Кога ќе станеме дел од ЕУ Македонците ќе ги искинат бугарските пасоши, вели Мицкоски
Граѓаните кои имаат бугарски пасоши ќе ги искинат уште првиот ден откако ќе станеме дел од Европската Унија, вели премиерот Христијан Мицкоски.
На прашањето дали ќе побара од македонските граѓани да се откажат од бугарски пасош, тој нагласи дека е тоа индивидуална одлука. Според него, вистинското прашање е зошто македонските граѓани не барале бугарски пасош пред Бугарија да биде дел од ЕУ и оцени дека зад тоа во најголем дел, стојат економски причини.
-Бугарскиот пасош не е поради етничка припадност или национална. Јас како што знам бугарски пасоши во Македонија имаат различни етнички заедници во Македонија, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, Влади, Бошњаци, сите имаат поради економски причини, мислат дека на тој начин полесно ќе добијат работната дозвола за да работат во земјите од ЕУ. Треба да ја кажеме вистината. Не затоа што се чувствуваат Бугари, сигурен сум дека не е тоа причината. И сигурен сум дека најголемиот дел од нив утре би се откажале ако не се случеше оваа неправда да две и пол децении чекаме да почнеме преговори. Ако имавме нормален пат како што имаа сите земји членки нови во ЕУ, јас ви гарантирам дека ниту еден македонски граѓанин во Македонија немаше да посака бугарски пасош. Ви гарантирам, ви потпишувам. И ви гарантирам, ако го добиеме заслуженото, имаме ние внатре многу проблеми коишто треба да се решаваат, еве за дел зборувавме и на оваа прес-конференција, но многу повеќе заслужуваме од многу повеќе земји членки коишто станале дел од европското семејство. Првиот ден кога ќе станеме јас ви гарантирам дека тие ќе ги искинат. Ова ви го потпишувам – изјави Мицкоски по средбата со претставници на Стопанска комора на Северо-Западна Македонија.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за Радио Слободна Европа, изјави дека во Брисел нема волја зе менување на Преговарачката рамка. Во однос на уставните амандмани, тој посочи дека веќе имаме решение на маса.
-Се сеќавате уште во јули 2022 година многу внимателно ги следев преговорите што се водеа приближно помеѓу есента 2020 година и тој договор што беше постигнат на 22 јули не беше лесен процес, или за која било страна, беа направени компромиси. И како резултат на тоа, мислам дека веројатно е склучен најдобриот договор што можеше да се направи во тоа време? Дали оваа Влада би можела да постигне подобар договор? Јас лично многу се сомневам во тоа. Се разбира, тоа е прашање меѓу двете влади, но многу се сомневам дека тоа може да се постигне. И не гледам апетит во Брисел за повторно разгледување на преговарачката рамка, која е основа на преговорите. Како што велам, има решение на маса. Би било добро сега да напредуваме кон тоа решение – рече Гир.