Кој е патријархот Кирил, „јастребот“ на Путин?

Кругот доверливи луѓе околу рускиот претседател Владимир Путин не е голем и речиси сите, на еден или на друг начин, потекнуваат или од поранешната номенклатура на КГБ или од пребогатите олигархиски редови кои, без „одобрението“ од КГБ, никогаш и немаше да станат милијардери, запоседнувајќи ги енергетските и рудните богатства на земјата. Но, едно се доверливите извршители, а друго се оние кои имаат влијание врз начинот на кој размислува Путин. Таквите, според упатените кремљолози, се бројат на прстите од едната рака.

Еден од највлијателните е Владимир Михајлович Гунџаев (75), поранешниот (од 1984 година) владика на Смоленск и Калининград, но и долгогодишен претседавач на Дирекцијата за надворешни црковни односи и постојан член на Светиот синод на Руската Православна Црква (РПЦ).

 

Од февруари 2009 година, тој е рускиот Патријарх Кирил, челникот на руското православие. На чинот на неговото устоличување во катедралната црква „Христос Спасителот“ во Москва присуствуваа и тогашниот претседател Медведев и тогашниот премиер Путин. Впрочем, самиот Патријарх нема да им остане должен, бидејќи и во 2012 и во 2018 година активно учествуваше во изборните кампањи на Путин, меѓу другото, држејќи и специјално посветени молитви за изборните победи на неговиот личен пријател Владимир.

 

ПОЛИТИЧКИ ЕКСТРЕМИСТ

 

Во деновите по руската инвазија врз Украина, за Патријархот Кирил се напишани и изговорени многу анализи, бидејќи тој е еден од најрадикалните и долгогодишни „јастреби“ во Путиновото општествено-политичко окружување. Тој е водечкиот, а и најгласниот идеолог на „рускиот свет“ – практично, пресликан во агресивната националистичка политичка доктрина за „интересните сфери“ на Путин, започната и поддржана од Кирил уште со анексијата на Крим во 2014 година и руската интервенција во Сирија во 2015 – а во своите проповеди, кои често наликуваат на радикални политички пропагандни настапи под патријарховата накитена одора, редовно алармира за „надворешните непријатели“ и за „силите на злото“ коишто го загрозуваат опстанокот на Русија. Кирил постојано повикува на потребата за „историско будење“ на рускиот народ во остварување на „историската судбина“ и за покренување на „света војна“ против западната цивилизација, базирана на „геј паради“. Во 2015 година, Путин со закон ја забрани „геј-пропагандата“ во руските медиуми

Патријархот е и најгласниот заговорник против западниот концепт на приматот на „човековите права“ во модерната демократија. Уште од 10-тиот собир на Светскиот руски народен совет – меѓународна организација што ја предводи самиот Патријарх – одржан во Москва во април 2006 година, Кирил ја пропагира тезата дека над човековите права, „диктаторски“ наметнати од Западот, стојат „верата, моралноста, светите места и татковината“. Со други зборови, човековите права можат и да се згазат доколку „верата“ или „татковината“ имаат поинакви приоритети на агендата. Според самиот Кирил, „хармонизирањето“ (како „симфонија“) на делувањето на Црквата и Државата во Русија се приоритет на неговото владеење како патријарх на РПЦ. Што, веројатно, го објаснува неговиот „морален“ однос кон руската инвазија врз братската христијанска Украина, па дури и кога тоа се прави со помош на платеници од Чеченија, Сирија и Либија.

 

Сепак, според истражувањата на јавното мислење во Русија, 72% од возрасното руско население се идентификува како православни христијани, но само 6-7% од нив (според испитувањата во 2008 година) активно ја практикуваат својата вера. Величествените руски цркви со своите прекрасни златни „турбиња“ се најчесто полупразни, но тоа не му пречи на челникот на РПЦ да ја шири агресивната руска државна пропаганда проповедајќи дека „Господовата вистина е на руска страна!“.

 

„Учењата“ на Рускиот Патријарх се сметаат за директна инспирација на тврдењата на Путин дека Украина никогаш и не постоела како независна нација и држава. Од почетокот на руската воена инвазија врз Украина, Патријархот Кирил редовно ги благословува генералите кои ја предводат руската агресија против „нацистите“ во Украина.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close