Кој води антиевропска политика во Македонија?

Се` друго е еднодневна провокација, саркастичен одговор на опозициските партии за обвинувањата од страна на власта  дека тие се кочничари на евроатланските интеграции. Дури и да се претерува во толкувањата на двете страни за негативните и фалбите за позитивните оценки во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија, тие се покорисни, отколку популистичките лаги за велепредавства  на националните и идентитетски посебности на македонскиот народ. Македонија не загуби ниту една своја идентитетска посебност во изминатите 31 година независност. Ама, многу загуби што од лидер на западен Балкан во реформите остана на опашката.

Неспособност и кукавичлук на политичките лидери

Точно е дека имаше блокади однадвор, од соседите и од самата ЕУ, но и од внатре со неспособноста и кукавичлукот  на политичките лидери и партии да изградиме за 31 година просперитетно општество. Огромни се штетите  од налудничавата потрага по антички идентитет и пославно минато и од ендемската корупција и организиран криминал. Успесите кои беа неопходни во сузбивање на овие две најголеми аномалии на македонското општество, без разлика дали тоа го бара Европа од нас или не, сигурно ќе ги зајакнеше позициите на Македонија во преговорите и со комшиите и со ЕУ.  Испуштени се повеќе шанси со помали отстапки и побезболни компромиси Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО заедно со Хрватска.

Во кластерите на ЕУ, или како што порано се нарекуваа поглавја, во кои  се набројани стотици реформски зафати и промени, нивното исполнување и примена во практиката е суштината на сестраниот развој на македонското општество, забрзување на демократските процеси, владеење на правото, побрзиот економски развој, повисоки достигнувања во сите области кои се наведени во сите партиски програми, кои се ветувани во сите предизборни кампањи, но во најголем дел не се остварени.

Со децении слушаме и гледаме ветувања за решителна  примена на владеење на правото, судски реформи, повисоки демократски дострели, побрз економски раст, повисок стандард на граѓаните, изградба на современа  инфраструктура, автопатишта, брзи железници, енергетски објекти, гасификација, подобра здравствена заштита на населението, подобро образование, реформи во земјоделството, ефикасна заштита на човековата околина, паметни градови, решителна пресметка со организираниот криминал и високата корупција…Да не набројуваме понатаму, бидејќи сето тоа и многу повеќе е содржано во обврските од кластерите, но и во партиските определби и програми на сите релевантни политички партии кои наизменично се во власта и во опозиција, но малку од сето тоа е остварено.

На повидок нема консензус за ЕУ

И сега кога по децениски исчекувања и надежи почнуваат преговорите со ЕУ, неискреноста за  европските определби се гледа во фактот дека во Македонија ни оддалеку не е на повидок консензус, или предзнак за заеднички став за стратегиските државни интереси и на огромно мнозинство граѓани, содржани во сите документи, собраниски декларации, национални стратегии и партиски програми. Нема ни милиметар поместување кон вообичаениот чин на консензус, кој беше присутен кај сите држави  кандидати за членство во ЕУ во време на преговорите.

Меѓусебните критики меѓу политичките партии во периодот на преговори со ЕУ главно беа насочени кон доцнењето во исполнување на обврските од поглавјата и тие беа мерило и главен адут за останување, или за промена на власта на изборите. Во Македонија, на стартот на преговорите процесот е обратен. Не само што нема заеднички став по ниту едно прашање од државните приоритети, туку недовербата кон западна Европа се крева на точка на вриење со една опасна манипулација дека Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ, дека преговорите не се почнати, а нема ни да  почнат, дека во тек е распродажба на националните интереси, дека бугаризацијата и асимилацијата водат кон исчезнување на македонската нација и држава, дека македонскиот јазик само што не е избришан од светската лингвистичка карта, дека е изгубено нашето историско минато, се предлагаат нови сојузи и  раскинување на веќе склучени и ратификувани договори со соседите со лажни ветувања, дека кога ќе дојде до промена на власта ќе се направат нови подобри договори.

Толкувајќи го најновиот Извештај  на Европската комисија, којa го поздравува како историски чин почетокот на преговорите со ЕУ, опозицијата излезе пред јавноста со тврдење дека државата не постигнала никаков напредок во повеќе области и дека преговорите се уште не се почнати. До тука ваквиот став може и да се прифати, дури и да делува мобилизирачки за владата и преговарачките тимови кои веќе работат на скринингот. Ќе имаше многу поголем ефект ако притоа опозицијата го додадеше предлогот за подготвеност на консензус  и соработка во Парламентот и во комуникација со јавноста за сите прашања и обврски кои произлегуваат од преговорите.

Провокациите не смеат да бидат повод за внатрешни судири

За жал, наместо тоа, по  недоволно обмислените референдумски предлози  уследи популистичката, илјада пати повторена парола дека владата работи само за да ги исполни бугарските барања за обезличување на македонската нација со тоа што Бугарите ќе влезат во македонскиот устав заедно со Хрватите, Црногорците и Египјаните и ќе се изедначат со правата на Турците, Србите, Ромите,  Власите, Бошњаците како малцинста во Македонија. Околу 3.500 македонски граѓани кои се чувствуваат како Бугари, се опасноста од обезличување на македонската нација. Веднаш по ова следи констатацијата зошто тогаш Македонците во Бугарија не се влезени во бугарскиот устав и не се признава македонското малцинство како оправдан реципроцитет. Одговорот го дава истата таа Европа и судот во Стразбур кој со години ја носи истата одлука за онеправданоста на Македонците во Бугарија да имаат свои здруженија и да бидат признати како малцинство. Дали би биле посреќни ако исти вакви одлуки носи судот во Стразбур за онеправданоста на македонските Бугари. Што се однесува до провокациите со тенденциозни имиња на  клубовите на Бугарите во Македонија, тука работите се многу поразлични. Тоа мора да се санкционира со законска регулатива како што тоа е направено во повеќе земји.

Пројавите на нацизмот во било кој облик и величењето на личности компромитирани како поддржувачи и членки на пактот со нацистичка Германија и учесници во окупација на други држави, како и во погромот на Евреите, не смеат да бидат  имиња на наводно културни клубови.  Во суштина, ова се провокации и обиди за иритирање на македонската јавност со цел да се креват тензии кои ќе го спречат развојот на добрососедските односи и членството на Македонија во ЕУ. За жал, Бугарија која прва требаше да реагира на ваквите постапки уште во зародиш на овие  идеи на македонските Бугари,  ги поддржа со присуство на половина бугарска влада во Битола во промоција на клубот со името на македономрзецот Ванчо Михајлов.

Вакви провокации, како стојат работите, ќе има и во иднина. Работа на политичките лидери и на дипломатијата е како да се справат со ваквите блокади на добрососедството со мудрост и такт кој ќе ја донесе Македонија во догледно време во наредните десетина година до членство во ЕУ. Консензусот и по овие прашања е неопходен. Провокациите не смеат да бидат дел од внатрешни судири. Взаемната осуда и преземените активности за законската регулатива околу имињата на клубовите и фондациите не може да биде злоупотребена за партиски цели.

Ако годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија во преговорите   станат главно мерило за успешноста на реформите и исчекор кон рамноправно членство во ЕУ без оглед кој како ги чита, тогаш, сме на добриот пат до целта. Во спротивно, како  и низ поголем дел од историјата ќе бидеме преокупирани  со предавствата и минатото, наместо со сегашноста и иднината.

 Ерол Ризаов

Back to top button
Close