Кој е виновен за експлозијата на коронавирус во Гетинген?

По наглиот пораст на нови инфекции со коронавирус во една повеќекатница, на Гетинген повторно му се заканува карантин. Истовремено, започнува дискусија околу одговорноста за ширењето на заразата.

   

Раководителката на Кризниот штаб за коронавирусот во Гетинген, Петра Броиштет, општинска советничка, инаку дипломиран социјален работник, признава: „Во последно време поминав доста непроспиени ноќи, предизвикот е огромен”.

Зашто, универзитетскиот град од пред неколку дена стана жариште на коронавирус во Германија, бројот на новоинфицирани забележа скок. Гетинген со денови се движеше под работ на горната граница од 50 нови инфекции на 100.000 жители во текот на една недела, по што општините мораа повторно да преминат кон рестриктивни мерки.

Петра Броиштет со сите сили сака да спречи комплетен карантин, во градот е наложено затворање на училиштата, детските градинки и еден базен, забранети се екипни спортови и е извршено тестирање за Ковид-19 на станарите на еден старечки дом. „Како мајка која исто така зависи од згрижувањето на детето, ова не ми паѓа лесно”, вели Броиштет, „но се надевам дека ќе ја ставиме ситуацијата под контрола.”

Дали Гетинген се движи во правец на целосен карантин зависи пред сѐ од натамошниот развој во Идуна-центарот. Бетонската повеќекатница на периферијата на градот се смета за извор на масовното избувнување на коронавирус. Во подземната гаража е подигнат мобилен центар за тестирање заради избегнување станарите на пат кон клиниките да вршат натамошно ширење на инфекцијата. Медицинари и студенти по медицина во петокот и на викендот извршија тестирање за присуство на коронавирус на преку 400 станари на комплексот.

„Во Идуна-центарот моментно има 60 заразени”, објаснува Броиштет, „сите инфицирани и лицата со кои контактирале од прв степен две недели мора да поминат во карантин.” Советничката не сака да чуе за комплетен карантин на целата зграда, како што бараат некои во Гетинген: „Не можеме да поставиме огради и бодликави жици околу зградата, ова не е затвор”.

Идуна-центарот во Гетинген сега се нарекува „Корона-зграда”

Хајко, кој во Идуна-центарот живее со години, во последниве денови сепак се чувствува како затвореник – во секој случај обележан како некој крииналец, неговото цело име не сака да го објавиме. Тој, како и сите станари на станбениот комплекс, кој сега го нарекуваат „Корона-зграда”, се обвинети за одговорни за тоа што сите училишта во Гетинген повторно се затворени на една недела. „На улица ме гледаат попреку, луѓето ми довикуваат, некои дури и плукаат по мене.”

Deutschland Coronaausbruch in Göttingen Petra Broistedt Stadträtin (DW/O. Pieper)Многу непроспиени ноќи – Петра Броиштет, шеф на Корона-кризниот штаб во Гетинген

Идуна-центарот, наречен по името на фирма за осигурување која го изградила на почетокот на 1970-те, пред четврт век бил престижен објект, со станови за образовани граѓани, базен, трговски центар, бил омилен мотив на поштенските разгледници од Гетинген.

Денес се смета за социјално жариште, за дом на луѓе од работ на општеството. Двата моста, кои пред децении ја поврзувале повеќекатницата со градскиот центар и Универзитетот, се урнати – повеќе како симболичен чин.

Врската меѓу универзитетскиот град со преку 30.000 студенти и питорескната пешачка зона и повеќекатницата со нејзините 407 станови е одамна прекината. Цената ја плаќаат луѓе како Хајко: „Би сакал граѓаните на Гетинген да престанат да ги осудуваат станарите на Идуна-центарот со таква жестина.”

Потрага по одговорните за избувнувањето на епидемијата

Уште потешко од Хајко се погодени фамилиите кои во 1990-те побегнале од Косово и сега живеат во Идуна-центарот. Покрај т.н. нулта пациент од повеќекатницата, кој повеќепати ги прекршил карантинските правила и против кого обвинителството покрена постапка, Здравствената служба на Гетинген претпоставува дека приватните прослави по повод муслиманскиот рамазански Бајрам се причина за ширењето на коронавирусот, исто како и собирањето на преку 30 мажи во наргиле бар во Гетинген, при што се пушело од исто наргиле.

Последица е жолчна дебата на која на крајот има само губитници: на социјалните мрежи десничарската партија АфД подбуцнува против „очигледно дрското и игнорантско однесување на арапските фамилии”, се приклучуваат десничарски поттикнувачи на омраза со расистички изјави. Медиумите се заинтересираа за темата, се собраа во голем број пред Идуна-центарот, а станарите, чувствувајќи се претставени во лоша светлина, ги гаѓаа со зеленчук.

Фамилиите од Косово се жалат на стигматизирање и го демантираат тврдењето дека се одржувале масовни прослави. Тие критикуваат дека членовите на фамилиите биле враќани од станиците за тестирање и – истакнуваат дека нула пациентот е од друга националност, при што Здравствената служба повеќекратно ги игнорирала нивните укажувања за неговите прекршувања на карантинот.

Разнишана доверба во градот

„Во прашање е одбивност која опстојува отсекогаш, а сега доживува процут”, вели Мајнхарт Рамасвами. Окружниот пратеник од Партијата на пиратите со години се грижи за едно семејство од Косово во Гетинген. Тој стравува дека јазот меѓу градот и полицијата од една страна и станарите во Идуна-центарот ќе биде продлабочен со корона-кризата. Со тоа ќе бидат торпедирани и иницијативи како Помош за младите на Гетинген, која се грижи за семејствата и децата од поранешна Југославија.

Deutschland Coronaausbruch in Göttingen Meinhart Ramaswamy, Flüchtlingshelfer (DW/O. Pieper)За стоматологот кој бил во Ишгл медиумите не известуваа, критикува Мајнхарт Рамасвами

Односите веќе со години носат печат на недоверба: оптоварени со надвиснатите постапки за азил, несигурните услови за престој и работа и депортации во Косово. „И порано полицијата постапуваше многу ригорозно”, вели Рамасвами.

Од друга страна, комуникацијата со првата генерација, стигната во Гетинген пред 20 години, е тешка: службите не можат да допрат поради нивното недоволно познавање на јазикот, што во време на корона може да има фатални последици.

„Овде во Гетинген имавме еден стоматолог, кој бил во австрискиот Ишгл на скијање, а потоа третирал 500 пациенти. Никој не известуваше за тоа”, го  критикува Мајнхарт Рамасвами нееднаквиот и едностран однос на медиумите .

И при демонстрациите против корона-мерките или при забавата на вода на каналот во Берлин можеше да дојде до ширење на коронавирусот. Резиме на локалниот политичар: „Зграда во која живеат толку многу луѓе на тесен простор, која освен тоа е недоволно реновирана, е погодно тло за вакво избувнување на зараза.”

извор: ДВ

Back to top button
Close