Кој ја стави Македонија во „српскиот свет“ во извештајот на ЕП?
Откако Европскиот парламент го објави предлог извештајот на Томас Вајц заедно со усвоените амандмани, не престануваат изненадувањата што сѐ успеало да влезе внатре и колку соседството си бркало свои агенди, место да ги анализира реформите во нашата држава.
Колку европарламентарците при првото гласање на извештајот успеаја да му ја сменат содржината се гледа дури и од фактот што од постојните 37 членови, на крајот тој заврши со дури 86, а тоа што беше извештај од десетина странички – заврши со 26.
Но, она што најмногу боде очи е чиј интерес беше Македонија да биде ставена во „српскиот свет“, нешто каде што секогаш и била, но не во ваков политички контекст. Практично ваков колоритен извештај Македонија немала досега во ЕП, при што останува дилемата – што од тоа ќе остане или пак уште колку ќе се додаде на 7 јули, кога на парламентарна сесија ќе се гласа за него и за амандманите што треба да стигнат заклучно со задутре?
Она што е сега извесно е дека Ивајло Валчев од бугарската партија Има таков народ на Слави Трифонов излезе со „Малцинска позиција околу извештајот“. Ваквите позиции станаа практика на Бугарија во Брисел кога се решава за Македонија, бидејќи ѝ овозможуваат да се огради од сѐ што се коси со нејзините интереси околу нацијата и јазикот кај нас. Во неа Валчев инсистира дека Македонија е историски и географски регион и дека референцата „македонски идентитет“ треба да се поврзе исклучиво во современ контест, во согласност со предлогот за современ (модерен) македонски јазик – амандман што веќе е најавен за гласањето.
„Македонија како историски и географски регион е богата таписерија од култури, идентитети и јазици. Референцата за ‘македонски идентитет’ треба да се разбере строго и единствено во нејзиниот современ контекст на идентитетот на луѓето кои чувствуваат чувство на припадност кон одредена група. Таа беше формирана како процес за обликување на посебен национален идентитет преку комплициран и долгорочен напор за градење на нацијата.
Секое споменување на ‘македонскиот јазик’, кој е признаен од Европската унија преку преговарачката рамка, мора да се разбере без да се наруши едностраната бугарска декларација за официјалниот јазик на Република Северна Македонија од 18 јули 2022 година и во никој случај не смее да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија или од страна на бугарските пратеници во Европскиот парламент на ‘македонскиот јазик’.
Пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ останува целосно зависно од нејзината политичка класа. Нападите, говорот на омраза и неоправданиот судски прогон против граѓаните на Северна Македонија со бугарска свест, како и против бугарските културни институции, мора да бидат осудени и веднаш запрени“, стои во малцинската позиција што ја приложи Валчев на извештајот и која е на линија со малцинската позиција на Софија за преговарачката рамка, на која со своја позиција излезе и Македонија.
Бугарската офанзива во ЕП против Македонија, сепак, не се сведува само на јазикот и идентитетот, туку судејќи по амандманите, преку други прашања сакаат да го намалат кредибилитетот на нашата држава и да ја ослабнат нашата политичката позиција. Па, еден куп од амандманите за кои се гласаше се однесуваат на приклонувањето на нашата влада на резолуцијата на САД за Украина, како потврда дека Македонија не е усогласена со надворешната политика на Брисел и не е баш доверлив партнер, туку врти страна.
„Српскиот свет“ пак е новиот фронт со кој Андреј Ковачев ја турка нашата држава во политичка констелација, која се оценува во моментов како авторитарна во Брисел, а особено од вчера кога српската полиција одговори со апсења на протестот на студентите. Практично, зад многуприсутната реторика за штетно српско влијание врз Македонија во извештајот стои бугарски интерес околу кој се собраа и европарламентарците на ХДЗ во ЕП. Меѓу нив е и поранешниот министер за надворешни работи во хрватската влада, Давор Иво Штиер.
„ЕП изразува загриженост за таканаречениот проект ‘српски свет’ и што некои претставници на Владата на Северна Македонија го застапуваат и промовираат овој концепт; ЕП го осудува учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“, стои во овој нов момент во извештајот.
Она што е поинтересно е дека силното присуство на оценки за негативно влијание од Унгарија, Кина и од Русија во основа е резултат на внатрешна унгарска пресметка. Имено, сите овие амандмани што станаа дел од извештајот се иницирани од европарламентарка од опозициската партија ТИСА на Петер Маѓар во Унгарија, иако имаат одраз во реалноста во Македонија, но не се доминантни толку колку што се во извештајот на Вајц.
Имено, во извештајот што е објавен со амандманите сега стои дека ЕП „е длабоко загрижен што Северна Македонија и другите земји-пристапнички кон ЕУ во Западен Балкан се особено тешко погодени од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, непроѕирни финансиски текови и принудни инвестициски практики, особено со потекло од Русија и Кина; ЕП е вознемирен од улогите на Унгарија и Србија во унапредувањето на геополитичките цели на Кина и Русија и, во овој контекст, го забележува ризикот од зависност од Кина предизвикан од асиметрични договори за заем, како и неодамнешниот заем од Унгарија, кој се чини дека е набавен од Кина“.
Во друг дел исто така стои дека „неодамнешното воздржување на Северна Македонија од Резолуцијата ES-11/7 на Генералното собрание на Обединетите нации од 24 февруари 2025 година за Украина и нејзиното коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од Соединетите Американски Држави укажува на неочекувана и жална промена во нејзиното усогласување на надворешната политика“.
Натаму, во извештајот влезе и ставот дека „Северна Македонија останува цел на операции со странско злонамерно влијание, вклучувајќи ги и напорите за разбивање на општественото ткиво на земјата и претворање на анти-ЕУ расположението во оружје, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик, кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“.
Во делот за странско влијание стои и тоа дека „Кина се обидува да го прошири своето влијание преку контрола на информации, инвестициска дипломатија и принудни клаузули во договорите за инфраструктурни кредити“, за да на крајот се симнат „ракавиците“ и да се осуди отворено соработката на актуелната влада со Виктор Орбан.
„ЕП ги забележува средствата што ги добива Северна Македонија од поединечни земји-членки и добрата соработка меѓу нив; сепак, предупредува за зајакнување на сојузите со нелиберални режими“, стои јасно во пораката на ЕП, што е веќе дел од извештајот.
Во извештајот дополнително се забележува дека „одредени кинески дипломатски субјекти финансирале платени содржини и мислења во македонските медиуми без јасно етикетирање и дека анализа од 2023 година открила открила дека актери поврзани со Русија користеле српски медиумски посредници за да шират наративи непријателски настроени кон НАТО и да тврдат дека ЕУ врши притисок врз Северна Македонија да се откаже од својот идентитет“.
Во овој поглед, ЕП повикува на поддршка од институциите на ЕУ да ѝ помогнат на земјата да ги ублажи овие злонамерни ефекти, особено што според оценката, речиси 50 отсто од граѓаните на Македонија усвоиле лажни наративи за меѓународни настани, особено во врска со војната во Украина.
Бугарските европраламентарци успеаја и да ја наметнат перцепцијата за тоталитарно минато во Македонија во времето на СФРЈ, изгласувајќи ја „потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС), кои се чуваат и во Северна Македонија и во Србија“. Според овој амандман, овие архиви треба да се отворат низ целиот регион „за да може да се справи со тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западен Балкан“, нешто што сѐ уште го нема направено Бугарија, а живееше во многу пототалитарен режим од нас.
Единствено позитивно е што неколку европраламентарци без заднинска агенда успеаја да внесат став дека „ЕУ постојано демонстрира признавање на македонскиот јазик и идентитет“, покрај амандманите што јасно асоцираат на негово признавање, друг со кој се бара билатералните спорови да не се дел од процесот на преговори и трет – за овие прашања да се гласа со квалификувано мнозинство, иако остварувањето на овие принципи е научна фантастика во моментов.
„ЕП потсетува дека процесот на пристапување не треба да се користи за решавање на билатерални спорови, да се попречи напредокот на европскиот пат врз основа на заслуги или да се надвладеат пошироките стратешки интереси на Унијата, туку дека таквите спорови мора да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка; ЕП нагласува дека преговорите за пристапување треба да следат јасен пат, воден од објективни критериуми и единствено врз основа на заслуги и исполнување на критериумите за пристапување (Копенхашки критериуми), кои бараат длабински реформи во фундаменталните области, како и присуство на стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата“, стои во извештајот.
Околу јазикот стои дека „ЕП ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството и уставниот поредок на нацијата, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во извештаите за земјите и официјалните документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.
На крајот, ЕП „ги повторува своите повици за подобрување на капацитетот на ЕУ за дејствување преку реформа на нејзиното донесување одлуки, вклучително и преку воведување на гласање со квалификувано мнозинство во средните чекори во процесот на пристапување, особено на почетокот на преговорите и отворањето и затворањето на поединечните преговарачки групи и поглавја“.
Бугарските европарламентарци не успеале очигледно да го вметнат Протоколот меѓу Македонија и Бугарија како дел од документите на кои се повикува ЕП, иако поднесоа повеќе такви амандмани. Не успеаја да поминат ни нивните амандмани со кои се бара активирање на историската комисија и примена на она што договорила досега, осудите за говор на омраза наводно кон Бугарите во Македонија, за забраната на бугарските клубови, ниту барањето да се обноват заедничките славења. Она што сепак успеале е да исчезне зборот „блокада“ од преговорите на Македонија и место тоа да стои „жално одлагање“. (nezavisen.mk)