КОЧАНИ ЗАД АГОЛОТ

Иницијативата „Сапорт Кочани“ сработи повеќе за луѓето од Кочани отколку 10-те македонски влади сосе оваа на Мицкоски. И нормално е дека Мицкоски им се плаши, па ги дискредитира. Наместо да им помогне и да го фали нивниот успех, па и да им се приклучи, тој со пизмење, гледа како да ги сотре. Како и другите граѓански здруженија и иницијативи кои во општините каде што на минатите локални избори добија по неколку советници им го реметат мирот на партиите.

Па ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се толку големи и силни зошто воопшто се занимаваат со граѓанските движења? Што си го губат времето, па смислуваат начини како да ги елиминираат од изборите?

Повторно власта и опозицијата здружено направија измени на Изборниот законик со кој го зголемија прагот за потребни потписи за независни кандидати, иако Уставниот суд укинувајќи го претходниот праг од 1 процент запишани избирачи пресуди дека зголемувањето на потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидати претставува вмешување во остварувањето на избирачкото право на граѓаните.

Затоа мислам дека е фарса кога Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против, целата територија на државата да биде една изборна единица. Исто како што беше фарса кога Зоран Заев велеше дека СДСМ ќе поддржи една изборна единица, ама никогаш не се осмели да ја стави на дневен ред.

Поедноставно е да собереш потписи за да регистрираш партија, отколку да пријавиш независен кандидат на избори.

Тоа е Македонија. Партија е моја судбина.

Министерката за образование Весна Јаневска рече дека минатата година недостасуваа 17 илјади ученици и студенти кои се иселени во последните 7 години. На еден настан што се одржа една недела откако беше објавено дека само во Штип се запишаа 100 првачиња помалку од лани, таа изјави: „Гледате ,економијата сега засега добро се движи и ако продолжи со ист правец верувам дека после краток број на години дел од нив ќе почнат да се враќаат“.

Изгледа кога си на власт најбрзо се иселува контактот со реалноста.

Министерката за финансии Гордана Кочоска – Димитриеска му се закани на пратеникот Фатмир Битиќи дека ќе го тужи ако надвор од Собрание ѝ постави прашање, зошто на некои фирми Министерството за финансии не им го враќа ДДВ-то и по девет месеци, сомневајќи се дека парите им се враќаат само на партиски подобните.

Кога министерката Кочоска – Димитриеска пред неколку месеци ја навреди пратеничката Славјанка Петровска дека нема деца, наместо да одговори на прашање за цените во маркетите, мислевме дека многу се изнервирала, не ѝ бил денот, па ѝ пукнал филмот. Ама сега гледаме дека не ќе да е до нервите.

Тоа што на Кочоска – Димитриеска не ѝ се допаѓа прашањето, нема врска со нејзиното извртено сфаќање за функцијата министер. Фатмир Битиќи е пратеник. Пратеникот поставува прашања на седница за пратенички прашања. Тоа го прави во Собрание кое ги бира и разрешува министрите и во кое министрите даваат отчет пред пратениците избрани од народот.

ВМРО-ДПМНЕ нека си ја прати министерката на некој задоцнет курс од оние на „Конрад Аденауер“. Почетните курсеви за демократија во парламентарна република завршија во почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Министерката тогаш губела часови.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close