Кој кого плаши?

Денко Малески

Да се укажува дека без промена на уставот и внесување на Бугарите во преамбулата нема продолжување на преговори со ЕУ, е факт а не плашење. Толку бргу ли ја заборавивме грчката лекција кога македонските политичари „неустрашиво“ им се спротиставуваа на Грците брцајќи им го античкиот прст директно во око? Изгубивме 25 години, од најубавите и најбогатите за Европската унија. Ништо битно не се сменило во меѓувреме на меѓународната сцена што би можело да навестува дека поинаков исход е можен со Бугарија, и сега кога на Унијата не и цветаат рози. Всушност ништо битно не се сменило од Тукидид па наваму: сојузите и натаму се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не на оние кои претендираат на членство. Оттаму, нашиот пат до Унијата води преку Софија, како што претходно водеше преку Атина. Ова се тешките реалности на надворешната политика и ништо не помага кога тие се маскираат зад борбени извици и пози на политичарите,на кои, можеби им носат гласови, ама ја доведуваат во прашање иднината на државата и на народот.

Никогаш не било лесно да се врши притисок врз партнер во ЕУ, зашто примарната задача на големите сили е да го сочуваат сојузот а не да предизвикаат раскол заради апликација за членство на трета држава. И силниот притисок врз Бугарија од Вашингтон и Брисел ја произведе сегашнава ситуација: Македонија да отпочне преговори,а во меѓувреме да се најде заеднички јазик за делот наречен „заедничка историја“. Реприза на грчкото сценарио ќе значеше државата да стои во место со децении, додека не се постигне сличен договор како Преспанскиот со кој би се апсолвирале сите теми. Бугарија, сигурно, не ќе имаше ништо против сценариото со кое би се решиле сите прашања пред да го крене ветото. Но, новата светска геополитика не дозволува такво чекање за Македонија, па оттаму и „францускиот предлог“. И, да не се лажеме дека без исполнување на условот да се внесат Бугарите во уставот, можат да продолжат преговорите и после ноември или дека работите можат да се репреговараат. Вашингтон и Брисел тоа на време ни го кажуваат преку своите дипломати: нема да можат да ни помогнат ако не ја завршиме работата навреме.

Не сум од оние кои мисли дека е исто да се впишат Бугарите во уставот со впишувањето на Хрватите или Црногорците. Бугарската заедница во уставот е многу деликатно прашање. Покрај другите права на заедниците, Бугарите ќе го афирмираат и својот поглед на историјата. Тројански коњ? Репресија не е решение за демократиите. Задача на македонската научна мисла ќе биде да го одбрани она што може да се одбрани во Европа денес, во која критериум е објективната научна вистина која почива на докази поткрепени со факти. Ако го исполнуваме овој критериум, нашите историчари можат да накриват капа, ако не, треба на време да се зафатат со работа за да не го остават народот на цедило. Ние не ја изгубивме „битката за името“ само заради Грција туку и заради фактот што нашата историографија не беше компатибилна со европската и светската по тоа прашање. Имено, дека сме директните потомци на античките Македонци а не од поновите словенски нации.

Македонската нација и македонскиот јазик се признати од Европа и од светот денес на најексплицитен начин. Се разбира, нивната одбрана и афирмација и натаму ќе зависат од нас. Само, треба да сме свесни дека демократските процеси и отворените комуникации во Европа ќе не отворат како конзерва ако на време не ја прилагодиме нашата борба на новото време.

Back to top button
Close