Кој е ѓаволот?!

Една дворска дама го прашала австрискиот принц Матерних: „Дали Вашата Милост верува дека имам 40 години?“ „Како да не верувам кога ми го поставувате истото прашање 20 години“, одговорил тој.

Мерсел Биљали

Ова многу ме потсетува на нашата реалност, како некако лажно се убедуваме себеси дека 35 години имаме држава! Понекогаш, кога мислиме дека кажуваме полувистини, лесно се збунуваме која е едната половина и која е другата половина.

Но, ајде да видиме како изгледаат оние што имаат вистинска држава.

Во кинеската провинција “Чијанг ујгур“ каде што има тешки услови за живот – кинезите веќе произведуваат разновидни морски плодови, ракови и вкусни риби. Регионот каде што сонцето гори до 50 степени преку ден, а под нулата ноќе, Кинезите решија да го трансформираат во атрактивен бизнис и блага клима. Вакви негостољубиви „пустини“ без флора и фауна се 32% од територијата на Кина. Но, сега таму се случува чудо од фауна, а и од туристи од цел свет. Регионот Такламакан (во превод: „напуштено место“), голем колку Германија, со планините Тианшан, Памир, Каракорум, е претворен во „оаза“ за производство на риби, ракови и други морски плодови, но и во „бум“ туристичка атракција. „Морската вода“ доаѓа од солените реки Тарим, Јарлунг и Цангпо што извираат во Хималаји и Тибет.

Минатата година кинезите од таков чуден експериментален проект заработија над три милјарди долари. Од „мртвата природа“ создадоа туристичка атракција со вкусна „морска“ храна. Проектот „Јунан“ досега чинел околу 12 милијарди долари, но тоа е само почеток. Таму е отворен за сообраќај мостот Хуаџијанг над Големиот Кањон во провинцијата Гуиџоу, со што двочасовното патување низ кањонот е скратено на само две минути. Проектот е пример за тоа како пеколните средини се трансформираат во рај, за разлика од нас кои рајот го трансформираме во пекол.

Светот се менува со голема брзина. И црната Африка веќе не е толку црна. Таму има силен економски развој, дури и припитомување на Сахара која полека станува клучна точка во глобалната енергетска транзиција. Огромен потенцијал за искористување на пустинското сонце е проектот „DESERTEC“, со бројни соларни фарми во пустината. „DESERTEC“ веќе планира да пренесе електрична енергија во Европа преку подводни кабли, што ќе ја намали зависноста од фосилни горива кои ја загадуваат околината. Тука е и проектот „NOOR“ со капацитет од 580 MW, кој ќе биде пресвртница за Африка и Европа.

 

Јужна Азија прави економски „бум“!

Минатата година, дури седум од десет најбрзи економии на светот биле економиите на држави од Азија (Кина, Индија, Јужна Кореа, Малезија и Вијетнам). Четирите „Азиски тигри“ или „Азиски змејови“ е термин кој се користи за именување на високо развиените економии на Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и Тајван. А епитетот „Азиски лав“ е резервиран за индиското економско чудо.

Брзиот развој на Индија почнува од 2014 година, но економското чудо се случи за двата мандати на премиерот Нарендра Моди. Економија на ова држава надмина цифра од 5 трилиони долари до 2025 година. Квалитетот на новата инфраструктура на Индија е само една од многуте причини за таков економски бум. Се очекува пазарната вредност на Индија да се зголеми за повеќе од двојно до 2030 година. Индија претендира по развој да стане трета најголема во светот и ќе скокне од сегашното петто место. Планот на Моди е да го зголеми приходот по глава на жител на 4.418 долари од постојниот околу 2.500 долари во следните шест години.

Од друга страна бруто-домашниот производ на Индонезија е во постоен пораст благодарение на инвестициите. Таа бележи најголем економски раст во Југоисточна Азија, дури ја надмина и Кина! ММФ процени дека индонезиската економија ќе порасне за пет проценти и во 2025 година. Ова би значело дека Индонезија, исто така, припаѓа на групата брзорастечки азиски економии.

 

Израел: „Пустинска стаклена градина!“

Државата Израел територијално е помала од Македонија, а издржува околу 10 милиона жители, кои живеат со шест пати повисок стандард од нашиот. Иако државата веќе 75 години е во континуирана војна, таа со години забелажува силен економски раст. Само 30 отсто од нејзината територија е обработливо земјиште, но тие ја претворија пустината во плодно земјиште. Израелците можат да сонуваат за нашите полиња, а доколку ги имаа, ќе станеа земјоделска суперсила. Таму вода има слабо, па затоа мора да ја десалинизираат морската вода која ја користат по големи плантажи (системот „капка по капка“). Производството е тесно поврзано со науката и технолошките софистицирани методи за енормно зголемување на приносот и квалитетот. Израел, зимно време ја снабдува Европа со зеленчук и овошје, па заслужено го носи епитетот – „Стакленик на Европа“. Саул Сингер, авторот на книгата “The Story of Israel’s Economic Miracle“, вели: само Израелц може да го постигне тоа.

И Африка бележи силен развој!

Економски бум доживаат и неколку африкански држави кои до вчера биле племиња. Нигерија е водечка африканска економија со БДП од 477 милијарди долари, и е на врвот на листата најбогати африкански земји. „Africa News“ потенцира дека земјата треба да го зголеми своето БДП на 915 милијарди до 2028 година. По неа е Египет како втора економска сила во Африка, која многу инвестира особено во туризмот. Стапката на невработеност во Гана, пред 25 години, беше 73%, но сега е само 5%, а животниот стандард се зголеми за неверојатни 15 пати. Нејзиниот рамномерен развој во сите 216 општини е пример не само за Африка, туку и за целиот свет. Економскиот бум го следат и многу други африкански земји кои претходно беа сиромашни: Намибија, Ангола, Танзанија, Мозамбик, па дури и Етиопија, која до пред една деценија беше симбол на умирање од глад, а сега е меѓу 14-те најбрзо растечки земји на светот.

 

А каде сме ние ?!

Ние сме таму кај што бевме пред 35 години. Ние перманентно сме или пред раскрсница или пред кружен тек. Ама веќе преполовени, оти работите ги третираме со половина ум. Наместо да гледаме кон вистинската иднина ние занесени во лажното минато. Никако да се ослободиме од тоа сториски гробови да ни ја диктираат иднината! Сериозната иднина знае да биде убиена од некакво смешно минато. Во Европа, возовите патуваат со 350 км на час, во Кина и Јапонија над 500 км на час, а ние заглавени на ‘рѓосани колосеци, плачеме за тажната судбина што самите си ја нанесовме. Триесет и пет години создадовме чудни универзитети и многу аналфабети! Создадовме нестручна администрација, неписмено образование, болно здравство, и исушено земјоделство. Кинезите велат дека во таква земја би можела да издржаат 25 милиони луѓе со многу повисок животен стандард. Ние замижуваме пред украдените милијарди, a беснееме поради други јазици! Со заробен ум, стасавме до заробена држава и заробена иднина. Направивме маргиналци да станаат господари на својата среќа и на народната несреќа.

Светски познавачи на развојот, мислат дека нашата државата ќе можела да направи развоен бум со 1)модерно земјоделство и сточарство, 2)со модерен рурален туризам, 3)со современи бањски капацитети: 4)со рекреативни центри, ски центри, итн. Сето тоа пропратено со силна реклама, организирани ефтини транспорти, чартер летови итн. Државата нема никаква иницијатива, никаква понуда, ниту идеја. Австрија нема море, но приходите од туризмот се речиси како на Италија, која е опкружена со море.

Мораме да се запрашаме – што точно ни се случи што бевме престигнати од соседни земји кои беа 30 години зад нас (Бугарија, Романија, Албанија)?! Тие се во ЕУ или пред нејзините врати, а ние 35 години плачеме поради несреќната судбина што самите ја создадеме.

Државата треба во секое село и град да превиди развојни зони, да има јавни понуди достапни во кратка и едноставна постапка. Таа треба да ги едуцира младите дека земјоделството и сточарството се морална и материјална привилегија, а не инфериорност. Tие се вредности, а не потценувања. Нашите полиња во голема мера не се посеани. Недостасува основна стурчност и грижа. Огромни пространства на нашите полиња не се користат, или пак посеани со продукти кои имаат слаба цена. Кинезите се разликуваат од нас оти тие од ништо праваат сешто, а ние од сешто правиме ништо! За жал, луѓето овде, дури и кога го фалат Бога, го следат ѓаволот. Се бориме против примитивизмот со уште поголема доза на примитивизам.

 

 

Back to top button
Close