Кој беше Владимир Глигоров, синот на првиот македонски претседател и виенски економист чии прогнози ги читаа европските влади
Македонија нема многу политички династии, има лекарски, има и бизнис династии, и затоа отсекогаш беше чудно што синот на претседателот Киро Глигоров, Владимир Глигоров во својата плодна научна и делумна политичка кариера, никогаш не го користеше името на својот татко чија политичка популарност ги надминуваше границите на Македонија. Веста за смртта на „младиот“ Глигоров чиј живот заврши вчера на 78 години, во Скопје беше дочекана со невообичаена рамнодушност, па дури од некои кругови со малициозно потсетување дека Владимир Глигоров никогаш не и припаѓал на Македонија, туку повеќе на Србија.
Кај нас каде што стана практика да се користат врски и познанства за вработувања, лечење, кариери, бизниси, тешко може да се поверува дека претседателскиот син решил да изгради дистанца со Македонија токму поради славата на неговиот татко кој беше претседател на државата а и претходно беше на високи функции во југословенската федерација, и дека можеби со неговото отсуство од Скопје Владимир дал шанса некој друг без политичко педигре да зачекори во високите кругови на Македонија.
Но сеедно, станува збор за маркантна личност чие име се поврзува со Македонија и чии економски анализи и прогнози со внимание ги читаа сите европски влади, затоа што слично како и неговиот татко, Владимир се карактеризираше со смирен и студен поглед на нештата, ослободен од емоции, пласирајќи ги немилосрдно своите ставови со едноставни и разбирливи зборови.
Владимир Глигоров е роден 1945 година во Белград во време кога неговиот татко Киро Глигоров е важна личност во југословенската федерација. Веќе од крајот на Втората светска војна, Киро Глигоров доби важна улога во комунистичкото движење што ќе одбележи голем дел од неговата кариера – чувар на македонските, а потоа и на југословенските финансии. Тој стана министер за финансии уште во 1948 година и на таа функција остана четири години, за да се врати на функцијата во 1962 година како Сојузен секретар за финансии со клучна задача да го реформира економскиот систем на комунистичка Југославија.
Паралелно со политичката кариера на неговиот татко, Глигоров јуниор завршува додипломски и магистерски студии по економија во Белград, а докторирал во 1977 година на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Работел на Универзитетот во Белград, а од 1994 година се вработува во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде што работеше до крајот на животот.
Од Виена најмногу се занимаваше со Западен Балкан, особено со Македонија, Србија, и Црна Гора, како и со макроекономски анализи и финансиски пазари. Владимир Глигоров беше и постојан соработник на Oxford Analytics, меѓународна консултантска фирма која обезбедува стратешка анализа на светските настани. Пишувал за Wall Street Journal и за бројни дневни весници и списанија во Југоисточна Европа.
Во светот е познат по книгата „Зошто земјите се распаѓаат? Случајот Југославија“, а во Македонија по бројните економски и политички прогнози кои не секогаш се совпаѓаа со желбите на елитите кои го наследија неговиот татко.
Неговиот поглед кон тоа што ја очекува Македонија до 2030 година, за кога патем сегашната Влада си постави цел да ја внесе во ЕУ, гласи: „Со демографијата на Македонија и на целиот Балкан не е лесно да се постигне економски раст од 5 проценти на подолг рок. Потребни се јавни вложувања во инфраструктурата и во образованието за да се зголеми вработеноста и да се издигне продуктивноста на повисоко ниво. Треба да се помогнат новите фирми и оние кои соработуваат со странство. Дигиталното стопанство би помогнало да се задржат помладите ако не и да ги апсорбира затоа што можат да работат за странски фирми од дома и за повисоки плати“.
Навраќајќи се на неговата книга за распадот на Југославија, хрватски „Пешчаник“ ќе раскаже интересна приказна дека Владимир Глигоров ја напишал оваа книга на англиски, пред 20 години, на северот на Европа, сосема осамен во стариот универзитетски град Упсала, Шведска. „Во 1994 година книгите сè уште се пишуваа, а војните од деведесеттите беа во полн ек: на војната во Босна и немаше крај, а војната во Косово сè уште припаѓаше на далечната иднина. Како една од првите студии за распадот на Југославија, книгата Зошто земјите се распаѓаат – случајот на Југославија имаше огромно влијание врз западните автори кои се занимаваа со оваа тема“.
Во Македонија освен што ги пренесоа неколкуте куртоазни изрази на сочувство по повод смртта на Владимир Глигоров, медиумите не се осврнаа на животот на оваа важна економска фигура која е директен потомок на првиот претседател на независната држава кој е најзаслужен за мирното раздружување на земјата од Југославија заштитувајќи ги на тој начин своите граѓани од крвавата разврска на северот на федерацијата.
Но Би-Би-Си на српски јазик во својот осврт по неговата смрт оцени дека Владимир Глигоров важеше за одличен познавач на процесот на економска транзиција во земјите од Југоисточна Европа, пред се во поранешна Југославија.
Владимир Глигоров ќе остане запаметен и како еден од 13-те интелектуалци кои ја обновија работата на Демократската партија во Србија во 1989 година, по враќањето на повеќепартискиот политички систем. Многу брзо по обновувањето на ДС, Глигоров ја напушти партијата.
Анализирајќи го процесот на транзиција – преминот од социјализам во капитализам во земјите од Источна Европа – Глигоров тврдеше дека нема многу смисла да се бројат првите неколку години, кои се карактеризираат со „преодна рецесија“.
Глигоров велеше и дека демократијата како нов модел се покажала како ефикасен систем каде што преку транзиција се воспоставува нова влада, со што се обезбедува легитимност на системските промени.
„Онаму каде што демократизацијата беше одложена, на пример во Србија или Русија, политичките последици беа лоши, и во однос на легитимноста и стабилноста, и всушност до денес, а не само во првите години“, анализираше тој.
Опишувајќи го политичкиот лик на својот татко како претседател на Македонија, Владимир ќе рече: „Имаше исклучителни политички и општествени способности, трпение, тој е редок човек кој преживеа се што се случуваше во Југославија – чистките беа неизбежни, луѓето се менуваа. Поседуваше силна внатрешна психолошка рамнотежа, со кого и да разговараше, завршуваше со пријателски тон“. Меѓутоа, како што објасни, неговиот татко бил незадоволен од тоа што тој учествувал во распадот на Југославија. „Тој рече дека делумно се срами што учествувал во тоа“, рече Владимир Глигоров.
За Преспанскиот договор тој ќе рече дека е добар подеднакви и за Македонија и за Грција. Грција симна една опсесија која за неа е целосно непотребна, од друга страна за Македонија е важно дека не се менува идентитетот на државата, изјави тој во интервју за МИА.
„Друго е ако си сам некаде на некоја планета па можеш сам да одредуваш и да не водиш сметка за никој друг околу себе, тоа е друго, но ако другите се нервозни не е непристојно да се направи отстапка“, порача тој.
Бурните политички случувања во регионот и во светот донесоа економска неизвесност од која стравуваат и најбогатите држави, а Глигоров со своите економски прогнози ослободени од политичка пристрасност ќе беше важен глас за излегувањето од кризата. Македонија му беше доволно важна за еден подолг период да биде и редовен колумнист на „Утрински весник“. Беше задоволство да се читаат и уредуваат неговите колумни.
Соња Крамарска
објавено на НОВА ТВ