Кој е Мишел Ројкинд и зошто неговиот ангажман е значаен во Чаир?

Дали Чаир, општина која со години е заробена во урбанистички хаос, конечно добива шанса за вистинска трансформација? Кандидатот за градоначалник, Бујар Османи, објави дека во тимот што ја подготвува визијата за идниот развој на општината се приклучува и светски познатиот мексикански архитект Мишел Ројкинд.

Мишел Ројкинд е едно од најреномираните имиња на современата светска архитектура. Автор е на препознатливи проекти како Музејот на чоколадото на „Нестле“, Националната кинотека XXI век и познатата пазарска зона „Mercado Roma“ во Мексико Сити. Добитник е на меѓународни признанија и гостувал како предавач на некои од најпрестижните универзитети, меѓу кои Харвард, SCI-Arc и Универзитетот во Пенсилванија. Неговото студио „Rojkind Arquitectos“ е прогласено од „Форбс“ за едно од десетте најиновативни во светот.

 

Што е визијата на Ројкинд и Османи?

Засега многу малку се знае што ќе предложи Ројкинд како урбанистичко решение, но тој во своето прво обраќање рече дека заедно со архитектонските студија SON и UNO ќе работи на модели што не се базираат само на инфраструктура, туку и на културната, просторната и социјалната интелигенција која веќе постои во Чаир. „Нашата работа ќе биде втемелена во ритмите на Старата чаршија, во заедницата и ќе се базира на секојдневните начини на кои луѓето живеат и го користат јавниот простор.“

Според информациите до кои дојдовме, Ројкинд е во напредна фаза на подготовка на визијата за Чаир и во средината на септември ќе има презентација во Скопје. Дали ова може да значи конечно некаква промена во Чаир, останува да видиме. Но факт е дека ваквиот пристап дава надеж дека можеби Чаир долгорочно ќе се спаси од хаосот во кој се наоѓа со децении.

Со децении наназад, Чаир се развиваше без план, без контрола и без визија. Просторот го моделираа бизнис интереси, додека жителите останаа со сè помалку јавни површини, зелени зони и инфраструктура. Ваквата состојба не само што ја нарушува секојдневната функционалност на градот, туку и директно влијае врз квалитетот на живот, безбедноста, социјалната интеракција и иднината на младите генерации.

Ангажирањето на Мишел Ројкинд е првпат некој сериозно да се обиде да го промени тој модел – со идеја, со искуство и со луѓе што знаат што значи урбанизам за луѓето, а не за интересите.

„Потребна ни е смела и одржлива трансформација, визија што ќе биде и амбициозна и реална. Мишел ја има таа способност, да ги претвори идеите во дела, на начин што го менува секојдневието на луѓето“, додаде Османи.

Во една изборна трка во која најчесто доминираат истрошени фрази, оваа соработка носи свежина и кредибилитет. За првпат, во Чаир се зборува за урбанизмот низ призмата на луѓето, а не како извор на корупција и хаос. И токму тоа, според Османи, е почетокот на едно ново поглавје за Чаир – поглавје на ред, план, визија и достоинство.

Back to top button
Close