КОГА ТАЛОГОТ ЌЕ СТИВНЕ
м-р. Глигор Стоименов
Почитувани, Македонија еве полека привршува со големите прослави!! Од 2 август па наваму не застанавме со прославите! Па така беше и за овој 8 септември, Денот на независноста, празник кој го одбележуваме веќе еден месец ширум земјата. Не знам дали некоја држава до сега одбележувала ден на независност (35 години) буквално цел месец! Не ми е познато вакво нешто! Добро и некои други поранешни југословенски републики одбележуваат 35 години, ама тивко и незабележано, со по некој настан од час, два и толку!! Но најсиромашната и економски најслаба држава на Балканот им покажа на сите како се слави, ами како? Државата го отвори “ќесето“ преку “општествено-одговорни“ компании и акционерски друштва со “корпорациски пари“ нели, па им понуди “леб и игри“ на народот, а што друго би понудиле??? Тоа е обично карактерна особина на овие “али експрес“ авторитарни политички партии кои немаат никаков резултат околу прогресот и напредокот на земјата па сакаат на еуфоричен и лесен начин да го билдаат националното “либидо“ кај нацијата со гламурозни и скапи прослави, за 35 години човече? Ќе помисли некој од страна дека 100 години слави републиката?? Ако случајно ги прашате за отчет околу потрошените пари ќе Ви дадат “идиотски одговор“ како оној организаторот на настанот! Замислете колку е среќна нацијата кога ќе и кажат дека биле потрошени “нула денари“ за еден месец прослави!! Не сме знаеле до сега дека имаме толку финансиски моќни “општествено-одговорни“ компании кои може да го финансираат сето ова, абе Америка не може со нас, со нашите компании??
Но еве кога ќе се смират малку работите, кога талогот ама оној вистинскиот талог малку ќе стивне, ќе подзапре со говори на омраза, со навреди, кога ќе се намали еуфоријата и поделбата во македонското општество околу генералот Ратко Младиќ, за едни херој за други воен злосторник, мислам дека треба околу некои работи да проговориме и да одговориме!!
За жал и на овој 8 септември сите оние кои не мислат исто како официјалната владина политика повторно беа навредувани и нарекувани “талог“, “нихилисти“, со една “силна“ порака дека талогот не можел да биде елита?? Само тие можеле да бидат елита! Ќе Ве навредат и исплукаат и на крајот ќе прашаат “Зошто вие се пронаоѓате во талогот“! Демек сте имале “фројдовски синдром“! За Фројд знаат толку колку што баба ми знаеше за вештачка интелигенција ама важно го користат масовно, слушнале за тоа негде и некаде ама ништо не разбрале!! Ќе ги замолиме во иднина да не го користат толку Фројд, да прочитаат нешто околу неговите теории затоа што ова што го зборуваат нема врска со Фројд!!
Каде се наоѓа денес вистинскиот талог?
Таму некаде во почетокот на 2019 година за време на една конференција во Белград по завршувањето на обврските една вечер прошетавме така низ белградските улици и муабетевме со еден од највисоките функционери во ВМРО-ДПМНЕ од времето на Никола Груевски, тогаш веќе во опозиција, па ми вели: “Знаеш не ми се допаѓа ова ново раководство на мојата партија, таму не гледам разум и разбирање околу политиката, ако е оваа екипа на власт ќе се истепаме меѓу себе“, ми вели човекот!! На моето прашање и констатација дека сепак лидерот на партијата е универзитетски професор па ако другите околу него се такви “опскурни“ сепак тој има пошироки гледишта и разбирање?? На ова мое прашање тој само ги крена рамениците, направи некоја гримаса и не кажа ништо, но и тоа беше доволно, некогаш и кога ќе премолчите е доволно да пратите јасна порака!!
Денес, седум години потоа, еве таа екипа е власт во државата и гледам дека она што ми го кажа човекот било во голема мера точно, добра анализа им направил!! Впрочем се гледа од приложеното!!
Македонија во својата историја како самостојна држава не памети одбележување на своите најголеми државни празници со пораки на омраза и омаловажување кон сите оние кои не мислат исто!! Тие биле “талог“ во општеството?? Тоа се случи на Илинден, 2 август годинава, се случува постојано цела година, а еве се случи и на денот на независноата! Никогаш, ама баш никогаш до сега немало партиски говори на вакви празнични настани! Вообичаено до сега пораките од нашите големи празници биле секогаш обединувачки и се однесувале на почит кон славното минато и на оние кои ги дале своите животи и се вградиле во нашата историја.
За разлика од тоа го слушав говорот на лидерот на опозицијата по повод 8 септември Денот на независноста и не слушнав ниту еден збор на омраза и критика кон оние кои не мислат така, еден говор за пример со силни пораки!! Има разлика секако!! Кога на еден врвен доктор и професор кој спасува животи, кој во среде ноќ да го повикаат и за нив ќе дојде, ќе го наречете талог, тогаш мора нешто да не е во ред со Вас??
Па сега останува да се прашаме, каде е вистинскиот талог??
Кога само ќе ја погледнете кадровската понуда на владејачката партија, односно кога гледаат Македонците кој ги управува и кој раководи со нашите институциите, каков е тоа човечки материјал, ниво на образование, домашно воспитание, ќе разберете всушност каква е тоа “елита“, абе да се чудиш!!
Ајде да видиме кој раководи со институциите кои ги претворија во партиски штабови?? Дали е тоа елита или тоа е оној вистинскиот талог во општеството?? Се разбира секогаш постојат исклучоци, но со нас денес владеат мноштво на лица со несоодветно и недооформено образование, некои- од нив со две години школо и голем одмор, лица кои за две години завршиле три факултета, многумина од нив со фалсификувани дипломи и сертификати, ете такви лица се власт во оваа држава, односно “елита“!! Луѓе со правосилни пресуди и осудени измамници заминуваат во дипломатски мисии!! Исто така еден куп луѓе со несоодветно образование раководат со многу важни институции па поради нив почнаа и условите во конкурсот да ги менуваат!! Сериозни предизвици стојат пред Агенцијата за администрација која горе доле малку се стабилизираше изминативе пет шест години но еве повторно е пред големо искушение под налетот на оваа партиска машинерија која гази се пред себе!! Денес главни медиумски перјаници се извикани ликови правосилно осудени, абе немаат ни срам ни перде, место да се скријат во дупка тие гајле немаат и плус оро водат!!
Па што е тоа ако не е талог??
Па не ми се веруваше кога видовме во јавноста дека во некои “општествено-одговорни“ компании на платен список се наоѓаат познати професори, експерти, новинари, артисти, уметници, некои залутани ебиветровци, сите со една цел, да ја поддржуваат владејачката политика за 40 илјади денари месечно?? Кое дно човече?? Па ако ова не е талог не знам што е?? Тоа да ти било елита?? Разбирајќи ја власта како плен брутално ја партизираат државата кај што ќе стигнат. Секој мисли дека може да биде “се“ во оваа држава, условот е само да е наш!! Ужасно лоша порака до младите!! Ова Македонија не го памети до сега, иако се менувале партиите на власт, вака не било!!
Македонија исто така не памети вакво замешателство во македонското правосудство?? Па погледнете го обвинителството!! Имате директни нарачки што треба да работат обвинителите. Под политички притисок се отвораат веќе затворени предмети без никаква сериозна правна логика и аргументи!! Како да не разбираат дека обвинителството работи врз основа на докази а не врз основа на политички желби и замисли, дали на некоја партија нешто и се допаѓа или не!!
Што е тоа ако не е талог??
Па веднаш ќе Ви биде јасно зошто се зголемува апатијата, зошто луѓето не сакаат да излезат на избори да гласаат и зошто трчаат по бугарски пасоши?? Тоа што за една година имаме запишано 3000 првачиња помалку воопшто не ме чуди, другата година може и помалку ќе имаме? Која иднина на младите ја понуди оваа политика?? Ни ја затворија ЕУ пред очите и нема на повидок никакво светло во тунелот, ми вели еден другар!!
Нема ниту да има!
На крајот на краиштата знаете не е веќе најголем проблем тоа што отворено и свесно не држат надвор од ЕУ и што единствен прозорец кој ни го нудат е “српскиот свет“!! Тоа веќе го прават транспарентно без око да им трепне и тоа во повеќе сектори, банкарскиот сектор, медиумскиот, спортскиот сектор и велам тоа не е најголемиот проблем? Поголем проблем е тоа што се уште голем дел од нашиот народ се согласува со ова и сака да бидат дел од тој свет и се идентификуваат со тоа!! Тоа е проблемот на нацијата?? Ги боли “таквото“ за Европа, абе ќе Ве истепаат ако им кажете нешто против генералот Младиќ!! Не знам дали гледаме што се случува со нас??
Кај сме ние а каде се Црна Гора и Албанија??
Почитувани, нашата нација треба да знае дека иднината и просперитетот за нив и нивните деца никој нема да им го подари!! Треба сами да се изборат за тоа!! Власта ја интересира само власт и ништо друго!! Прославите завршија и треба да се соочите со реалниот живот и да се запрашате дали живеете подобро, дали имате поголема плата и како ќе се справувате со претстојната есен и зима??
За жал пак ќе повторам, огромен историски хендикеп за оваа нација е што во ова сложено и тешко време невреме, ја имате оваа политичка гарнитура на власт!!
Ама таа одговорност оваа “елита“ да биде власт е само кај македонскиот народ, кај никој друг!!






