Кој се плаши од Прајд парадите?

Говорот на омраза против ЛГБТ заедницата во Македонија веројатно стигна до голем дел од корисниците на социјалните мрежи за време на јуни, месецот на гордоста. Говор на омраза, очекувано, можеше да се забележи за време на фестивалот за квир култура и уметност „Скопје Прајд Викенд“, но дигиталниот простор стана уште понасилен за време на и во деновите по Скопје Прајд, односно Парадата на гордоста која се одржа на 25ти јуни оваа година. Во мониторинг извештајот изработен од Хелсиншкиот комитет за човекови права може да се најдат особено вознемирувачки примери од говор на омраза и повици за насилство од јуни годинава, како што се коментарите под вест објавена од порталот 24info.mk:

Веста содржи галерија на фотографии од парадата, а коментарите кои следат на ваквиот пост се исполенти со говор на омраза, повици за насилство и навреди насочени кон учесниците на парадата. Коментарите се следниве: „гадови заразе“, „гадови тоа ли е гордост… ви сте ненормални“, „вие сте за Бардовци“, „изобачени дегенерици“, „удри Путине и не жали“ и тн.

Проф. Елена Михајлова-Стратилати, редовна професорка на Институтот за Меѓународно право и односи и право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ, пишуваше токму за периодот околу самата Парада и различните начини на кои се ширеше хомофобичен и трансфобичен говор на омраза онлајн, но и за наративите кои произлегуваат од овој говор. Во нејзината анализа, проф. Михајлова-Стратилати забележала не само коментари кои застапуваат омраза против ЛГБТ луѓето и загрижувачки директни повици за насилство, но и националистички наративи:

Испреплетени со претходните примери се и изразувањата, според кои Парадата на гордоста претставува наметнување на нова идеологија врз Македонија и Македонците – пораки кои сугерираат дека хомосексуалноста е идеологија наметната однадвор, а не само сексуална ориентација.

Во очи септемвриското издание на „Скопје Прајд Викенд“ кое ќе се одржи од 15ти до 17ти септември, Преземи одговорност, група која често шири трансфобична содржина, веќе имаше објава која содржеше говор на омраза што истовремено застапува имплицитно националистички ставови. Преземи одговорност сподели скриншот од пост за септемврискиот Скопје Прајд Викенд на Ирена Цветковиќ, извршната директорка на организацијата Коалиција Маргини, пишувајќи дека на ЛГБТ заедницата не им бил доволен месецот јуни, па сега се почнува со Прајд викенди и во други месеци. Оваа забелешка е сама по себе квирфобична бидејќи практично бара од ЛГБТ луѓето да останат скриени и самата видливост на оваа заедница ја гледа како некаква закана или во најмала рака како да ЛГБТ активистите „бараат премногу“. Сепак, можеби реторички најинтересна е следната реченица од постот:

Очекувајте европските ЛГБТИ+ активисти масовно набрзина да скокнат до Скопје, па Цветковиќ да нѐ убедува дека има голема поддршка од народот и ги наполнила салите за нивните перверзни перформанси на голи натртени задници и презентација на вагини со раширени нозе.

Токму тука може да се види испреплетеноста помеѓу националистичките и квирфобичните наративи. Цветковиќ е оцрнета не само како личност која промовира „перверзни перформаси“, туку и како личност со зли намери која преку некаква завера заедно со „европските ЛГБТИ+ активисти“ го лаже народот. Односно, различните сексуални ориентации, квир идентитетите и квир културата се претставени како странска, ЕУ агенда која е наметната врз нацијата. Но, постот не се задржува само на Македонија, туку шири говор на омраза и за Прајд настан кој ќе се одржи во соседната Србија: „А што се случува во септември истиот период? ЕуроПрајд во Белград, т.е. сите ЛГБТИ+ фетиши и перверзности ќе се соберат на едно место.“

Со овој пост Преземи одговорност практично се надоврзува на говорот на омраза и нападите насочени кон овој настан кои се случуваат во Србија. ЕуроПрајд е меѓународен, пан-европски настан посветен на ЛГБТИ луѓето и градот во кој се одржува се менува секоја година. Оваа година за првпат овој настан ќе се одржи во Белград, и за жал, добива огромна негативна реакција од страна на Православната црква, крајно десничарските партии и хомофобичните граѓани. Помеѓу 5000 и 10 000 демонстранти одржаа протест противејќи се на ЕуроПрајд на 14ти август, а беше одржан и уште еден протест на 28ми август. Александар Вучиќ, претседателот на Србија, исто така изјави дека постои можност ЕуроПрајд настанот да биде „откажан или одложен“ од безбедносни причини како и заради политичката криза во Косово. Организаторите на ЕуроПрајд сепак велат дека настанот ќе се одржи и се сомневаат дека Вучиќ потпаѓа под притисоците на религиозната десница.

„Ако заканите [кон ЕуроПрајд] се реални, зошто никој не е уапсен или процесуиран од судството? Со години знаеме кои се луѓето кои ни се закануваат, тие имаат свои имиња. Не познавам никој кој е уапсен или нешто друго“, рече Марко Михаиловиќ, активист и организатор на ЕуроПрајд.

Без разлика дали Вучиќ ги користи овие протести како изговор за да проба да го откаже ЕуроПрајд, реакцијата на многу српски граѓани и говорот на омраза од страна на демонстрантите и организаторите на овие протести е крајно загрижувачки и апсолутно може да доведе до насилство на настанот, особено бидејќи Вучиќ изјави дека државата не може да ја гарантира безбедноста на учесниците на ЕуроПрајд. Говорот на омраза не доаѓа само од демонстрантите, туку и од лица кои имаат голем општествен авторитет како Банатскиот владика Никанор кој ја проколна Ана Брнабиќ, српската премиерка која е јавно аут како лезбејка, и дури изјави дека би употребил оружје против оние кои „проповедаат“ ЛГБТ вредности.

Говорот на омраза против ЕуроПрајд како и говорот насочен кон Скопје Прајд се испреплетени со националистичка реторика. На протестите имало траспаренти кои не само што зборуваат за таканаречени „фамилијарни вредности“, туку и дирекно го поврзуваат Прајдот со странски влијанија. На пример, на еден транспарент пишувало: „Не сакаме геј парада и окупација од Западот!“ Наместо нехетеросексуалните ориентации и трансродовите идентитети да се перцепираат како различни идентитети кои едноставно постојат секаде, многумина ги перцепираат како наметнати од Запад, замислувајќи дека квир луѓе не би постоеле доколку овие вредности не би биле „увезени“ од надвор. Бошко Обрадовиќ од опозициската, десничарска партија Двери во Србија постојано го користи овој наратив за ЛГБТ заедницата и пред неколку дена го напиша следното на неговиот Твитер профил:

Разбирам дека Еуропрајд е дел од окупациската агенда, но додека НАТО не ја окупира целата територија на Србија, независната држава и мнозинската волја на народот се над окупаторите. Мора да разберете дека Србија не е колонија и дека не можете да ни ја наметнете вашата тоталитарна идеологија и да парадирате наоколу.

Обрадовиќ користи номинално анти-империјалистичка реторика со цел да шири омраза кон ЛГБТ заедницата која е само дел од идентитетските групи што тој ги таргетира. На пример, во друг твит, Обрадовиќ вели дека нема да има ЕуроПрајд исто како што нема „признавање на лажниот геноцид во Сребреница“ каде што хомофобијата е можеби и поексплицитно поврзана со српскиот национализам на еден екстремно опасен, фашистички начин.

Едноставно не смееме да го потцениме говорот на омраза и политичките ефекти кои истиот може да ги има. Ако ваквиот вид на говор остане во јавниот простор без никакви санкции, тој само понатаму охрабрува уште повеќе говор на омраза што може да доведе до зголемување на делата од омраза. Ако малцинствата како ЛГБТ заедницата, етничките малцинства и другите маргинализирани групи постојано се плашат за својата безбедност, се подложни на деградирачки говор и навреди и се системски дискриминирани заради своите идентитети, тогаш тие не се еднакви граѓани во општеството. Иако е невозможно да се казни секоја инстанца на говор на омраза, сепак не смее да се дозволи одговорните институции и органи да не направат ништо во врска со овој сериозен општествен проблем. Дури и да не може во целост да се искорени квирфобичниот говор, проф. Михајлова-Стратилати вели дека сепак е од исклучителна важност државата да вложи напори во санкционирање на истиот:

Целта [на санкционирањето на овој говор] е, едноставно, да се намали присуството на видлива омраза (хомобофија) во општеството и на тој начин да им биде од корист на членовите на ранливите сексуални малцинства, одржувајќи ја јавната заложба за нивната рамноправна положба во општеството против јавното оцрнување.

Eлена Гаговска
извор: Медуза

Back to top button
Close