Коалицијата за слобода на медиумите во Србија ги повика европските медиуми да известуваат за борбата за слобода на српските граѓани

Коалицијата за слобода на медиумите во Србија ги повика европските медиуми да дојдат во Србија и да известуваат за „борбата за слобода на српските граѓани од автократскиот режим на Александар Вучиќ“, пренесе Бета.

„Ве повикуваме да ја информирате јавноста на вашите земји за настаните во Србија, како и за постапките на одредени високи функционери на европските земји кои и во овој момент упорно поддржуваат мал балкански тиранин кој се одмаздува на своите граѓани и кој им ја украл земјата. Не знаеме зошто го прават ова, но која и да е причината, треба да се засрамат“, се вели во соопштението на Коалицијата за слобода на медиумите.

Тие потсетија дека на 1-ви ноември се случи трагедија во Нови Сад кога загинаа 15 лица, а двајца беа повредени откако врз нив се урна бетонска настрешница од неодамна реновираната главна железничка станица во тој град.

Наведуваат дека се работи за државен проект што се реализира во соработка со компании од Кина и кој како и сите слични проекти е прогласен за државна тајна и сокриен од јавноста.

Тие оценија дека одговорот на власта на граѓанските протести кои масовно ги водат младите е репресија.

Се додава дека одговорот на граѓаните на репресијата бил таков што протестите од ден на ден стануваат се помасовни.

„Студентите се во првите редови на ова, блокирајќи повеќе од 50 факултети низ Србија и бараат вистина и правда. Ним им се придружија дури и средношколци, кои им ги блокираат училиштата, барајќи и вистина и правда. Сите тие имаат поддршка од нивните родители, нивните баби и дедовци, нивните роднини и пријатели. Бунтот се шири низ Србија и режимот на Вучиќ е во паника, што значи дека не треба да се исклучи можноста за уште побрутално насилство“, предупредуваат од коалицијата.

Тие колективно апелираа до европските новинари да дојдат и да известуваат за настаните во Србија.

„Ја разбираме сложеноста на геополитичката ситуација, но ве покануваме да дојдете овде, во срцето на Европа и да се уверите во праведната борба на нашите граѓани, која – ова го кажуваме со гордост – може да биде пример за целата на Европа“.

Коалицијата за слобода на медиумите ја сочинуваат Асоцијацијата на медиуми, Асоцијацијата на онлајн медиуми (АОМ), Независното здружение на новинари од Војводина (НДНВ), Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), Здружението на бизнис асоцијации на локални и независни Медиуми „Локал прес“, Фондацијата „Славко Чурувија“ и гранковиот сојуз на културата, уметноста и медиумите „Независност“.

Back to top button
Close