Кој прв ќе трепне: Русија или Западот?

Има една детска игра која се вика „кој прв ќе трепне“. Во неа, губи тој што прв ќе трепне. Играта која ја наметна Владимир Путин со Западот, заканувајќи се со нуклеарна војна во случај некој да му ги наруши плановите со распарчување на Украина, е таква опасна игра.

Предизвикан на дуел, Западот, особено Америка, не смееше да си дозволи прва да трепне. Оти приказната е прастара: ако на насилникот одлучно не му застанете на патот, војната, на крајот, ќе стане неизбежна. Тоа го знаеме како од историјата на Втората светска војна, така и од нашите лични животи во контакт со насилници без морал и углед на кои никој ништо не им може, па сите им се тргаат од патот. Денес, во поза на гладијатори, Русија и Западот предводен од Америка, во очекување кој прв ќе трепне, ја повторуваат старата слика на Томас Хобс (1588-1679) за меѓународната политика: „Во сите времиња, кралеви и личности со суверен авторитет, заради својата независност, се во постојана љубомора, и во состојба и поза на гладијатори; со своите оружја и своите погледи фиксирани еден кон друг; поточно со нивните тврдини, гарнизони и топови на границите на нивните кралства, постојано шпијунирајќи ги соседите, што е поза за војна“. Тие односи меѓу државите Хобс ги нарекува „состојба на природата“ правејќи аналогија со еден таков замислен свет пред да се воспостави Левијатанот (државата) кога животот на поединците бил „самотен, сиромашен, одвратен, брутален и краток“. Старите мајстори на политичката мисла, решението за таа природна состојба ја наоѓале во една силна централна власт која има легитимитет да употреби сила, но немале решение за анархијата меѓу државите. Оттаму и тезата на денешните реалисти дека во услови на суверени држави, војната е неизбежен придружник на човештвото исто онака како што секогаш ќе има сообраќајни несреќи сè додека луѓе управуваат со своите автомобили. На повидок ли е страшна несреќа?

Осилени од изјавите на Путин, во играта „кој прв ќе трепне“, политичари од разни ешалони на руската власт деновиве одново се заканија со нуклеарна војна: да видиме како ќе воведете забрана за летање, како во случајот со авионот на Лавров, кога ќе наближат кон вас страшните „Сармат“ ракети со повеќе нуклеарни боеви глави, им порача еден од нив на Бугарија и на Романија. Со таквите изјави играта „кој прв ќе трепне“ само добива на силина зашто на насилникот не смее да му се дозволи неказнето да го руши меѓународниот поредок. Така, Макрон порачува дека сака победа на Украина па ќе и испорача уште тешко вооружување. Путин, без да трепнe, се заканува со ескалација на конфликтот во Украина и им упатува директна закана на Финска и на Шведска, славејќи го Петар Велики кој, во војните против нив, само си ја бранел руската земја.

На мое огромно запрепастување, ја нема онаа грозничава трка да се спречи ескалација кон нуклеарна војна како во случајот со кубанската криза која почна на 16 октомври а заврши на 28 октомври 1962 година, во рок од 13 денови. Тогаш, излезот се најде со помош на тајната дипломатијата. Денес, повеќе од три месеци од почетокот на украинската криза како никој да не е спремен на дипломатско решение туку чека другата страна да трепне и да биде поразена. Се заборава дека дилемата, во буквалната смисла на зборот, е коегзистенција или неегзистенција. Имено, во светот на возрасните, најопасната варијанта на играта „кој прв ќе трепне“ е онаа меѓу државите кои поседуваат оружје за масовно уништување. Русија вели дека Западот прв ќе трепне а Западот дека тоа ќе биде Русија. Со жестоки економски санкции и со вооружена поддршка на Украина, Западот сака да го натера Путин прв да трепне. Но рускиот автократ знае дека кога, во кубанската ракетна криза, прв трепна Хрушчов, тој беше соборен од власта.

Денко Малески

Back to top button
Close