Кој има доверба во ЕУ?

Пад на 53 проценти доверба во ЕУ меѓу македонските граѓни е веројатно незапамтен, но сигурно не е и неочекуван. Можеби е, сепак, интересно прашањето за каков вид евроскептицизам станува збор?

Дали во преден план се согледува недоверба во ЕУ-институциите и нивните двојни стандарди што во последните години постојано ја исфрлаат од колосек локомотивата на проширувањето? Или пак се продлабочува недоверба во европскиот интеграциски пројект, од кој како од издишан балон испари големиот обединувачки ентузијазам, така што малите нации, што се тетерават на патот на економско закрепнување, се оставени на милост и немилост на исправње на историски и идентитетски „криви дрини“?

Одговорот не би можел да се искаже без горчлива кнедла во грлото. Македонија, иако сè уште не може да се пофали со функционално ниво на европските вредности, го даде дури и своето име како жртва за исполнување на сонот кон евроинтеграциите. Да не зборуваме и за сите други закони и решенија донесени со „болни“ компромиси меѓу владините коалициони партнери, кои во интерес на „европските перспективи“ значајно и неповратно ја променија „личната карта“ на Македонија, онаква каква што барем делумно ја паметат претходните генерации.

Брисел тотално потфрли во своите намери да објасни што всушност беше причината за одложување на македонските предпристапни преговори, освен што, повикувајќи се со невидена леснотија на консензуален принцип на одлучување, го дозволи срамното бугарско вето против самопредулавањето и идентитеската гордост на еден народ во срцето на Европа. Кому му беше потребно тоа? Дали на Софија, на „заморот од проширувањето“, или на една нејасна европска политика што, како и многупати во историјата, своите прагматични интереси и принципи невешто ги сокрива зад сопствениот егозиам?

И на кого Македонија сега да се угледа? На Грција, која секоја помала или поголема европска економска криза ја ползува максимално да уценува и да бара пари за да го спаси своето стопанство од колапс. Сега, бо Брегзит, може уште повеќе да се очекува и нејзина улога на „тројански коњ“ по одделни прашања. Лондон тешко во догледна иднина ќе ги расчисти своите односи со ЕУ.

Или на Бугарија, која наскоро ќе одбележи една и пол деценија од полноправното членство во ЕУ, но како убедливо најкорумпирана членка. Во сериозни европски медиуми во последно време зачестија написи во кои се поставува прашање до кога Брисел ќе ги затвора очите и ќе ги толерира тешките злоупотреби на развојните и земјоделските фондови на ЕУ во Бугарија, оставајќи ги бугарските политички лидери да пропаѓаат длабоко во калта на тешки коруптивни зделки. Евроинтеграциите не се измислени за да толерираат корупција.

Во однос на Бугарија се предупредува дека ЕУ веќе подолго време се однесува како таму да не постои никаков проблем. Оние што одблиску ги следат состојбите во Бугарија укажуваат дека правосудството во земјата и другите државни институции се практично киднапирани од разни мафијашки групи, при што се прават напори да се замолчат критичките гледишта. Пред изборите во април годинава во Софија од страна на бугарските тајни служби биле сослушани триесетина претставници на опозицијата. Податок што јасно зборува за нивото на демократските стандарди во таа ЕУ-членка. Темите на сослушувањата биле зачестените проневери и махинации со ЕУ-фондовите.

Токму на југот на Европа довербата во ЕУ е на најниско ниво. Само околу 45 отсто од граѓаните на Грција и Хрватска, и околу 55 отсто во Романија и Бугарија, сметаат дека членството во ЕУ е добра работа за нивната земја. Најпозитивни, од 75 до 85 отсто, се граѓаните во западна Европа, во Ирска, Германија, Холандија, Данска и Шведска.

Таквиот несигурен однос кон ЕУ, кога станува збор за европскиот југ, го открива всушност традиционалното сфаќање и соминчавоста кон евроинтеграциите. Наједноставно речено се работи за тоа дали граѓаните во земјите со негативни ставови веруваат дека се вклучени како дел на Унијата, или пак сметаат дека ползата за нив е мошне ограничена, бидејќи ЕУ во основа функционира како елитистички пројект?

Но очекувањата за подобар животен стандард не можат да се запостават. Токму затоа, поаѓајќи посебно од искуствата во периодот на пандемијата, се наметнува зклучокот дека само добри економски резултати можат да ù дадат на ЕУ поголема доверба меѓу граѓаните. Доколку ЕУ се покаже како систем кој може да испорачува подобри и мерливи економски резултати, ќе се зајакне и довербата во евроинтеграциите.

Централна теза во една неодамна објавена студија на шведскиот тинк-тенк „Слободен свет“ (Frivärld) е дека довербата во ЕУ би можела да се зголеми на најширок план доколу Унијата на поефикасен начин се сконцентрира околу помал број политичкин подрачја и доколку меѓу мнозинството европски граѓани е присутно сфаќање дека ЕУ-институциите добро функционираат. Но доколку економскиот раст биде слаб, или негативен, а европските институции останат парализирани и недоволно моќни да го забрзаат тркалото на развојот, тоа би можело да води кон уште поголемо социјално раслојување, екстремизам и нееднаквост.

Тоа веројатно ништо не му значи на македонскиот граѓанин кој веќе триесет години тропа на вратата низ која треба да го пуштат под чадорот на европското семејство. Но и покрај неправедните блокади, негирања и уценувања, за Македонија во регионалниот контекст се чини е најмудро да продолжи да се повикува на суштината на европските вредности и на принципите на европската соработка зад кои многупати досега застана цврсто и храбро. И покрај преголемите жртви што ги дава на европскиот пат.

А кон тој пат сè уште се насочени надежите на 53 отсто од македонските граѓани. Но европските лидери и бирократите во Брисел не би требало да чекаат таа бројка и понатаму да се намалува и да падне дури и под 50 отсто. Бидејќи на крајот би можело да прегори „црвеното лампиче“ што ја означува загриженоста и се пали секогаш кога некој ќе почне да заговара пробив на други, непосакувани алтернативи во регионот.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close