Коалицирање на фановите на омразата: Говор на омраза со повици за убиство врз етничка основа

На истиот ден кога во Брисел се одржа првата меѓувладина конференција со која се отворија преговорите за полноправно членство во ЕУ, навивачката група „Шверцери“ на фудбалскиот клуб „Шкупи“ од Скопје одржа „целовечерен концерт“ со говор на омраза на стадионот на „Динамо“ во Загреб. Говорот на омраза е особено загрижувачки, затоа што содржи повици за убиство врз етничка основа, пишува има.мк

Веста ја пренесоа огромен број портали во земјата и регионот, меѓу кои во голем број беа и оние кои не се со специјализиран спортски формат, затоа што мразачките рефрени на навивачката група „Шверцери“ на стадионот „Максимир“, во еден дел беа ехо на протестите против „францускиот предлог“ во Скопје и тоа на епизодата пиштолџии кај плоштадот „Скендер бег“.

Иако спортскиот исход од натпреварот (Динамо – Шкупи 2:2) се оценува како голем успех на „Шкупи“, што на овој клуб му обезбедува голема предност на реванш натпреварот во Скопје на 26 јули, говорот на омраза на овој натпревар преовлада како новинарска тема, особено затоа што ретко се случува на натпревар на спортски ривали, омразата да се канализира кон трет субјект како резултат на коалицирање на мразачите.

Според известувањата на дел од спортските медиуми и портали, делегатот на УЕФА на овој натпревар си ја одработил својата работа, внел во записникот сѐ што видел и слушнал, па така се очекува и Динамо Загреб и Шкупи од страна на УЕФА да бидат казнети (Ќе има казни за Динамо и Шкупи по националистичкото скандирање на нивните фанови!).

Додека ги очекуваме вестите за казните, кои главно се парични и за повеќето клубови, барем досега, не предизвикале некоја поука за идното однесување, не е лошо да се потсетиме дека стадионот „Максимир“ има посебно место во хронологијата на распаѓањето на поранешна Југославија кога на 13 мај 1990 година, како резултат на изразено интензивен и навредувачки говорот на омраза се претвори во крваво насилство по што следуваше воената разврска на некогашната СФРЈ.

Треба да се памети за да се предупредува.

Инаку, се паметат и многу иницијативи за институционално справување со говорот на омраза на спортските терени, но овој најнов случај на стадионот во Загреб, покажува дека нема резултати.

Една таква иницијатива беше покрената и во Собранието на Северна Македонија кога беше формирано Интерпарламентарното тело за реформи, интеграција и помирување, кое требаше да ги „скенира навивачките групи, ЛГБТ, говорот на омраза…“ и кое до ден-денеска не донесе никакви препораки.

Токму затоа овој текст започна со коинциденцијата на говорот на омраза на навивачката група „Шверцери“ на стадионот „Максимир“ во Загреб, затоа што сега како единствена надеж за борба против говорот на омраза, вклучително и на спортските терени, останува скрининг процесот кој нашата земја треба да го помине позитивно до отворањето на првите поглавја.

Меѓу многубројните извештаи и резолуции за борба против расизмот и хомофобијата во медиумите, спортот и училиштата, која вклучува и борба против говорот на омраза, се придружува и последната резолуција на Европскиот Парламент од 8 март оваа година.

Врз основа на повеќе извештаи на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата во спортот се предупредува дека „постојат силни врски меѓу насилните групи на фудбалските навивачи и екстремно десничарските организации, кои, пак, имаат врски со националистичките политичари и организираниот криминал“.

Резолуцијата на Европскиот Парламент инсистира на „пристапот на нулта толеранција“ кон расизмот, говорот на омраза и насилството во спортот, и ја повикува Комисијата, земјите-членки и земјите кандидати да донесат ефективни мерки со цел да се промовира инклузијата, да се борат против дискриминацијата и да се елиминира расистичкото и ксенофобичното однесување на спортските терени и на трибините.

ИМА ги повикува надлежните институции да ги преземат сите мерки за да спречат повторување на говорот на омраза од Загреб, и на реваншот во Скопје.

Back to top button
Close