Коцевски: Не бараме 0,4 отсто од БДП како што вели премиерот, туку од државниот буџет

Законски предвидените средства за Јавното обвинителство изнесуваат 0,4 отсто од државниот буџет, а не од бруто-домашниот производ, како што тврди премиерот Христијан Мицкоски, вели во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Според тоа, станува збор за разлика од два и пол пати повеќе, односно 0,4 отсто од БДП изнесува толкав процент од 15,5 милијарди евра, додека 0,4 отсто од буџетот значи 0,4 проценти од 6,7 милијарди евра за следната година.
„Во моментов во јавноста се пласираат две тези. Едната е дека согласно сегашниот закон, а и законот што треба да се донесе, Законот за јавно обвинителство, предвидува 0,4% од буџетот да се издвојува за Јавното обвинителство. Меѓутоа, она што премиерот го кажува, тој зборува за бруто-домашен производ. Значи, тоа не е исто. Дополнително, од тие 0,4% од буџетот, ни се издвојуваат само 0,2 отсто. Тоа не е само оваа година, односно наредната и минатата, туку откако е донесен законот. Значи, никогаш досега од страна на државата не ни се издвојувало толку колку што предвидува законот“,вели Коцевски.
И во подготовката на новиот закон за јавно обвинителство нема други критериуми, туку исклучиво станува збор за утврдување процент од државниот буџет, вели Коцевски.
„Новиот закон за јавно обвинителство предвидува 0,5% од буџетот. Но, не е битно дали ќе има 0,4% или 0,5%. Битно е дали државата има свест и волја да ни обезбеди услови за работа нам на обвинителите, секако зборувам и за судиите“,додава Коцевски.
Средствата за годинава од околу 14,5 милиони евра, што е 0,22% од буџетот, како и тие предвидени за следната година, кои изнесуваат околу 14,4 милиони евра, според Коцевски, не се доволни за нормално функционирање на обвинителството.
„Ова го имаме согледано и ова стоеше и во извештајот на Европската комисија. Значи, истиот буџет, отприлика, што ни бил за оваа година е и за наредната година. Меѓутоа, ако се земе предвид фактот дека имаме многу мал број на јавнообвинителска служба, капацитетите треба да ги зајакнеме, тогаш овој буџет не ни е воопшто доволен за вршење на јавнообвинителската работа“,посочува државниот јавен обвинител.






