Кој ќе го наследи Коцевски? – Советот на јавни обвинители утре треба да назначи в.д државен јавен обвинител

Советот на јавни обвинители за утре закажаа седница за избор на в.д државен јавен обвинител по оставката на Љупчо Коцевски. Претседателот на Советот Башким Бесими за ТВ21 потврди дека попладнево го добил дописот од Собранието и дека процедурите за тоа веќе се во тек.
„Ќе почнат процедурите, еве ни дојде и писмото сега на колегиум ќе закажеме седница и ќе избереме в.д. државен јавен обвинител“, вели Башким Бесими.
Околу процедурата за изборот на нов државен јавен обвинител Владата најпрво треба да достави до Собранието предлог одлука за распишување оглас, а рокот за пријавување на кандидати е 15 дена. Мислење за кандидатите треба да даде Советот на јавни обвинители. Освен општите услови при изборот предвидени се и посебни услови и тоа лицето да има најмалку 10 години стаж како јавен обвинител или судија по кривично право
„Собранието на Република Северна Македонија на предлог на Владата на Република Северна Македонија го огласува именувањето на јавниот обвинител во Службен весник и во два дневни весника најдоцна два месеца пред истекот на мандатот или веднаш по упразнувањето на местото. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето во Службен весник. Советот на јавни обвинители, на барање на Владата во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати. Владата до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител“
Како можен наследник на Коцевски во јавноста се споменуваат неколку имиња и тоа Јово Цветановски, Златко Биковски, Анита Топаловска – Исајловска и Владимир Милошески.






