Кој ги изгасна светлата во САД?
Американската политичка сцена повторно влезе во хаос. На 1 октомври 2025 година, на полноќ, САД формално ја „изгасија“ својата влада, или ја ставија на пауза, како милувате. Откако Конгресот не успеа да изгласа буџет ниту привремено финансирање за да се „закрпи“ дупката во финансиските текови, слично на повеќе претходни примери, ова беше неизбежно сценарио. Причината е позната, етаблирана, и веќе толку пати се појавува како лајт-мотив во тамошната политика, што се граничи со политичко клише: жестокиот партиски судир, овојпат поврзан со субвенциите за здравственото осигурување (познатото Obama Care), како и даночните олеснувања.
Демократите инсистираа на продолжување на владино финансирање на дел од здравствените премии, републиканците одбија – и владата повторно стана заложник на партиската математика. Сега, иако навидум овој потег изгледа како државна парализа, сепак, најголем дел од анализите се фокусираат само на тоа кој ќе биде „победник“ во политичкиот наратив – па така и ова сериозно нарушување на функционирањето на државата забрзано се претвора во политички маркетинг.
Последиците од гаснењето
Што ќе се случува во првите денови од хаосот? Најпрво, последиците ќе ги почувствуваат обичните луѓе: според некои проценки, стотици илјади федерални службеници остануваат дома без плата или ќе мораат да работат без надомест. Понатаму, вработените по аеродроми, во националните паркови, па дури (за нас најважно) во конзуларните секции на амбасадите кои одобруваат визи – сите тие го плаќаат цехот на политичката парализа. Имам впечаток дека микрокосмосот – таложењето на секојдневни проблеми во функционирањето на гласачите во САД, забрзано ќе се претворат во цунами на незадоволство, особено преку засиленото медиумско покривање, во кое ќе доминираат лични приказни (кое веќе го гледаме), а кое гледачите ќе го голтаат со засилена доза на гнев.
Втората последица е реалната оперативна блокада и застој. Дел од регулаторните процеси, инспекции, судски постапки за имиграција, па дури и некои важни медицински истражувања, се замрзнуваат. Авионскиот сообраќај ќе се затне. Голем дел од активностите на владините агенции ќе се замрзнат. Сето тоа ќе биде проследено со една канонада на меѓусебни обвинувања помеѓу Републиканците и Демократите.
Но, најважно, третата последица (онаа на која се обложуваат сега и Демократите и Републиканците), ќе биде борбата за јавната перцепција. Историјата покажува дека за секое „гаснење“, граѓаните бараат виновник. Најчесто, тоа е владејачката партијата, односно, во овој случај, онаа која има мнозинство во Конгресот на САД. Во оваа борба на „врамување“, односно на јавен наратив, Демократите веќе создаваат приказна за „заложници“ и „жртви“, додека Републиканците се обидуваат да ја претстават кризата како борба за фискална дисциплина, односно себе да се претстават како одговорни спасители на финансискиот систем на САД. Но, не е јасно кој наратив ќе успее да победи кај јавноста во следниот период.
Внатрешна драма
Во овие случаи, доколку кризата трае кусо време, штетата по рејтингот на онаа партија која гласачите ќе ја прогласат за виновна може да се контролира. Но, ако „шатдаунот“ продолжи со недели, или со месеци, штетата ќе стане сериозна. Туристичките региони, локалните економии кои се поврзани со работата и потрошувачката на вработените во федералните институции, како и бизнисите кои зависат од државни договори – сите тие секојдневно трпат директни загуби. Тоа веднаш станува изборен аргумент за секој конгресмен или сенатор кој сака да се претстави како „заштитник“ на сопствените гласачи, а такво политичко предаторство во САД има многу. Во меѓувреме, можно е да се појават и внатрешни дисонантни тонови во самата Републиканската партија, која има контрола врз Конгресот, каде поделбите (јазот меѓу тврдокорните и умерените) се сѐ подлабоки. „Хардлајнерите“ инсистираат на тврда позиција, претставувајќи ја како бескомпромисна борба за спас на фискалниот систем, додека умерените, особено оние од бизнис-ориентираните држави, се плашат од економските последици, па со тоа, и од гневот на нивните конституенти. Тоа создава внатрешна драма која има капацитет да стане уште поголема од меѓупартиската битка.
Ова изгледа како Демократите да се во подобра позиција. Но, во реалноста, сепак, се наметнува заклучок дека ваквите блокади ретко носат вистински политички победи, односно дека двете партии најверојатно ќе бидат губитници на среден рок. Најмногу, зашто нема да има јасна политичка надмоќ – ваквите блокади најчесто завршуваат со компромисен договор за краткорочно финансирање и одложување на тешките прашања за подоцна. Така било во минатото, така најверојатно ќе биде и сега. Оттаму, Демократите не треба да се надеваат на силен „ветер во грб“ од овој потег. Ова особено што дури и краткотрајно „гаснење“ има конкретни и мерливи економски последици, кои влијаат и на нивните гласачи. Кога федералните работници со неплатени сметки ќе значат помала потрошувачка, кога туристичкиот сектор ќе губи милиони, и кога регулаторните блокади ќе ја кочат инвестициската активност, гласачите ќе бидат „дарежливи“ во распределбата на вината, односно цената ќе ја платат двете партии, а најмногу системот. Секој ден на затворена влада е ден со помала доверба – во институциите, но и во самата способност на американската демократија да функционира. Згора на тоа, синдикатите веќе најавуваат тужби, а јавните протести стануваат неизбежни.
Се поставува прашањето, како ќе изгледа следниот период? Краткорочно, граѓаните ќе гледаат редици на аеродромите, затворени паркови и службеници без плата. Среднорочно, довербата во Конгресот и во двете партии ќе продолжи да се троши. А долгорочно, секое „гаснење“ е доказ за нешто поголемо: американската демократија е заглавена во партиска логика која повеќе не му служи на јавниот интерес, што е криза во најава за двете поголеми партии.
На крајот, оваа криза мислам дека ќе се развие во повеќе од едноставен буџетски застој, без оглед на веројатноста за брзо привремено решение. Таа е борба за наратив во следниот период. Кој ќе ја убеди јавноста во сопствената приказна, тој ќе го добие политичкиот „ќар“. Но, едно е сигурно: на крајот граѓаните ќе запомнат дека политичарите (сите) им ја затворија државата, а тоа се претвора во штетна и тензична изборна атмосфера. Тука најчесто сите губат: политичарите како политички виновници, граѓаните кои страдаат секојдневно, и системот кој ќе се соочи со намалена доверба. Конечно, прашањето не е дали Америка ќе излезе од оваа криза – тоа е сигурно. Прашањето е со колку лузни ќе излезе, и кој ќе „крвари“ најмногу.