Коцкање со судбината?!
Мерсел Биљали
Султанот Сулејман му напишал писмо на својот полубрат, шејх Јахја, во кое го прашал: “Брате мој, си стекнал многу знаење и открил многу тајни, па сакам да ми кажеш – зошто пропаѓаат државите?! И што ќе биде со државата на синовите на Осман? Дали и таа ќе пропадне еден ден?”
Шејхот Јахја кратко одговорил: „Султане мој, тоа не ме интересира“! Султанот, зачуден од одговорот на својот полубрат, станал со својата придружба и се упатил кон текето на Шеик Јахја во Бешикташ. Уште еднаш го повтори своето прашање и вознемирено барал одговор и совет.
Султане мој, нели ти напишав одговор? Ако во една земја се прошири суровост, арамилак и неправда, а сите кажат: „Тоа не ме интересира!“, таа земја ќе пропадне. Пропаѓа земја во која овците ги јадат самите овчари, а не волци. Во земја каде што трезорот незаконски се троши и постепено се празни, се губи довербата и почитта кон државата. Чувството на покорност и лојалност слабее, а чувството на почит исчезнува. Во таква ситуација државата стагнира и е осудена на пропаст!
Додека бројни земји зборуваат за пропаст, Кина го изненадува светот. Испрати ракета до темната страна на Месечината, потоа успешно стаса до Марс, а истовремено изгради неколку вештачки острови на спорните гребени во Јужното Кинеско Море. А сега и нуди спас на Европската унија!
Фантастичниот развој на Кина е без преседан. Всушност, во четирите последни децении од почетокот на реформите на Денг Ксијаопинг во услови на голема сиромаштија, таа држава сега го има зголемено животен стандард на своите луѓе за повеќе од 14 пати! Интересно што, тројца реномирани експерти – Џон Миршајмер, Алфред Мекој и Бери Бузан – нагласуваат дека брзиот економски раст на Кина наскоро ќе го урива приматот на САД во светот, а со тоа и на „Pax Americana“. Дури и во текот на 2021 година кога светот ептен стагнираше поради Ковидот, статистиката вели дека бруто домашниот производ (БДП) на Кина порасна за цели 8,1 отсто!
Интересно што секоја година експерти предвидувале големи проблеми за кинеската економија, но таа секогаш изненадувала позитивно. Дури во 2001 година, познатиот економист Гордон Чанг напиша книга со наслов „Падот на Кина“, во која тој тврдеше дека скриените, тешко отплатливи заеми на Кина ќе ги уриват темелите на кинеската економија во рок од пет години. Кога тоа не се случи, тој предвиде нов кинески економски колапс за во 2011 година, потоа за 2012 година, па дури и за 2016 и 2017 година. Конечно, неговиот кредибилитет целосно пропадна. Сега веќе сериозните економисти не се занимаваат со тоа која година кинеската економија ќе пропадне, туку кога таа ќе стане водечка светска економија! Бројни анализи велат дека тоа ќе се случи по 2028 година.
Ништо на светската економија и геополитика не е трајно. Во економијата и геополитиката важи правилото – трајно е само тоа дека ништо не е трајно. Геополитиката е речиси жив организам: таа се развива, се прилагодува и мутира во контекст на промените во односите на моќта. Типично тоа го гледаме во моментов. Сега дефинитивно е започната екстремна ера на поларизација меѓу САД и Кина, додека Русија станува земја од втора категорија. Глобалната пандемија „Ковид-19“ и руската инвазија на Украина многу што променија во светот. Русија веќе три години е заглавена во калта на Украина и веќе е падната на втора лига. Украинската војна го роди вториот Трамп како доказ дека и на овај свет има пекол. Сега имаме сосема нов уплашен свет со сосема нови правила на играта. Сега е сосема јасно дека 21 век нè враќа на класичниот геополитички реализам засновуван врз сила. Оттука, ООН, и бројни други меѓународни организации, вклучително и ММФ, СБ, СТО (Светската Трговска Организација), се во своевиден колапс.
Администрацијата на Трамп продолжува да работи на минирање на односите меѓу Русија и Кина. Но, изгледа Путин многу се плаши од непредвидливоста на Трамп. Русите иако признаваат дека сè уште има одредени проблеми со Кина, пред сè во сферата на трговијата и во контекст на секундарните американски санкции, сепак стратешките односи намеѓу Русија со Кина се нераскинливи. А САД, блискоста меѓу Пекинг и Москва ја смета за закана за својата национална безбедност. Политиката на руската стратешка поставеност кон Кина првпат ја смислил познатиот руски стратег Сергеј Караганов пред 21 година. На почетокот на 21 век, тој професионално живеел и работел во Вашингтон и често учествувал на експертски форуми, го посетувал Стејт департментот и разговарал со клучни американски аналитичари и геополитичари од тоа време. Тој сфати тогаш, дека секој обид за зближување на Русија со САД е рамно на сизифова мака. Количината на нетолеранција меѓу овие две нации акумулирано низ декади од студената војна, е силна пречка кон таквиот посакуван сојуз.
Караганов ги советува и балтичките соседи (Естонија, Латвија и Литванија): „Би им рекол на нашите балтички соседи, дека најдобриот начин да се увериме дека имаат добри намери кон Русија е да не се воинствени. Нам не ни треба повеќе земја“. Русија има цел ненаселен Сибир колку 12 Украини, што е голем предизвик за Кинезите во иднина! На прашањето дали мисли дека политиките на Трамп сега се во согласност со руските или европските интереси, Караганов одговори: „Мислам дека г-дин Трамп има американски интереси во срцето. Тој разбра дека ако Америка продолжи да учествува во овој конфликт, или ќе заврши во морална катастрофа како во Авганистан, или ќе бидеме сведоци на нуклеарна војна.
ЕУ како напуштена љубовница!
Новиот светски геополитички триаголник (САД, Кина, Русија), ЕУ ја гура дури во трета лига. Барем геополитички. Нејзе ја прави нервозна загубата прволигашка позиција и исклучувањето од досегашната „голема игра“. Всушност, таа тешко го доживува губењето на својата вековна глобална доминација на светот и тоа разбирливо е болно. Тука по своја логика спаѓа и Велика Британија. Губењето на можноста да се учествува во донесувањето клучни светски одлуки од глобален карактер, дури и оние во својата близина (Украина, Иран, Блискиот Исток), Европа ја прави целосно фрустрирана. Сега ќе треба да кимнат со главата на сето тоа што доаѓа од Вашингтон и тогаш кога не им се допаѓа. Сето ова силно ги фрустрира клучните европски метрополи до тој степен што тие сега почнуваат сами да прават потези од веројатно ризична природа – целосно надвор од нивните капацитети, што може да има далекосежни последици за самата ЕУ. Бројни аналитичари велат дека ЕУ и Велика Британија сега се однесуваат како напуштена љубовница.
Деновиве, кинескиот премиер Ли Кианг телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, повикувајќи ги двете страни да одржат слободна и отворена трговија. Истакнувајќи дека и Кина и ЕУ се застапници на економската глобализација и трговската либерализација, како и непоколебливи бранители и поддржувачи на Светската трговска организација (СТО). Тој истакна дека двете страни треба да ја зајакнат комуникацијата и координацијата, да ја прошират меѓусебната отвореност, да ја заштитат слободната и отворена трговија и инвестиции, да ја задржат стабилноста и непречениот проток на глобалните индустриски синџири на снабдување, што ќе придонесе за поголема стабилност и развој за двете страни, но и на светската економија.
Апелот од Пекинг потполно и одговара на ЕУ, по американското скоро неселективно воведување царини за сите трговски партнери (иако одложени), што е типичен чин на државен егоизам, унилатерализам и протекционизам. Претходно Фон дер Лајен рече дека ЕУ отсекогаш им придавала големо значење на односите со Кина. „Клучно е Европа и Кина да го задржат континуитетот и стабилноста во сегашната ситуација“, рече таа. Сè на сè, на Европејците Трамп им зеде пазар од 150 милиони Руси, а им подари 1,5 милијарди Кинези! Германскиот весник „Handelsblatt“ објави дека преговорите веќе се започнати. Комесарот на ЕУ за трговија, Марош Шефчовик, вeќе во неколку наврати разговарал со кинескиот министер за трговија, Ванг Вентао. Нa ова линија се мнозинството членки на Светската трговска организација, кои се реално најпогодени во моментот. Бројни експерти се на мнение дека вакви американски тарифи може да предизвикаат хуманитарна криза во светот.
Авантурата на Трамп со царинити (кои моментално се во пауза, освен со Кина), може сериозно да влијае на веќе влошеното расположение на потрошувачите, а и банките на Волстрит веќе ги зголемија предвидувањата за глобална рецесија оваа година.
Што со Западен Балкан?
Американските царини наметнати на државите од Западен Балкан се асиметрични согласно нивниот извоз во САД. Повисоки царини се воведоа за Србија 37%, за БиХ 35%, за Северна Мкедонија 33%, а за Албанија, Црна Гора и Косово 10%, оти овие држави имале слаб извоз во САД.
Но, повеќе од тоа е кревката безбедност во овај регион. Балканските бродови знаат да тонат и во плитки води. Состојбата е многу заоштрена во БиХ, каде што „царот“ Додик не е сит власта ниту со тешките милиони, додека самите босански Срби се сити од него. Но, Вучиќ не пропушта да се гушка со него дури со доза на страст. Оти „големата приказна“ што ја прикажува Додик, е силно „париотско“ оружје во рацете на Вучиќ во неговата борба со студентите како „странски платеници против српството“!
Регионалните државие оправдано стравуваат од конфликт, оти не постои заинтересиран меѓународен авторитет кој тоа ќе го спречи. Сега веќе не се разговара за членство во ЕУ кога таа не знае што со себе, но повеќе од потребни се регионални сојузи како превенција. За милион долари е прашањето дали НАТО сеуште е тоа?! Некои веќе разговараат со ѓаволот, а тој знае само за пеколот! Но, познато е дека демократијата е процес кој гарантира дека нема да бидеме управувани подобро отколку што заслужуваме. Понекогаш се гордееме со нешто со кое нормалниот свет се срами!