Кога литературата би помирувала – Македонија и Бугарија

Вториот по големина Саем на книгата во Германија се одржува секоја пролет во градот Лајпциг. Тој веќе со децении е и промотивна сцена за литературите од земјите во Југоисточна и Источна Европа. Оваа литературна активност на саемот е од извонредно значење за земјите кои штотуку ги започнале пристапните преговори со ЕУ. Литературната сцена е најдобриот медиум за граѓаните на старите ЕУ-членки, како Германија, да се стекнат со први сознанија за земјата-кандидат, за чија литертура и јазик, можеби, тие дотогаш не знаеле ништо. Токму затоа добро организираните земји-кандидатки благовремено започнуваат со своето „промовирање“ во ЕУ и преку литературата. Културата најбрзо помага да се запознаеме со историјата и традицијата на една земја, со менталитетот на луѓето, со нивната „уметност на животот“, со нивната кујна и музика. Со еден збор, со сето тоа што ја прави културата на една земја нешто неповторливо. Тоа најбрзо и најлесно може да се постигне преку книгите. Впрочем, книгите се нашите први имагинарни патувања во непознатите земји. Романот „Сто години самотија“ на Габриел Гарсија Маркес во 1967-та во еден миг ја „презентираше“ Латинска Америка пред целиот свет на неповторлив начин.

Литературата како излез од ќорсокакот

Презентацијата на литературата на една земја како земја-гостинка на Саемот на книгата во Лајпциг привлекува големо медиумско внимание. Кога една земја е во фокусот на саемското и медиумското внимание, тоа придонесува да станат видливи преку своите дела на саемот, преку литератирните читања и разговори многу повеќе авторки и автори од таа земја. Да се биде „Gastland“ во Лајпциг не е само одлична шанса да се запознае пошироката европска, но, пред сѐ, германска јавност со литературата на една земја. Во нејзините рамки има повеќе придружни програми, во кои посетителите на саемот, но и сите заинтересирани, имаат можност да се запознаат, на пример, со музиката или со кулинарските специјалитети на „земјата-гостинка“. Освен тоа, литературата на најубавиот начин ја пројавува јазичната и националната посебност на еден народ, така што таа може да продонесе да се надмине „ќорсокакот“ во кој, понекогаш, нештата ги доведува политиката.

Секако, таков зафат не се прави набрзина. За таа цел беа благовремено подготвени многу солидни преводи од хрватски на германски на делата на една редица реномирани хрватски писатели од сите генерации. Само за тој потфат се неопходни две-три години. Хрватските писатели присуствуваа не само на Саемот на книгата во Лајпциг, туку имаа и литературни читања во повеќе германски градови. Еден месец по презентацијата на хрватската литература во Лајпциг, при еден официјален престој во Загреб, како членка на германската делегација која го придружуваше претседателот Хорст Келер на неговата прва посета во Хрватска и Македонија, дознав од разговорите со луѓето од културата дека манифестацијата била замислена, поддржана и организирана од хрватското министерство за култура. За презентацијата на Саемот на книгата во Лајпциг 2008-та, хрватските организатори добија активна поддршка од унгарските писатели и литературни критичари. Тие станаа еден посебен вид промотори на литературата на соседната земја. Зошто ѝ била потребна ваквата промотивна помош на хрватската литература токму од унгарските литерати? Затоа што поддршката изразена од литератите на една постара ЕУ-членка за своите колеги во соседната земја, која се наоѓа на почетокот на патот кон ЕУ, одговара на вистинскиот дух на европското обединување.

Тоа што не може политиката, може да го сторат бугарските писатели

Се разбира, голема среќа е за земјата која се наоѓа во пристапни преговори со ЕУ, кога нејзината соседка е веќе одамна членка на ЕУ, а, притоа, поседува богата литературна традиција и е подготвена да „лобира” за нејзината литература. Затоа што постарата ЕУ-членка има поголемо искуство во презентацијата на својата литература на светските саеми на книгата, таа може да ѝ помогне на сосетката со многу практични совети. Македонија е малечка земја, од чии соседи само две земји се подолго време членки на ЕУ. Тоа се Грција и Бугарија. Со оглед на тоа што македонскиот и бугарскиот се словенски јазици, би било логично, во духот на европското пријателство, на патот на Македонија кон ЕУ Бугарија да „лобира” за презентацијата на македонската литература во ЕУ. За жал, бугарскиот политички врв веќе го положи во архивата на ЕУ „своето” гледиште за македонскиот јазик, кое е далеку од духот на европската поддршка. Меѓутоа, тоа што не може да го стори политиката, може да го сторат реномираните бугарски писателки, писатели и издавачи.Тие би можеле поуспешно од политиката да „лобираат” за некоја идна промоција на македонската литература на Саемот во Лајпциг.

На пример, тоа би можеле да го сторат сите бугарски писателки и писатели кои се веќе преведени на македонски јазик. Тие со своите дела веќе помагаат да се изградат мостови помеѓу Македонците и Бугарите. Кога тие, заедно со своите бугарски издавачи, би им предложиле на надлежните за Саемот на книгата во Лајпциг, на пример, во 2027-та „Гастланд” да биде Македонија и нејзината литература, тогаш тој чин би бил европски во најдобрата смисла. Со добро организиран настап, во што би можеле на македонските издавачи да им помогнат бугарските колеги, македонските писателки и писатели би сведочеле многу посилно за посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот национален идентитет на литературната сцена во ЕУ. Кога во тоа би биле помогнати од реномирани бугарски писателки и писатели, тоа би била вистинска победа на модерниот демократски европски дух над анахрониот балкански дух на националниот и културен империјализам.

Потребни се храбри автори

Секако, со тоа бугарските писатели и издавачи би сведочеле среде ЕУ дека не се согласуваат со односот кон македонскиот јазик на официјалната бугарска политика. Доколку би имале храброст да го сторат тоа, тие бугарски писатели, заедно со своите македонски колеги, би го отвориле вистинскиот пат за помирувањето на народите преку литературата.

За тоа се потребни храбри луѓе, храбри авторки и автори, кои се уверени во силата на литературата, која стои над сите политики и граници. Со оглед на војните инспирирани од национален и културен империјализам, не е ли крајно време токму писателите и издавачите во балканските земји-членки на ЕУ да се дистанцираат од тие стремежи во политиката во своите земји, постапувајќи кон своите колеги во соседната земја во духот на солидарноста на творците? Впрочем, писателите се од еден род, независно во кој народ се родени. Нивниот род е тој на словото и на слободата.

 

Back to top button
Close