Кој си поигрува со Блаже Конески?
Трифун Костовски
Кој се обидува да се поигрува со името на Блаже Конески, се игра и со името на Македонија. Оваа година, на 5 мај со радост ја прославивме 80 годишнината од формирањето на македонскиот стандарден, литературен јазик чиј творец е, а би го нарекол и татко, академикот професор Блаже Конески.
На овој ден, оваа година немаше личност од политичкиот врв во нашата држава и членовите на МАНУ, кои што името на Блаже Конески не го споредуваа со наш македонски, јазичен и книжевен бог.
Веќе 20 години, Филолошкиот факултет кој го носи името на овој великан, бара Собранието на РМ да донесе закон за доделување државна награда со името Блаже Конески. Ваквата награда треба да биде престижно вреднување за високите стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик и македонистиката. Со ваквата награда би се потврдило и поттикнало уште поголемо националното чувство кај секој поединец , Македонец.
За жал, Собранието молчи. Во 2024 година поднесено е барање од Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” -Скопје, собранието да донесе закон за доделување државни награди ,,Блаже Конески” и ,,Ремзи Несими”. Тоа се две клучни личности кои се од исклучителен значај за македонскиот јазик и македонистиката, како и албанскиот јазик и албанологијата.
Собранието и денеска молчи. Согласно информациите кои ги добив од непроверени извори, пратениците од одредени клучни партии во собранието на РМ, размислуваат за овој чин.
Некој ќе треба да се срами за одолговлекувањето и воопшто, ,,размислувањето” за усогласување за ваква висока државна награда во Собранието на РМ.
Со длабок порив и со сета сила, ние Македонците се бориме да ги сочуваме сопствениот јазик и култура, од политичката перфидна игра за повторно признавање на веќе 80 години верифициран македонски стандарден јазик, со нескриен и директен атак негиран од соседна Бугарија.
Се покренува иницијатива за заедничка резолуција помеѓу Македонија и Бугарија за признавање на македонскиот јазик и култура.
80 години имаме кодифициран и во целосна употреба на стандарден македонски јазик, признат во целиот свет и во Обединетите Нации како највисоко тело.
Ова е знак за тревога што таткото на стандардниот литературен јазик Блаже Конески сѐ уште не е промовиран како државна награда на Република Македонија, а ние Македонците се колнеме во него!
Не ми треба декларација за нешто што го има во моето секојдневие.
Засрамете се, токму вие Македонци кои сте денес членови на парламентот на Република Македонија. Јазикот и културата се доградуваат секој миг, а ние сѐ уште не сме го оформиле вистинскиот фундамент за неговиот натамошен развој.
Зарем има нешто поавтентично за нас од именување на државна награда токму со таткото на модерниот, стандарден и литературен македонски јазик?
Разбудете се, токму вие Македонци, кои што денес ја имате моќта во собранието, имате право на глас во името на народот, овој закон да го изгласате и примените час поскоро. Државната награда ,,Блаже Конески” треба да почне да се применува токму оваа година на 19 декември, денот кога е роден нашиот колос, Блаже Конески. Должни сме му.