Кој му го смести на Филипче?

Она што мене ми е најзанимливо од последната долга и подробна прес-конференција на министерот за здравство и претставниците на Комисијата за заразни болести е информацијата дека во Македонија во последните десетина дена се врши масовно тестирање на асимптоматски случаи на потенцијално заразени со корона вирусот. Се обидов да проверам дали таква практика постои во соседните земји. Колку што јас разбирам, тоа не го прави никој не само на Балканот, туку и во најголемиот број земји во Европа.

Зошто се важни тестирањата? Колку повеќе податоци, толку подобри статистики. Во овој случај, тие статистики се користат не само заради констатирањето на евентуалното ширење на епидемијата, туку најмногу за правовремено да се антиципира одговорот на здравствениот систем, за да не дојде до негово „пукање“ со неможност да го лекува нагло пораснатиот број на тешките и критичните случаи на заразени. Следствено, во најголем број држави не се прави тестирање на асимптоматските или случаите со лесни симптоми на ковид-19, бидејќи тие не се „закана“ по издржливоста на здравствениот систем, па и по поширокото здравје на нациите.

Во спротивно, доколку во сите земји се спроведува таква стратегија за тестирање, бројките само во Европа би покажале барем неколку десетици милиони заразени, во овој момент.

Податоците изнесени и на прес-конференцијата го потврдуваат тоа: и покрај тоа што Комисијата за заразни болести решила во изминатите десетина дена да примени „агресивна“ стратегија за тестирање, со илјада и нешто тестови дневно, официјалните информации покажуваат дека две третини од позитивните на вирусот се без никаква клиничка слика или со многу лесни симптоми, а во моментов има само 8 пациенти ставени на респиратори и околу 150 со влошени клинички наоди на лекување во инфективните болнички одделенија во повеќе градови во земјата.

Дополнително, надлежните тврдат дека 90 отсто од заразените се од неколку десетици познати кластери кај кои заразата најчесто настапила заради поголеми семејни дружења – ифтарски вечери, религиозни собири и неколку констатирани „фабрички“ кластери.

Но, затоа, ваквата стратегија на Комисијата за заразни болести за „рана дијагностика“ со помасовно тестирање, констатира по стотина и кусур новозаболени секој ден, па иако најголем број се без никакви симптоми, самите податоци создаваат здравствена и општествено-политичка психоза во државава дека на сите ни доаѓа судниот вирусен ден.

Со таквиот пристап, меѓу другото, Македонија има најлоши споредбени ковид-статистики во регионот. Иста демографија, ист менталитет, исти религии, слични здравствени системи и распространетост на коморбидитети, а кај нас изгледа дека епидемијата „експлодирала“! Додека другите велат дека епидемијата им е минато и ги отвораат плажите за туристи – на пример, Србија викендов во еден ден реши да излекува тамошни 4.000 ковид-случаи, рекласифицирајќи ги асимптоматските заразени како оздравени – кај нас нови полициски часови.

колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close