Коцевски: Општина Велес ќе ги продолжи разговорите со хрватските власти за ексхумацијата на Панко Брашнаров

Ќе продолжат разговорите со хрватските власти за ексхумација и идентификација на Панко Брашнаров и негово враќање во родниот Велес, но во моментов каков ќе биде одговорот од таму никој не може да знае, рече на последната прес-конференција градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, одговарајќи на новинарско прашање на МИА.

Во однос на идејата за поставување на посмртен постамент на Панко Брашнаров на гробиштата во „Мирогој“ во Загреб каде почива во заедничка гробница, што неодамна на прес-конференција ја изнесе Ненад Коциќ, досегашниот претседател на Советот на Општина Велес, градоначалникот Коцевски рече дека тоа прашање во негово присуство никогаш не било отворено ниту разговарано.

– Тоа го сметам за личен став на поранешниот претседател на Советот на Општина Велес, Ненед Коциќ. Доколку тоа произлезе како легитимен предлог – идеја кога ќе се носи буџетот и програмите за следната година, треба да се обезбедат пари за таа намена во програмата, за да може да се реализира идејата, појасни Коцевски.

Коциќ на неодамнешната прес конференција, меѓу другото соопшти дека тој писмено комуницирал со тимот на Загребскиот холдинг Подружница Градски гробишта „Мирогој“ во врска со ексхумација, идентификација и пренос на посмртните останки на Панко Брашнаров во Велес.

Тие писмено го информирале, а за што на увид на новинарите им достави и копија, каде е образложено дека е невозможно повторно да извршат ексхумација и идентификација на посмртните останки на Панко Брашнаров, бидејќи во 1971 година, Панко Брашнаров од посебен гроб во „Мирогој“ бил ексхумиран и пренесен во заедничка гробница каде се наоѓаат голем број покојни.

Коциќ тогаш информираше дека поради неможноста да биде извршена ексхумација, идентификација и пренос на коските на Панко Брашнаров во неговиот роден Велес тој ќе предложи да гробиштата во „Мирогој“ во Загреб да се направи негов посмртен постамен на гробиштата во Мирогој.

Коцевски, пак, потенцира дека тој како градоначалник е единствен кој ја застапува општината, а не претседателот на Советот и дека тој како градоначалник не бил известен за неговата комуникација и не знае за што се разговарало, освен од тоа што го видел од новинарските извештаи и објавите на социјалните мрежи.

– Допрва тие работи ќе ги договараме. Ако треба да се прави спомен обележје има соодветна постапка и Советот на Општина Велес треба да донесе одлука да се обезбедат финансиски средства и тоа не е така едноставна работа, појасни Коцевски.

Панко Брашнаров е роден на 9 август 1883 година во Велес, а почина на 13 јули 1951 година на Голи Оток во Хрватска каде и првично бил закопан. Во 1953 година бил ексхумиран и пренесен во посебен гроб на загребските гробишта „Мирогој“.

Но, бидејќи никој од тогашните власти не се интересирал за неговите посмртни останки, тој во 1971 година бил ексхумиран и пренесен во масовна гробница на овие гробишта каде и ден денес почиваат неговите коски.

Панко Брашнаров,  народен учител и учесник во двата Илиндена, бил член на првиот Централен комитет на ВМРО Обединета и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Во негова чест е подигнат споменик во новиот дел на Велес веднаш под касарната.

Back to top button
Close