останува еден од главните проблеми. Предвидени се измени во Кривичниот законик со кои напад на новинар ќе се третира како напад на службено лице. Колку се слободни медиумите во државата и колку се безбедни новинарите во Северна Македонија?

-Ситуацијата со слободата на медиумите во државата се подобри за време на мојот мандат во Скопје, што се покажува со рангирањето на државата во меѓународни извештаи на оваа тема. Но сѐ уште постои значителен простор за напредок. Прво, целосно треба да се спроведува реформираната медиумска легислатива. Новите управни тела на МРТ и Агенцијата за медиуми не се поставени, а новинарите сѐ уште се соочуваат со тешки услови за работа, често добивајќи краткотрајни договори кои обезбедуваат мала работна сигурност. Нашата Мисија работеше напорно за да ги поддржи напорите за подобрување на безбедноста на новинарите и задоволство ни е што бројот на физички напади врз новинарите се намали во последните години. За жал, бројот на случаи на кибер-насилство и онлајн-насилство, особено врз новинарки, расте. Ги охрабривме релевантните владини институции да го подобрат својот одговор во вакви случаи. Исто така работевме на подобрување на професионалните стандарди за известување и зголемена медиумска покриеност за проблемите на ранливите групи во државата.

Северна Македонија е дел од Тројката на ОБСЕ составена од земји-претседавачи и официјално претседателството ќе го започне наредната година среде предизвикувачки глобални времиња – војната во Украина, енергетската криза… Кој беше Вашиот совет до властите во државава во однос на претстојното претседателство со најголемата регионална безбедносна организација која вклучува 57 земји-членки плус 11 медитерански и азиски партнери?

-Претседавањето со ОБСЕ е огромна задача, но и чест за Северна Македонија, која беше едногласно избрана како претседавач од сите 57 земји-учеснички. Имам голема почит кон амбасадорот Џундев и неговиот тим во Вашата Мисија во Виена и кон тимот составен од Владата да работи на Претседавањето овде во Скопје. Не се сомневам дека ќе работат извонредно како претседавач во многу тешка и комплексна средина.

Војната во Украина предизвика превирања на глобално ниво, Русија го проблематизира присуството на ОБСЕ во Украина и според последните информации, Организацијата останува на украинска територија. ОБСЕ тврди дека руските сили во Украина предизвикале значителни прекршувања на меѓународното хуманитарно право и човековите права. Како ја оценувате тековната ситуација во Украина?

-Ситуацијата во Украина ја дестабилизираше европската безбедносна архитектура, ги зголеми геополитичките тензии и ја влоши постпандемиската енергетска и економска криза. Понатаму, ситуацијата во Украина исто така влијаеше и на внатрешната динамика на ОБСЕ во однос на одобрувањето на буџетот и организацијата сега се наоѓа во 10-от месец работење без одобрен годишен буџет. Две теренски мисии на ОБСЕ беа затворени кога Руската Федерација одби да се приклучи кон консензусот за продолжување на нивните мандати. Оттаму, добрата работа на нашите колеги во Украина беше ефективно прекината. Претседавачот на Организацијата, полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау и генералната секретарка, Хелга Шмид најавија планови за поддршка на Украина преку некои конкретни проекти, со поддршка од индивидуални земји-учеснички во ОБСЕ. Така, организацијата ќе остане присутна, со планови да се спроведат повеќе од 20 проекти за поддршка на украинските државни институции, граѓанското општество и граѓаните.

Кои се Вашите планови за во иднина?

-Како австриски дипломат „позајмен” на ОБСЕ во последните четири години, ќе се вратам во австриското Министерство за надворешни работи.

Back to top button
Close