Кога ДУИ е во тесно, посега по „Белград“

Во Белград се подготвува проект и се спроведува во Македонија за уривање на статусот на Албанците од државотворен народ во малцинство. Како што објави ТВ 21, ова го изјавил потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи. Тоа е уште една од низата теми за кои од ДУИ го повикуваат ВЛЕН да ја напушти владата, бараат да се организираат и предвремени парламентарни избори заедно со локалните, а „ако се чепне“ Законот за употреба на јазиците од Уставниот суд – се закануваат со политичка криза и бојкот на локалните избори.

Според Османи, од ДУИ упатиле братски апел до ВЛЕН да се здружат за да го стопираат проектот на Белград.

 

„Можеме да го спречиме само доколку се здружиме. И верувајте ми, овој повик не е од потпретседателот на ДУИ, тоа е братски повик од човек кој бил доволно долго во системот за да ги знае кривините на политиката. Тоа е братски повик до Албанците, до ВЛЕН, им испративме и индиректни пораки. Ова е проектот – не сте свесени каде сте влегле. Историјата ќе ви суди дека го легитимиравте проектот за рушење на нашата државотворност, што некој ја донесе со крв пред 20 години“, изјави Османи.

Не е првпат ДУИ да ја користи темата „Белград“ со цел да ги дискредитира политичките опоненти како наводни вазали на туѓа агенда – час на штета на Албанците, час на интегративниот процес. Тој наратив на ДУИ е идентичен со оној што го користат структури во соседството против идентитетот и јазикот на Македонците, опишувајќи ја државата како продукт на Тито и Белград, со тврдења дека и денешната политика на земјата е екстензија на српската, на штета на Албанците и интеграцијата на земјата.

 

ВЛЕН не верува во „солзите“ на ДУИ

И додека челници на ДУИ на ваков начин обезбедуваат „храна“ за тие структури, а се обидуваат и да создадат перцепција дека ДУИ е најисправниот геостратешки компас на земјата, тој наратив воопшто не поминува во албанскиот блок. Опонентите на ДУИ посочуваат дека Османи има други проблеми, а не проблем со дискриминацијата на Албанците.

„Тоа е планот за отчетност на Бујар Османи и неговите сопартијци, за сите злоупотреби што ги имаат направено“ изјави Билал Касами, претседателот на Движењето Беса кое е дел од Коалицијата ВЛЕН.

„За некои од тие злоупотреби веќе има кривични пријави и постапки пред органите на правдата, некои други се процесираат и наскоро ќе биде известена јавноста. И тоа е маката на Бујар Османи, а не дискриминацијата на Албанците или некаков фиктивен план од нивно време што не постои. Коалицијата ВЛЕН е во владата за да ги застапува Албанците, за да ги унапредува правата на Албанците, и тоа ќе се случи“, вели Касами.

Од ДУИ подолг период се обидуваат критиките за криминални структури во нивните редови да ги сведат на „лов на вештерки“, „хистерија против ДУИ“ и особено на „антиалбанство“, како критиките да се насочени кон Албанците во целина а не кон конкретни политичари. Но, тој обид за изземање од одговорност стана потежок откако функционери на ДУИ се најдоа на црната листа на САД, а дел и под истрага за корупциски скандали со кои е оштетен буџетот.

ДУИ реши таа слика да ја „поправи“ со неколку соопштенија. Прво, се пофали дека Али Ахмети потпишал повеќе декларации за борба против корупцијата кои биле усогласени со антикорупциската стратегија на САД, и со соодветните документи на ЕУ, на ОН, на ОЕЦД и на Советот на Европа. Второ, се пофалија дека почнало спроведувањето на внатрепартиски ветинг.

 

Од зборови – на дела!

Додека на хартија се редат антикорупциски термини, праксата бара конкретни дела. На ова во своја анализа за „Лајм“ потсетува новинарот и поранешен претседател на ЗНМ, Насер Селмани.

„Наместо да потпишува декларации против корупцијата, Али Ахмети би било добро да премине од зборови на дела против корупцијата. За да не убеди дека навистина е посветен на борбата против криминалот, тој треба да ги повика поранешните функционери во бегство – Артан Груби и Перпарим Бајрами да се вратат во земјата и да се соочат со обвиненијата за злоупотреба на службената положба“, вели Селмани.

Според него, избегнувањето да се соочат со истражните органи со изговори за селективна правда – не држат, бидејќи тие самите го создале овој правосуден систем во текот на нивното 22-годишно учество во власта.

„Она што ДУИ не го направи за борба против криминалот толку години во власта, со исти луѓе, нема да го направи уште 20 години“, вели Селмани.

„Не само што не успеаја да се изборат со корупцијата, туку постојат сериозни сомнежи дека со своите постапки ја поттикнале и самите се вклучени во неа“, оценува тој.

Потсетува и дека ДУИ е виновна за создавањето на т.н. заробена држава, која беше производ на режимот на Груевски, но и дека постоењето на тој антидемократски режим во кој беше вклучена и ДУИ, го потврди и самата ЕУ преку извештајот на експертот Рајнхард Прибе од 2015 година.(dw)

 

Back to top button
Close