„Кога лажевте – кога бевте во опозиција или сега?“ – Симоновски со директно прашање до градоначалникот


Советникот од редовите на СДСМ, Горан Симоновски, упати остри критики до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го за недоследност во ставовите околу проектот за БРТ-системот.

Во своето обраќање, Симоновски посочи дека актуелната власт зборува едно додека е во опозиција, а сосема друго кога доаѓа на власт.

„Сакам да ве прашам дали го познавате човекот на сликата – Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, сега советник на Христијан Мицкоски. Тој за истиот проект бараше од Шилегов да не го остави како проблем за скопјани и тврдеше дека БРТ е неефикасен систем“, рече Симоновски.

Тој потсети дека, пет години подоцна, од редовите на власта доаѓа сосема поинаква порака за истиот проект.

„Денес, вашиот потпретседател и министер за транспорт и врски за истиот систем вели дека станува збор за современ градски сообраќаен систем кој ќе ја подобри ефикасноста и економичноста на транспортната мрежа“, нагласи Симоновски, прашувајќи: „Кога лажевте – кога бевте во опозиција или сега?“

Во продолжение, тој обвини дека вистинската причина за противењето на проектот била политичка.

„Тогаш не можевте да учествувате во тендерирањето, па затоа го блокиравте. Не дека проектот беше лош“, истакна Симоновски, додавајќи дека граѓаните ја платиле цената за таквите одлуки.

Според него, блокадата на БРТ-системот резултирала со финансиска штета од над 1,5 милиони евра, но и со последици врз секојдневието на граѓаните.

„Тоа го плативме со чекање автобуси, со загаден воздух и со изгубени средства. Како не ви е срам?“, порача тој.

На крајот, Симоновски побара од градоначалникот јавно извинување.

„Дали ќе им се извините на граѓаните за блокадата што ја плаќаа со здравје, време и пари? Дали ќе се извините во името на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски за политиките што ги спроведувавте изминатите пет години?“, праша Симоновски.

Back to top button
Close