Кога се распаѓаат библиотеките во Македонија

Додека најголемите партии водат фронтални војни за тоа кој го „спасува“ и кој го „жртвува“ македонскиот идентитет, пред очи им се распаѓа неговиот симбол – НУБ. 

Во Македонија има само една универзитетска библиотека, Националната и универзитетска библиотека во Скопје. Само што и таа се распаѓа, иако Македонците се повикуваат на писменост од Св. Климентово време. Во Германија универзитетска библиотека има секој град со поголем универзитет. На пример, Бонската универзитетска библиотека е во зграда од 1960-тата, а НУБ  во Скопје од 1971-тата. Што значи, и двете се  градени  во речиси исто време. И едната и другата се израз на модерна архитектура со фокус на особената конфигурација на околината. Бонската библиотека е крај Рајна, па затоа едната фасада е целосно застаклена, со што читалниците имаат чудесен поглед кон реката. Зградата на НУБ во Скопје, дело на архитектот Петар Муличковски, исто е во дијалог со Старата чаршија, кон која е свртена зградата. Токму затоа и стилскиот израз е во созвучје со духот и градбата на средовековната архитектура. Библиотеката наликува на старите македонски куќи, оградена со долги чардаци. Што е, сепак, суштествената разлика помеѓу бонската и скопската универзитетска библиотека? Таа е во односот на луѓето во двете држави кон своето културно наследство. Додека бонската библиотека беше реновирана цели девет години (1999-2008), скопската беше оставена да се распадне.

Одговорните македонски државни установи заборавиле дека зградата не е вечна, дека треба континуирано да се заштитува и поправа. Пред очите на македонска јавностзградата на НУБ се распаѓала со години. Дури и кога до неа се градеше ново крило, никому не му паднало на ум да провери каква е состојбата во старото здание. Лекот бил во духот на македонското животно кредо: ако прокапува покривот, стави кофа! Кога нема доволно кофи, затвори ги читалниците. За да не гледаш како сѐ се распаѓа! Оваа македонска „итрина“ ја познавам од времето кога работев на Филозофскиот факултет. И таму при секој посилен дожд аулата беше полна со кофи, кои не беа уметничка инсталација. Тие беа итарпејовско македонско справување  со проблемите.

Додека ја пишувам комунава, гледам од прозорецот врз реката Мозел, на чиј еден брег се наоѓа стариот град Бернкастел-Кус, а на падините на другиот се протегаат бескрајни лозја. Сѐ наликува на голема градина: чудесната мирна река (во која не пливаат пластични шишиња и отпад), безбројните дрвја од рози во цут долж кејот, старите реновирани средновековни куќи и лозјата кои небаре на брегот ги исцртал сликарот Паул Кле. Шетајќи се под заодното сонце крај реката, си велев „вака се грижат луѓето за секој детал само кога си ја сакаат својата земја!“ Старите винарски куќи крај Мозел им нудат на туристите прекрасни станови со поглед на големата река. Во секој од нив, на гостинот чека едно шише мозелско вино и едно чудо прирачници за историјата на областа од римското, средновековното и модерното време. Освен тоа, туристички водичи за гастрономија и култура. Во околината има многу римски археолошки локалитети и средновековни цркви. Патем, овде е роден 1401-тата прочуениот филозоф Никола Кузански.

Заедничкото е туѓо

Се прашувам, зошто не е така и во Македонија? Таа има и прекрасна природа и убави реки, стари градови со историја и археолошки локалитети, но и прочуени средновековни цркви. Што значи, германската област крај Мозел и онаа, на пример, околу Велес, во селата по текот на Вардар, Црна река или Бабуна, не е различна. Разликата е во начинот на кој Германците се грижат за своето наследство, за својата природа, традиција и историја, а со тоа и за својата сегашност. Германците работат и го чуваат наследеното од предците. Во Македонија старото обично се остава да пропадне. Македонските градови и села се преполни со напуштени стари куќи. Зошто никој не чувствува болка кога ќе го види тоа? Зошто пропаѓаат средновековните цркви во Македонија и се уништува Охрид и Струга, но и скопската стара чаршија? Мојот одговор, по четири децении живот во Германија: во Македонија најголемиот број од луѓето не се чувствуваат одговорни за тоа што припаѓа на заедницата или на државата. Заедничкото им е туѓо. Во државните институции, пак, владеат партиските интереси, впрочем, за вработувањето одлучува партијата. Тие луѓе исто не чувствуваат одговорност за заедницата, туку само за својот личен интерес. А тоа е  само брзото збогатување! Не случајно во македонската политика денес има толку милионери. Тоа не е симптом, тоа е веќе синдром. Затоа тие повеќе сакаат да уриваат, отколку да го заштитуваат, чуваат и реновираат тоа што го наследиле од предците и од старите култури кои некогаш живееле во Македонија.

Македонското општество небаре одамна да го изгубило етичкиот компас во многу сфери на животот. Без работен етос, без совесна и одговорна работа, пред се‘, во политиката, македонските граѓани нема никогаш да разберат што, всушност, значат европските вредности. Нема никој од Брисел да дојде и да ги заштити македонските библиотеки од мрзливоста и негрижата на македонските граѓани, на кои пред нос им се распаѓаат библиотеките, старите цркви, старите куќи. Се‘ додека Македонците во ЕУ гледаат „земја дембелија“ која ќе им дава субвенции, без тие притоа да мрднат со малиот прст, без да се променат самите и својата околина, во Македонија и понатаму ќе се распаѓа културното наследство. Опстанокот на Македонија не е загрозен однадвор, туку однатре: од неморалот, несовесноста, негрижата и некадарноста која владее  насекаде, но најмногу кај македонските политичари и кај македонската државна администрација. Пропаѓаат вредни споменици на културата како зградата на НУБ, додека македонските политички и административни структури не можат да се усогласат кој е надлежен да ги заштити и реновира. Каква кафкијанска приказна!

Библиотеките – чувари на духовното и културно паметење 

Моралот и етичноста, самосвеста и одговорноста на граѓанинот не се учи во Брисел. Таа се учи, најнапред, од родителите, а потоа во училиштата, во универзитетите. За образованието на самосвесни и морални личности се од суштинско значење науката, филозофијата и уметноста, со еден збор, писменоста и просветата. Затоа, кога во Македонија на луѓето пред очи им се распаднала универзитетската библиотека, тоа е симптом дека и македонското општество е одамна болно и загрозено. Кога се распаѓа симболот на писменоста како НУБ, тогаш треба да биде алармирана целата јавност. Затоа што НУБ е израз на македонскиот национален идентитет. Него не може да го загрози ниту Бугарија, ни Грција, ниту промената на името на државата, доколку неговото јадро би било силно. А тоа јадро се културните и образовните институции. Националниот идентитет не е популистичкиот фанатизам на националистите. Додека најголемите партии водат фронтални војни за тоа кој го „спасува“ и кој го „жртвува“ македонскиот идентитет, пред очи им се распаѓа неговиот симбол – НУБ, основана според одлуката на АСНОМ 1944-тата!

Библиотеките се културното наследство на цивилизациите. Тие се чуварите на духовното и културно паметење на еден народ. А затоа што секој народ, доколку поседува национална и културна самосвест, се стреми да остави трага за своето постоење, библиотеките секогаш имаат значење за сето човештво. Онаму каде што уште постои библиотека, таму е сочувано културното и духовното паметење на тој народ. Кога се распаѓале големите царства како Византија, учените луѓе уште пред да настапи пропаста ги спасувале драгоцените стари списи, носејќи ги со себе во Рим, Фиренца и Венеција. Царствата пропаѓале, но библиотеките се спасувале, затоа што најкревките нешта пред огнот на војните, книгите, го чуваат сеќавањето на човештвото. Кога се распаѓаат и библиотеките во Македонија, тоа е само симптом дека негрижата македонска одамна ги загрозува духовните и етички темели на македонското општество.

Kица Колбе

извор. ДВ

Back to top button
Close