Кобзев: Со враќањето во Русија Навални ризикува да добие 3,5 години затвор

Најпознатиот руски дисидент, опозиционер и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, се наоѓа на списокот на лицата кои ги прекршиле условите за условна казна и доколку викендов се врати во Русија може да се соочи со затворска казна од 3,5 години, изјави денеска Вадим Кобзев, еден од неговите адвокати.

Навални пред неколку дена соопшти дека за време на претстојниот викенд, конкртно во недела, на 17 јануари, ќе се врати во Русија, игнорирајќи ја можноста да заврши во затвор.

Кремљ, што цело време негира бикло каква вмешаност во труењето, соопшти дека Навални е слободен да се врати во Русија кога сака, како и секој друг руски граѓанин.

Навални беше пренесен во Германија во август откако му се слоши на лет од Сибир за Москва. Германија и другите западни земји тврдат дека станува збор за обид за атентат со нервниот агенс „Новичок“, но руските власти негираат каква било вмешаност во случајот.

Навални смета дека обвиненијата против него се политички мотивирани.

Адвокатот Кобзев денеска за британските медиуми изјави дека неговиот клиент бил ставен на списокот со барани лица, бидејќи руската затворска служба го обвинила дека не и се пријавил кон крајот на минатата година во врска со условната казна.

Навални истакнува дека во тоа време бил на лекување во Германија.

Затворската служба вели дека тој бил ослободен од берлинска болница во септември и затоа требало да се врати во Русија и да се пријави.

-Теоретски можат да го уапсат веднаш штом се врати (во Русија), но првично само на 48 часа, рече Кобзев.

Тој очекува судот на 29 јануари да ги разгледа деталите за случајот, кога ќе може и да нареди условната да се промени во затворска казна.

-Судот може да ја смени условната казна и да му изрече затворска казна и да го стави во затвор во следните 3,5 години, рече Кобзев

Back to top button
Close