Кој е новиот министер за земјоделство: Експерт за одбрана и газда на фотоволтаична централа
Премиерот Христијан Мицкоски веќе ги добил персоналните решенија од коалициските партнери Влен и партијата ЗНАМ за министерствата со кои ќе раководат во реконструираниот владин кабинет.

Мицкоски не ги откри нивните имиња, велејќи дека им остава на коалициските партнери тие да ги соопштат, но, како што додаде, за него предложените кадри од двете партии се сосема во ред.
„Да, ги имам предлозите и за новите министри од Влен и од партијата ЗНАМ, но ќе оставам, еве, тие да ги кажат, да не ги кажувам јас. За мене тие предлози се сосема во ред и очекувам да имаме уште поуспешна работа во новиот состав на Владата“, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Општина Кисела Вода.
Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, соопшти дека партијата со владината реконструкција ќе го добие ресорот Земјоделство, шумарство и водостопанство, во замена за Министерството за правда, со кое досега раководеше Игор Филков, исто така, кадар на партијата.
На министерската позиција во Земјоделство, како што рече Димитриевски, ќе биде предложен Борче Серафимовски, кој е актуелен државен секретар во ова министерство и прв човек на општинската организација на ЗНАМ во Свети Николе.
Новиот министер за земјоделство, Борче Серафимовски е сопственик на компанијата за производство на електрична енергија од обновливи „Тринити Енерџи ДООЕЛ“ формирана во март 2024 година.
Оваа компанија на седница на Регулаторната комисија за енергетика одржана на 30 декември 2025 година доби лиценца за пробна работа на фотоволтаична централа во областа на Свети Николе со капацитет од околу 3,5 мегавати (според моќност на фотопанели).
Инаку управител на компанијата е Сања Маневска Серафимовска. Оваа компанија остварила приход од 1,1 милион денари во 2025 година, а според податоците од „Company Wall“ бележи и добивка од 1.000 денари и нема вработени.
Според официјалната биографија која е објавена на сајтот на Министерството за земјоделство, Серафимовски е државен секретар во министерството. Роден е во 1982 година.
Додипломски студии завршил на Филозофски факултет во Скопје и е дипломиран дефендолог. Студирал и на Варненски Слободен универзитет „Црноризец Храбар“ во Варна, Бугарија каде што се стекнал со диплома за бизнис менаџер. На Југозападен Универзитет „Неофит Рилски“ во Благоеград магистрирал на отсекот меѓународни односи, а е докторант на Великотрновски Универзитет во Велико Трново во Бугарија на докторските студии по организациски науки.
Бил заменик претседател на Управниот одбор на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе. Напишал дека има познавања на англиски, руски и бугарски јазик.






