Кој е советникот Акиов, кој тргна во физичка пресметка и повреди службеничка во Кочани?
Македонската јавност остана во неверување по денешниот инцидент во Кочани, кога советникот Аки Акиов од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР) и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков, првин започнаа со вербални напади, а потоа Акиов тргна и во физичка пресметка со Стојков. Епилогот беше физичка повреда на жена, вработена во Општината како правничка, која Акимов ја погоди со шише, со кое замавна кон Стојков.
Според последните информации, потврдени од кочанскиот в.д. градоначалник Венко Крстевски за ,,Фокус”, службеничката била пренесена на лекување во штипската болница и се уште била таму каде чекала да и биде извршено уште едно снимање.
–
Околу тоа кој е Акиов, кој тргна да си ја мери физичката сила со својот политички противник, според она кое е објавено на официјалната страница на Општина Кочани, тој бил вработен како раководител на Одделението за јавна чистота во КЈП „Водовод“ – Кочани. Активно бил вклучен во сите проекти кои ја засегаат Ромската заедница.
Но, неговото име и во минатото ги полнеше медиумите. Како потсетување, пред околу три години, претседателот на ПДПР, Аксел Ахмедовски, излезе пред камери и обвини дека Аки бил хоспитализиран во кочанската болница, бидејќи по промената на власта трпел мобинг од страна на директорот на Водовод и градоначалникот на Кочани, и се наоѓал во тешка состојба поради претрпена психичка и физичка болка.
Беа објавени дури и негови фотографии од болничкиот кревет, и следеа обвинувања од неговата партија, дека бил разрешен од раководната функција во Водовод без образложение. Од Водовод пак, истакнаа дека Акимов е разрешен поради неквалитетно извршување на работните обврски.
Потоа, во 2023 година, Акиов повторно се најде во центарот на вниманието, кога до одредени медиуми достави соопштение, жалејќи се дека му било одбиено барањето да добие користење на годишен одмор.
Тогаш од Водовод за јавноста известија дека според нивната евиденција, Акиов во последните десет месеци користел боледување од дури седум месеци, како и еден месец одмор.
Истата година, тој изјави дека на тогашниот градоначалник Љупчо Папазов, лица кои добивале тендери, му носеле пари во вреќи дома, по што откако Папазов му се закани со тужба за клевета, јавно се извинуваше и истакна дека кажаното за тендерите и парите, било всушност кажано во популистичка и политичка конотација.
По денешниот инцидент кој ја згрози јавноста и повторно ги отвори прашањата околу тоа дали и колку се компетентни народните избраници за извршување на одговорни функции, се огласија и од СДСМ, од каде го осудија насилството, и порачаа дека целосно се оградуваат од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент, потенцирајќи дека не станува збор за нивни член, туку коалициски партнер.
И в. д. Градоначалникот Крстевски најостро го осуди инцидентот во Советот на Општина Кочани, и истакна дека направил се за да го спречи, што се гледало и на објавена видео снимка од Радио Кочани.
-Никој не смее да биде изложен на ваква ситуација на своето работно место, кажа Крстевски.
На прашањето на ,,Фокус” каква постапка ќе следи за инволвираните во настанот, тој одговори дека утре ќе има повеќе детали, по консултација со правната служба. Инаку, токму повредената службеничка е правничка во Општината.
Извор: fokus.mk