Кога татковината ти станува џелат

Почитувани читатели, секое мое писмено обраќање до вас е мое јавно споделување на личните емоции, затоа што сум емотивно поврзан со сите вас кои што ме читате, разбирате и сочувствувате со мене. Ги почитувам сите луѓе, се дистанцирам од нелуѓе. Животот е само еден, барем овој земен. Нема репризи, нема второ полувреме и секоја вечност е кратка. Вечни се само добрите дела зад нас.

Изминаа 5,5 години од стечајот на Еуростандард банка. Сѐ уште легнувам и станувам со мислата ,,како можеше ова мене да ми се случи”. Зошто, мојата Еуростандард банка се однесе во стечај без реални причини. Денес, фактите говорат за тоа дека оваа налудничава одлука на екс –гувернерот Бежоска за носење на Еуростандард банката во стечај, за жал се уништија многу семејства, вклучително и моето.

Полни 5,5 години се води истрага против мене. Како главен осомничен со вперен прст кон мене, замрзнат личен имот кој не смеам да го стопанисувам ниту отуѓувам, дополнително мора да барам посебна согласност од судот за да го регистрирам сопственото возило.

Резил! Резил за ваков однос кон мене од институциите кои ја водат државата, посебно Јавното обвинителство, судство и Народната банка.

Важам за најголем донатор и хуманист. За доброто на мојата држава и моите сограѓани од осамостојувањето на Македонија до денес имам многу хумани дела зад мене. Можеби звучам арогантно ама тоа се факти, а велат дека пред фактите и боговите молчат. Не е добро сам да кажуваш добро за себе, но длабоко сум погоден и имам потреба да им ја кажам на моите читатели вистината. Никогаш порано не сум имал потреба јавно да зборувам за моите хуманости и донации… Сега имам, затоа што сум изигран, неразбран и игнориран.

Денес, од стечајната маса на Еуростандард банка во стечај, обештетени се сите правни и физички лица, клиенти на банката. Ако постои многу мал процент на необештетени, тоа е чисто интригантна форма стечајот да продолжи, а мојот имот да се крчми во џебовите на неодговорни лица.

Како може госпоѓата, екс-гувернерката Бежоска да си замине од функцијата Гувернер со прекрасно CV, а да има ваков товар во професионалната кариера? Таа не користеше инструменти кои ѝ беа на располагање, согласно Законот за банка, а МОРАШЕ да ги користи! Тоа се вонредните мерки и администрацијата на банката. Цели 3 месеци потенцијалниот партнер за докапитализација на банката чекаше на прием и на крајот беше избркан како куче, иако ги исполнуваше сите критериуми за негов влез во структурата на банката. Како може госпоѓата Бежоска денес да биде почитувана од овој систем, а за мене полни 5,5 години да се води истрага од Јавното обвинителство, згора и замрзнат имот. Кој ја замрзна правдата и ја заледи човечноста?

Живееме во демократски систем, но за жал демократијата се практикува само во име на тесните партиски интереси.

Упорно чукам по вратите на Владата, Јавното обвинителство, Народна банка, но за жал истите за мене се затворени.

Злосторот врз мене направен е пред полни 5,5 години, за мене цела вечност, а за актуелните политичари веројатно стар предмет кој не заслужува внимание.

За актуелната Влада, ова е злостор кој го направила минатата Влада и не чувствува потреба да се заземе за вистината да излезе на виделина. За високите функционери, кои што пред себе имаат високи цели и возвишени идеали (би требало да имаат), правдата да завладее во државата, не прифаќам извинување дека не може да помогнат.

Ако Јавното обвинителство и судство сѐ уште се окупирани, тогаш истражните органи под контрола на МВР и новиот Гувернер на Народна банка, господинот Славески, можат да преземат одговорност и да го преиспитаат овој случај.Доколку Народна банка на чело со новиот Гувернер Славески направи длабока анализа за екс-гувернерот Бежоска и отвори истрага за овој случај, нема сомнение дека и заробеното Јавно обвинителство и судство ќе го прифатат овој извештај.

Господине Премиер Мицковски, вие сте неприкосновен владетел во Република Македонија. На изјавата од Господинот Кедев, признат светски кардиолог дека во приватните болници се прават срцеви операции без потреба, покренавте силна машинерија оваа изјава да се провери, иако господинот Кедев е само врвен кардиолог.

Цели 5 години секоја недела пишувам колумни за стечајот на Еуростандард банка. Минатата година ви подарив книга под наслов „Мојот непокор” со повеќе од 250 колумни и 447 испишани страници, надевајќи се дека преку овој мој писмен бунт ќе ме разберете дека имам, поточно имаме сите сериозни проблеми со корупцијата. Болката е моја, зашто мене и моето семејство нѐ уби нашата сакана Македонија. Мојата света Македонија за која сум давал и сѐ уште давам, е мојот џелат.

Почитувани читатели, не ми замерувајте што со вас ги споделувам моите убави и лоши искуства, така се чувствувам дека барем вие ќе ме разберете, бидејќи сте мои сограѓани и вистински судии за она што денес се случува во Македонија.

За жал, не сум единствениот кој настрадал од сопствената, сакана татковина.

Драги мои сограѓани, од вас ја црпам силата да ја продолжам мојата борба. Каде и да се појавам во јавноста го имам вашиот респект. Во мене препознавате човек кој го красат вистински хумани вредности. Знаете дека јас криминалец не можам да бидам. Најискрено ви благодарам за вашата поддршка.

Убеден сум дека на било која порта да чукнам, кај било кој мој сограѓанин, вратата ќе ми ја отвори и пречека со респект. Но, заробените државни институции, киднапирани од корумпирани криминалци кои ја инструираат и политиката, и натаму молчат… Тие ми се џелатите.

Трифун Костовски

 

 

 

 

Back to top button
Close