Кој има доказ дека платил данок во странство, нека донесе потврда, вели директорката на УЈП

Директорката на УЈП Елена Петрова на денешната прес-конференција јавно ги повика сите оние кои платиле данок во странство за остварените приходи, да достават потврда во која било даночна канцеларија. Но, таа рече дека секој случај е индивидуален, дека секој поединечно ќе се решава и од тоа зависи дали граѓанинот треба или не треба да плати данок.
Постапувањето е од случај до случај. Зависи од тоа каде лицето имало резидентен статус, дали имаме со таа земја договор за одбегнување на двојно оданочување, каков е оданочливиот третман на соодветниот доход и слично. Еве, конкретно за Босна и Херцеговина се споменува пример во однос на хонорарите. Јас не би сакала да зборувам за ниту еден конкретен случај, но можам да кажам дека толкувањето за оданочувањето на хонорарите согласно одбегнувањето на двојното оданочување не е така како што се интерпретира во јавноста. Поради тоа, не треба да даваме генерални интерпретации и толкувања, туку за секој случај треба да се провери во УЈП – рече директорката Петрова.
Во јавноста имаше бројни негодувања зошто УЈП сега извади случаи од 2020 година. Нивното застарување е 5 години и УЈП морала да ги процесуира до 31 декември 2025 година, а според Петрова досега во УЈП не постоел систем за соодветна анализа на податоците, па затоа порано и не се постапувало.
– Целата активност што ја спроведовме е многу голема. Се работи за податоци што во УЈП пристигнувале од банките, за кои во УЈП не бил воспоставен соодветен систем за нивно континуирано и навремено анализирање. Целата активност што ја преземавме е за анлизирање, за селектирање на приливите што согласно нашиот закон треба да бидат оданочливи приходи, потоа требаше да се вкрстат со други системи за да видиме кои граѓаните поднеле пресметка – рече Петрова.
Поради тоа што се работи за период од пред 5 години, Петрова уверува дека УЈП има разбирање за граѓаните и затоа дополнително ќе се прифаќаат докази за платен данок. На новинарско прашање за одбиени граѓани во однос на донесени потврди за платен данок од странство, со образложение дека тоа можело да се направи само до крајот на 2025 година, Петрова вели дека за такво нешто слушнала од медиумите, дека вработените добиле насоки за работа.
Пред десетина дена, во Куманово имаше протест на граѓани кои биле на работа во Авганистан и во Ирак. Тие рекоа дека таму им бил платен данокот, а дека тие веќе ги вложиле заработените пари. Овие граѓани се заканија и со тужба против државата пред Управен суд.
– Протестот е легитимно право, управните спорови се правна заштита. Ние ниту можеме, ниту сакаме да ги спречиме граѓаните кои сметаат дека имаат докази за управен спор. Но еве, ги повикуваме и кај нас да ги достават доказите за да може да видиме дали навистина има платен данок во странство и дали тој може да се прифати – вели Петрова.
За 2020 година персонализрано, по анализите и вкрстувањето на податоците, доставени се над 11.000 покани за граѓани кои работеле во странство.
– Од 11.000 граѓани, досега е утврден данок за 6.600 граѓани, за останатите е утврдено дека доходот не подлежи на оданочување. Од тие 6.600 граѓани, 2.200 самите имаат поднесено пресметка за оданочување, а за 4.400 граѓани се донесени решенија по службена должност и вкупно утврдениот данок е околу 186 милиони денари, односно околу 3 милиони евра за 2020 година – рече Петрова.
Директорката најави дека следи проверка за 2021 година, и за сите преостанати години заклучно со 2025 година.
– Системот функционира и пак ќе повторам сите ќе бидат проверени. Но, ние имаме систем на самооданочување. Товарот за пријавување на доходот, за поднесување на доказите, паѓа на даночните обврзници. Затоа, ги повикуваме навремено да си го пријавуваат доходот. Секој остварен доход во земјата или во странство се пријавува до 10-ти наредниот месец за доходот остварен во претходниот месец, а доходот од плата и од пензија се пријавува до 31 март следната година. Дури и кога е платен данокот во странство, доходот мора да биде пријавен за да може тие граѓани да бидат препознаени од системот како граѓани што остваруваат доход, затоа што сега не се препознаени и податоците течат кон разни други државни органи и тие може да користат разни мерки поврзани со остварување права на граѓани-појасни директорката.






