Кој е поблизок до Путин и Лукашенко: Марковски, Онишченко или вицепремиерот Стоиљковиќ?
Тео Блажевски (Вистиномер)

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја обвини најголемата опозициска парламентарна партија СДСМ дека гради и градела одлични врски со руската политика на Путин и белоруската на Лукашенко, а како доказ ги посочува фактите дека сопственик на градежна компанија што е моментално под истрага, Борче Марковски е почесен конзул на Белорусија во МКД и дека Олександар Онишченко добил македонско државјанство, што го имаше една година пред да му биде одземено. Но, споредувајќи ги фактите, владејачката партија испушта предвид дека нејзин коалициски партнер подолго време е и Демократската партија на Србите во Македонија, за чиј претседател Иван Стоиљковиќ, нема сомнение дека е поддржувач на политиката на Владимир Путин. Тој е личен пријател и со најистурениот влијателен руски играч на Балканот, Милорад Додик, како и со контроверзни личности од конзервативната српска десница со политички бекграунд во паравоените формации, како што е Бокан од почетокот на војните во Хрватска и Босна од 1991-1995 г.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција на која говореше пратеникот Миле Лефков, искомуницира со јавноста со изјави во кои може да се препознае недоследност:
Врските на Заев и Филипче со руската политика на Владимир Путин, се потврдува и со нивната блискост со почесниот конзул на Белорусија и близок соработник на Лукашенко, Борче Марковски.
Покрај доделувањето на државјанството на рускиот олигарх и осуден криминалец, Онишченко, СДС, Заев и Филипче се поврзани и со Борче Марковски, кој е под истрага за сомнителни тендери во РЕК Битола… Очигледно е дека СДС, Заев и Филипче имале добри контакти за соработка со лица блиски до Путин и Лукашенко, како што се Марковски и Онишченко… ВМРО-ДПМНЕ е заштитник на националните и стратешките интереси, и жестоко се спротивставува на руската политика промовирана од СДС на Заев и Филипче.
Образложение:
Тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека некоја партија, во случајот СДСМ е застапник на руски или белоруски современи политики во С. Македонија, а дека владејачката партија жестоко се спротивставува на руската политика, во најмала рака е недоследно, бидејќи во „равенката“ на искажаната теза на прес-конференцијата недостасуваат повеќе „непознати“, меѓу кои, заборавен е и актуелниот вицепремиер и министер Иван Стоиљковиќ.
Контекст
За да се појасни недоследноста, може да се почне токму од него, од заменикот претседателот на Владата на РСМ, Стоиљковиќ и прв човек на Министерството за односи меѓу заедниците, кое накратко е задолжено за многу важни прашања во државата за кои може да се прочита тука.
Стоиљковиќ на оваа позиција е именуван во јули 2024 г., откако, најпрво во март потпиша „Повелба за стратешко коалицирање…“ на неговата Демократска партија на Србите во Македонија (ДПСМ) со „Коалицијата Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која на изборите во мај освои 58 пратенички места. Патем, Стоиљковиќ на чело на оваа стара политичка партија во земјава, ДПСМ, е избран во 2001 година, во 2002 станува пратеник влегувајќи во тогашната коалицијата со СДСМ, од 2008 до 2016 е редовен коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, во мандатот 2016-2020 година е независен пратеник, а од 2020-2024 година, повторно е парламентарец, како лидер на партија- членка во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Стоиљковиќ под константна заштита на Мицкоски
Од самото именување на Стоиљковиќ на сегашната позиција тој чин предизвикува негодување во дел од македонските, но и албанските опозициски, ама одвреме-навреме и на партии на Албанците во власта. Не се ретки и сомневања и укажувања на нелогичности помеѓу неговата позиција во Владата и внатрешната и надворешната политика на земјата, искажувана од страна на новинари, аналитичари во дебатните емисии во медиумите и слично.
Па сепак, и покрај сите контроверзи што го следат Стоиљковиќ, тој речиси секогаш е видливо заштитуван од премиерот Христијан Мицкоски, од самиот почеток на оваа Влада.
Кога Мицкоски во Собранието го обнароди составот на новата влада во јуни 2024 година и по реакциите на ДУИ за позицијата на Стоиљковиќ, медиумите го запрашаа премиерот што тоа ќе значи за надворешната политика на земјата. Мицкоски го одбрани својот избор со следните две изјави:
Наша заедничка татковина е Македонија и очекувам сите заедно, 24-цата, но и сите оние стотици кои по вертикала ќе бидат избрани и именувани, да имаат исклучиво само промакедонски позиции и да се борат за нивната татковина Македонија. Промакедонска позиција подразбира и стратешкото ориентирање на Македонија, а тоа подразбира силен партнер во НАТО Алијансата и земја која еден ден од денеска ќе биде членка на Европската Унија (види тука)
И следната:
За позициите на господинот Иван Стоиљковиќ не би можел со вас да се сложам, можеби ќе имате можност и со него да поразговарате и тој да даде свое мислење, но јас како мандатар и како иден претседател на Владата очекувам од секој член во Владата да има исклучиво протатковински, македонски позиции (види тука и тука).
Стоиљковиќ „горел од желба“ да биде на состанокот во Приштина
Мицкоски го одбрани Стоиљковиќ и нецели 6 месеци пoдоцна(18.11.2024), кога во официјална заедничка средба на македонската и косовската влада во Приштина, во делегацијата недостасуваше Стоиљковиќ, кој претходно пак, има давано негативни изјави за статусот на Косово како држава и позитивни за политиките на Србија по ова прашање. Запрашан за причините за отсуството на Стоиљковиќ, Мицкоски одговори:
Членот на Владата, господинот Иван Стоилковиќ гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но бидејќи ние ја поместивме владината седница – требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник – поради оправдани обврски не е денеска тука. Но затоа, заменик-министерот Неждет Мустафа е тука и навистина имаше една прецизна и јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската влада. ( види тука и тука).
Светосавска академија и Додик
Премиерот заштитнички се однесуваше и минатата година по скандалозниот говор на тогашниот претседател на Република Српска Милорад Додик во Скопје, кој важи за еден од најистурените играчи на српските и руските политики на Балканот. Имено, во јануари 2025 година во Скопје на традиционалниот настан на Србите во Македонија во МНТ, во чест на светецот Сава, Додик одржа жесток говор против НАТО, ЕУ, меѓународната заедница, обесправеноста на Србите и на Русите, против Украина, и т.н. Овие зборови беа изречени пред речиси целиот државен врв, претседателите на сите позначајни партии во власт и опозиција, амбасадори и други гости, а главен организатор беше Иван Стоиљковиќ.
Запрашан за говорот на Додик, Мицкоски го осуди, а формално со изјавата на Мицкоски десетина дена подоцна, се согласи и Стоиљковиќ.
Но тоа се само последните посвежи контроверзи поврзани со актуелниот вицепремиер Стоиљковиќ. Во врска со одбележувањето на Денот на Свети Сава во земјава, и претходно во 2023 г. и три години наназад, на свечената академија Стоиљковиќ како гостин и говорник го канеше Драгослав Бокан, многу контроверзен лик од јавната сцена на Србија, уметник, политичар, но и некогашен член на паравоени единици во Република Српска (види тука и тука). Запрашан зошто, Стоиљковиќ тогаш се расправаше со новинарите дека следната година нив ќе ги прашал кого да покани на академијата во чест на Св. Сава.
Декларација за соработка на ДПСМ со Единствена Русија
А што се однесува до неговите врски со владејачката партија во Руската Федерација, Путиновата Единствена Русија, примерите се бројни, но еве, не повеќе од десетина години наназад, на покана од партијата на Путин и Димитриј Медведев, Стоиљковиќ отпатува на 15-тиот Конгрес во Москва во својство на претседател на ДПСМ, иако во тоа време бил и на чело на Собраниска комисија за соработка со Русија. Но како што вели, поканата ја смета и како лична заслуга. Барем така го најави во информативната програма тогаш ТВ Сител (види тука и тука):
Еве ја и изјавата на Стоиљковиќ за споменатата телевизија:
На конгресот на партијата Единствена Русија присутни се голем број меѓународни претставници, пратеници и политички партии од целиот свет, поранешни претседатели, присутни се земјите од евроазискиот регион, кинеската комунистичка партија… Ова само докажува дека Русија полека но сигурно се враќа на меѓународната политичка сцена, но во една сосема нова улога. Се очекува да биде потпишана и Декларација со која на Република Мекедонија и на цел Балкан би му се гарантирала територијален интегритет и суверенитет, а она што е битно за нас е тоа што таа декларација исто така и зачувување на уставното име на државата што е многу значајно за Република Македонија. Учесниците многу се интересираат за земјите од Балканот, сакаат да бидат запознаени со нивните можности како би се отворил простор за соработка, што укажува на посебностите на земјите од Балканот и интересот за соработка со нив, вели Стоилковиќ (јуни 2016 г.).
Стоиљковиќ ја потпишува и декларацијата за соработка со Единствена Русија, но и декларацијата за идните руски политики на Балканот, позната и како „Ловќенска декларација“, за што пишуваше и Вистиномер (види тука).
***
Имајќи го сето ова предвид, имајќи ги предвид и сите факти околу случајот со споменатите Борче Марковски и Олександар Онишченко и аферите поврзани со нив, се наметнува прашањето дали равенката што ја крепи тезата на ВМРО-ДПМНЕ што е предмет на оваа оценка (дека СДСМ, Заев и Филипче преку Марковски и Онишченко застапуваат руски и белоруски политики), е точна? Имено, во равенката прво недостасува тежината на блискост што ја има Стоиљковиќ со носителите на екстремно националистичките руски и српските политики, а веќе веќе две години е заменик премиер во актуелната Влада. Но не смее да се заборави и поддршката што ја има од официјалната српска власт на СНС и од претседателот Александар Вучиќ.
Во равенката недостасуваат и други факти, како што е на пример фактот дека Марковски е именуван за почесен конзул на Белорусија во Република Македонија на 19.03.2016 година (види тука). Тогаш во екот на политичката криза во земјава, владата е предводена од техничкиот премиер Емил Димитриев, именуван од владејачката ВМРО-ДМПНЕ на бегалецот од правдата Никола Груевски, а позитивната препорака за Марковски, ја дал тогашниот министер за надворешни работи поставен од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски. За сите овие и за многу други важни детали поврзани со Борче Марковски и неговите врски со Белорусија преку врските во Србија, може да се прочита во исклучително богатата со детали истражувачка сторија на Радио Слободна Европа под наслов: „Марковски компани: Тајните релации Битола-Белорусија виа Белград“, објавена во декември 2024 година.
Со други зборови, Марковски е повеќе познат по тоа што е осомничен за милионски криминали во РЕК Битола, а не поради тоа што е почесен конзул на Белорусија во земјава, застапувајќи некои компании оттаму.
И второ, дали тежината на руско српските врски на вицепремиерот Стоиљковиќ, неговите ставови кон НАТО, Косово, БиХ, војната во Украина, итн., е поголема или помала закана за внатрешната и надворешната политика на С. Македонија, од аферата со Олександар Онишченко?
Аферата Онишченко ја открија од Призма, пишуваше и Вистиномер и други медиуми, но на крај, како што констатираа уште во јануари 2023 г. колегите од Призма, аферата полека паѓа во заборав, а АНБ молчи. Тогашни шефови на службите делумно си ја платија цената, како на пример Виктор Димовски, кој не замина на амбасадорско место во Париз, исто како и рејтингот на СДСМ поради пропусти во АНБ и МВР. Но, одговорите од тогашната истрага ги нема ни до денес, иако и Агенцијата за национална безбедност(АНБ) и Агенцијата за разузнавање(АР), одамна, од 2024 г., имаат нови шефови.
Поради сите погоре наведени аргументи може да се оцени дека тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ изразено преку пратеникот Лефков за случаите на Марковски и Онишченко како доказ за проруските ставови и политики на опозицијата е недоследно.
Извори:
(04.03.2026) ВМРО-ДПМНЕ – М.Лефков/прес – [Проверено на 06.03.2026]
(2024) Владана РСМ – Земеник претседател и министер И. Стоиљковиќ– [Проверено на 06.03.2026]
(28.01.2025) Мета.мк – Македонија го славеше Свети Сава: Од пораки за мир до про-руска пропаганда – [Проверено на 06.03.2026]
(24.11.2022) Вистиномер – Контраспин: Во барањето за државјанството на Онишченко, сепак, има измама и неговата изјава е спин – [Проверено на 06.03.2026]
(03.16.2016) Сител ТВ – Стоиљковиќ на гости кај Путин и Медведев – [Проверено на 06.03.2026]
Оценил:Теофил Блажевски






