Кој беше и зошто беше убиен рускиот генерал Кирилов?

Ден по убиството на генералот Игор Кирилов, Русија соопшти дека е уапсено едно осомничено лице. Кирилов, официјално одговорен за руските нуклеарни, биолошки и хемиски сили, се здоби со репутација за ширење дезинформации.

По бомбашкиот напад врз рускиот генерал Игор Кирилов во Москва, руската тајна служба ФСБ уапсила едно осомничено лице. Како што се вели, лицето од Узбекистан признало дека било заврбувано од страна на украинската тајна служба СБУ и дека добило експлозив. Ваквите наводи не можат да се проверат од независни извори.

Медиумите во Москва информираат за две уапсени осомничени лица. Властите ги идентификувале нивните возила со помош на надзорните камери на местото на нападот, информираат весниците „Комерсант“ и „Известија“, како и порталот РБК.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека „во меѓувреме е очигледно кој дал наредба за овој терористички напад“. Според него, „повторно е потврдено дека режимот во Киев не се воздржува од терористички методи“.

Нападот се случи вчера наутро (17.12.). Жителите во станбена зграда на Рјазанки проспект во Москва слушнале експлозија и кога погледнале низ своите прозорци, виделе две тела на земјата.

Рускиот истражен комитет подоцна потврди дека жртвите се високиот по ранг генерал Игор Кирилов и неговиот помошник Илја Поликарпов. Истражните органи соопштија дека бомба била поставена во електричен скутер поставен веднаш до влезот на станбената зграда. Таа детонирала кога двајцата излегувале од зградата. Кирилов непосредно пред атентатот бил набљудуван преку камера инсталирана во возило за изнајмување во близина на неговиот дом.

Истражниот комитет отворил кривична постапка за тероризам, убиство и нелегална трговија со оружје.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Кирилов „поминал многу години систематски разоткривајќи ги злосторствата на Англосаксонците“. Претставникот на државната Дума, Евгени Ревенко ја обвини Украина за спроведување на операцијата: „Киевскиот режим … ја покажа својата криминална природа“.

Во меѓувреме, Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, ги негираше наводите за поврзаност на Киев со експлозијата.

Експлозијата во вторникот се случи еден ден откако Службата за безбедност на Украина (СБУ) во отсуство го обвини Кирилов дека наредил употреба на хемиско оружје против украинските вооружени сили.

 

Перач” на угледот на Асад

Јавната кариера на Кирилов започна во 2017 година, кога беше назначен за командант на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита. Подоцна истата година, Кирилов стана портпарол на руската влада во врска со хемискиот напад во кој загинаа десетици луѓе во сирискиот град Дума, во април 2017 година.

Во тоа време, САД, Велика Британија и Франција го обвинија режимот на тогашниот претседател Башар ал-Асад дека го извршил нападот и како одговор погодија неколку владини цели во Сирија. На брифингот организиран од Русија и Сирија во Хаг, Кирилов тврдеше дека хемискиот напад бил инсцениран.

Според него, токсичното соединение сарин било намерно додадено на некои примероци земени од местото на настанот – тврдење кое никогаш не беше независно докажано.

 

Лажни тврдења за опасни биолошки лаборатории во Украина

Лажните тврдења како она во Хаг, со Кирилов како главен говорник, зачестија откако Русија започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Во своите говори, Кирилов ги обвинуваше САД дека градат лаборатории во Украина за да развијат биолошки оружје наменето за употреба против Русија.

Според Кирилов, планот на САД бил да користат беспилотни летала за донесување комарци заразени со вирусот на жолта треска во областите каде што биле распоредени руски војници. Тој не приложи никаков доказ за обвинението. Тој, исто така, не даде никаков доказ за неговата изјава дека порастот на случаите на птичји грип во Русија се должи на миграцијата на заразени птици од Украина.

За време на неговите брифинзи, Кирилов тврдеше дека украинската армија користела токсични материи на фронтот и извршила терористички напади. Едно од неговите последни тврдења во август оваа година беше дека Украина е подготвена да употреби таканаречена валкана бомба за да распрска радиоактивна материја на сопствената територија.

 

Зошто токму Кирилов?

Германскиот политиколог и експерт за Русија Ханс-Хенинг Шредер вели дека лажните тврдења на Кирилов ги гледа како пропаганда што се користи за оправдување на неиспровоцираната војна на Русија против Украина. Шредер изјави дека целта на Кирилов била да ги убеди Русите, и внатре и надвор од Русија, дека Украина е опасна и дека руската офанзива успеала да ги спречи гнасните планови на Киев за Русија.

Шредер истакнува дека улогата на Кирилов како пропагандист можела да го привлече вниманието на украинските разузнавачки служби. Кирилов, инаку, би бил од мал интерес за украинските разузнавачки служби, бидејќи тој не командуваше оперативно со војниците и не беше одговорен за распоредување единици или системи за оружје, додава Шредер.

 

„Акт на саботажа“

Повеќе медиуми цитираат извори од СБУ кои велат дека украинската безбедносна служба навистина ја презела одговорноста за убиството на Кирилов. Ако е вистина, тоа не треба да се третира како терористички напад, според Олексиј Мелник, кој раководи со програмите за надворешна политика и меѓународна безбедност во Центарот Разумков во Киев.

„Кога две држави се наоѓаат во војна, а активен службеник на спротивставените сили е елиминиран, тоа треба да се класифицира како чин на саботажа“, вели Мелник.

Освен СБУ, постојат и други потенцијални осомничени за атентатот.

Мелник и Шредер велат дека зад убиството на Кирилов може да стои корпоративен или меѓуагенциски конфликт. Шредер смета дека убиството на Кирилов може да се гледа и во контекст на чистките во руското Министерство за одбрана (МО) кои започнаа откако Путин минатиот мај го разреши поранешниот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.

„Сигурно може да се замислат ресорни конфликти, каде што една група води заговори против друга. Но, за насилните пресметки во рамките на Министерството за одбрана, ние досега малку знаеме”, истакнува Шредер.(dw)

Back to top button
Close