Кој е Габриел Атал, најмладиот премиер кој го имала Франција
По неколкудневни шпекулации, Емануел Макрон ја изненади Франција избирајќи го 34-годишниот Габриел Атал, кој неодамна ја презеде одговорноста за француското Министерство за образование, за нов премиер на земјата.
Атал, кој започна во институционалната политика на 23 години како вработен во Министерството за здравство, станува најмладиот премиер на Франција досега – пред социјалистот Лоран Фабиус, кој го доби првото место во владата под Франсоа Митеран во 1984 година, на 37-годишна возраст.
Новиот француски премиер ја напушти Социјалистичката партија во 2016 година за да ја поддржи претседателската кандидатура на тогашниот министер за економија Емануел Макрон. И покрај неговата постојана поддршка за претседателот, Атал никогаш не бил наведен меѓу најблиските сојузници и доверливи луѓе на Макрон.
Резимето на Атал вклучува 10-месечен мандат во 2018 година како портпарол на движењето на Макрон сега познато како Ренесанса, и две години како владин портпарол од 2020 до 2022 година.
Габриел Атал јавно се огласи како хомосексуалец набргу откако се приклучи на владата во 2018 година и јавно ја обзнани својата врска со актуелниот водач на Renew Europe и веројатен главен кандидат на ова движење за европските избори во 2024 година, Стефан Сежурне. Двајцата политички лидери повеќе не се во врска, но никогаш јавно не го потврдија нивното раскинување.
Како портпарол на владата и како министер за образовение Атал успеа да стане најпопуларен политичар во Франција според анкетата на ИПСОС од декември.
И покрај неговото искуство со работа со поранешната социјалистичка министерка за здравство Марисол Турен и неговото справување со официјалната комуникација на владата за време на пандемијата „Ковид-19“, Атал ја одби понудата да ја преземе одговорноста за францускиот здравствен систем за време на мини-реконструирањето на владата минатото лето.
По неговото назначување за министер за образование, Атал беше критикуван од некои политички противници затоа што во детството посетувал исклучиво приватни училишта. Иако признава дека имал „среќа“ кога растел, Атал исто така ги нагласил „тешкотиите“ низ кои поминал, посочувајќи го разводот на неговите родители. Таткото на Атал, филмскиот продуцент Ив Атал, почина во 2015 година.
Таткото на Атал, Ив, има туниско еврејско потекло и дел од неговото семејство било депортирано за време на Втората светска војна, според приказната на профилот на Ле Монд, бил воспитан како православен христијанин од неговата мајка која има руско потекло.
Како министер за образование, Атал тесно соработуваше со сопругата на Емануел Макрон, Брижит, поранешна учителка со големо внимание на секторот образование. Двајцата работеа најмногу на искоренување на булингот во училиштата, а француската прва дама поддржа некои од предлозите за политика на младиот министер, вклучително и неговиот обид да ги воведе задолжителните униформи за учениците.