Кои се Друзите?

АФП

Друзите се малцинство на Блискиот Исток, поделени меѓу Израел, Либан и Сирија, кои се стремат да го зачуваат својот идентитет.

„Друзите се заедница што ги надминува просторот и географијата“, вели Макран Рабах, историчар и професор на Американскиот универзитет во Бејрут.

Повеќе од еден милион Друзи од Блискиот Исток одиграле многу важна улога во регионот, додава тој, прецизирајќи дека Друзите се дел од основачките заедници во Либан и Сирија.

Во последните денови имаше судири меѓу Друзите и бедуините во јужна Сирија, а по тој повод Франс-прес, презентира извештај за Друзите.

Друзиската теолошка школа потекнува од Египет на почетокот на 11 век како секта во рамките на шиитскиот ислам. Оваа школа се смета за езотерична од страна на мејнстрим исламот.

Обвиткана во еден вид тајност, друзската мисла вклучува мистични елементи како што е верувањето во реинкарнација.

„Не сфаќате дека одредени луѓе се Друзи сè додека самите не го признаат тоа“, вели Макрам Рабах.

Заедницата Друзи не прифаќа нови членови и не охрабрува бракови надвор од нејзините граници.

Религиозните празници на Друзите се совпаѓаат со муслиманскиот календар. Традиционалната облека на Друзите е црна. Мажите носат бели турбани или капи со специфична форма, а жените ги покриваат главите и дел од лицето со долг бел превез

„Таму каде границите се исцртани, Друзите всушност не ги признаваат“, вели Рабах, додавајќи дека тоа се должи на фактот дека Друзите се женат меѓу себе низ целиот регион.

„Религиските водачи играат многу важна улога во одржувањето на овие регионални врски меѓу Друзите“, додава експертот.

Пред почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година, земјата беше дом на околу 700.000 Друзи, кои зборуваа арапски, заеднички јазик за целата земја, што е вистински мозаик од заедници.

Според универзитетскиот експерт и калиграф Сами Макарем, кој живеел од 1931 до 2012 година, Друзите почнале да мигрираат во јужна Сирија во 16 век, во регион што сега се нарекува Џабал ал-Друзи во покраината Свеида.

Сириските Друзи се особено концентрирани во оваа покраина, која е нивно упориште, како и во соседната покраина Кунеитра и во предградијата на Дамаск, особено Џарамана и Сана, кои пролетва беа погодени од секташко насилство.

Во Либан, според проценките, околу 200.000 Друзи живеат главно во планинските централни региони и во јужните делови на земјата, во близина на границите со Израел и Сирија.

Во Израел, околу 153.000 Друзи се израелски државјани, кои живеат главно во северните делови на земјата.

За разлика од другите израелски Арапи, од Друзите се бара да служат и во израелската армија.

Во сириската Голанска Висорамнина, анексирана од Израел, околу 22.000 Друзи имаат статус лица со постојан престој. Само 1.600 од нив добиле израелско државјанство, додека други остануваат врзани за својот сириски идентитет.

Анексијата на Голан од страна на Израел раздели цели семејства, иако Друзите од анектираниот Голан често пати можат да ја посетат Сирија за да студираат или да присуствуваат на свадби.

Некои Друзи од јужна Сирија се населиле и во соседниот Јордан, каде што се проценува дека заедницата Друзи брои помеѓу 15.000 и 20.000.

Надвор од Блискиот Исток, дијаспората на Друзите се етаблирала во Северна Америка, Латинска Америка и Австралија.

Друзиските лидери се движечката сила на национализмот на Блискиот Исток уште од Отоманската Империја.

Во Сирија, друзискиот султан Паша ал-Атраш, кој предводел бунт во 1925-1927 година, бил претходник на независноста на Сирија од Франција, која конечно била постигната во 1946 година.Во Либан, друзискиот лидер Камал Џумблат одиграл клучна улога од 1950-тите до неговото убиство во 1977 година, наредено од Сирија, за време на Либанската граѓанска војна.

Од падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во декември, Израел ја засили својата поддршка за Друзите во Сирија, солидарност која се перцепирала различно во рамките на заедницата.

Валид Џумблат (76), кој ја презеде функцијата на нов лидер на друзиската заедница во Либан, ги повика Друзите во Сирија да ја отфрлат израелската интервенција, а друзиските лидери во Сирија ја потврдија својата лојалност кон обединета Сирија. Но, некои Ддрузи повикаа на меѓународна заштита по пролетното насилство врз нив.

Во Израел, духовниот лидер на Друзите, шеикот Мофак Тариф, ја повика еврејската држава да ги заштити друзите во Сирија.

Back to top button
Close