Коалицијата на СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судската и обвинителската служба

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата, по темелна анализа и врз основа на директните забелешки и предлози од синдикатите и претставниците на судската и јавнообвинителската служба, поднесе вкупно 82 амандмани на предложените законски решенија за судската и јавнообвинителската служба.
Од нив, 55 амандмани се однесуваат на Законот за судска служба, 27 на Законот за јавнообвинителска служба, а дополнително 19 амандмани ќе бидат поднесени како комисиски амандмани.
Предлог измените се резултат на сериозни укажувања од стручната јавност и синдикалните претставници, кои јасно предупредуваат дека предложените решенија во сегашна форма во предлог-законите ја загрозуваат независноста на судството и значително ја влошуваат положбата на вработените во правосудниот систем, стои во соопштението на СДСМ.
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата јасно укажува дека овие служби не смеат да бидат игнорирани, бидејќи токму тие се носители на секојдневното функционирање на правосудниот систем и најдобро ги познаваат реалните предизвици во праксата.
Се упатува јасен повик до сите пратеници во Собранието да ги поддржат предложените амандмани, со цел да се обезбеди фер, функционално и независно судство, како и достоинствени услови за работа на судските и јавнообвинителските службеници.
Доколку овие амандмани не бидат прифатени, постои сериозно предупредување дека судската служба ќе биде вратена две децении наназад, со ризик од институционален хаос, дополнително ослабување на системот и забрзан одлив на веќе недоволниот стручен кадар, велат од СДСМ.
Извор: fokus.mk






