Кои сте бре вие” – инспиративен наслов преземен од професорот Венко Андоновски

Почитувани читатели,

секојдневието во кое што живееме, за жал станува сѐ потешко и некако тажно. Сиромаштија и бесперспективност стануваат синоними на еден нефункционален систем кој кај нас обичните граѓани се развива во две крајности, или буди бес или создава летаргија и чувство на безизлез.

Ѝ припаѓам на првата група сограѓани, кај мене доминира бес кој преовладува со моите чувства, но успевам да го контролирам и обликувам во борба за градење на вистинско напредно општество. Во таа борба го гледам мојот личен непокор, но и борбата за колективно добро.

Во предвечерјето на претстојните парламентарни и претседателски избори, во Собранието на РМ се носат штетни закони со кои се загрозува слободата на мислење и делување на нас граѓаните.

Партиите од власт и опозицијата си зедоа за право трикратно да го поткренат досегашниот лимит за собирање потписи на независни кандидати, во сите изборни процеси од локално, централно и ниво за функцијата претседател на државата.

Кои се овие политичари што ни ја креираат нашата иднина? Во изминатите 34 години ги уништија сите стопански дејности наследени од бившата СФРЈ како мошне силни стопански субјекти.

Во наредни колумни ќе се потрудам, од мој аспект, да ја обзнанам пред јавноста вистината за тоа што сме имале, кои сме биле на кое дереџе сме денес и каде нѐ донесоа така наречените политички партии и нивните лидери.

Денешнава колумна ќе ја посветам на ,,Силика” –Гостивар и ,,Црвена Звезда” –Пехчево.

Две мали македонски градчиња, едното на западниот, а другото на источниот дел од нашата држава, многу вешто создадоа огноотпорната индустрија, во сферата на неметали.

Денес овие две фабрики не постојат. Да биде јасно, ,,Силика”-Гостивар за ,,Црвена Звезда” -Пехчево беше гигант. Огноотпорниот материјал се користи во сите индустрии каде се практикува индустриско производство, а тоа се црна металургија, обоена металургија, цементна индустрија, стакларска индустрија, порцеланска и хемиска индустрија.

Како вработен во ,,Технометал”-Македонија, од времето на СФРЈ, во секторот неметали, увоз-извоз, имав можност да соработувам со ови две фабрики во Македонија и останатите производители на овој материјал низ Југославија.

Во 70-те и 80-те години станавме најсилна фирма која што извезуваше огноотпорен материјал од Југославија, најмногу во соседните земји како Бугарија, Романија, Унгарија, Полска и Советскиот сојуз.

,,Силика” -Гостивар имаше најсилен раководен кадар и најспецифично производство кое што можеше да го пласира во сите индустриски капацитети со силикатни, алумосиликатни, силициумкарбитни и доломитни производи.

Во 80-те години од минатиот век, ,,Силика” -Гостивар извезуваше коксна силика за најголемите коксари во светот лоцирани во Полска.

Замислете, до ден денешен тие коксари се функционални и во нив е вградена нашата коксна силика , произведена во ,,Силика” –Гостивар. Каква иронија, ,,Силика” -Гостивар денес официјално не постои, ниту има кадар, ниту произведува коксна силика за коксари.

Од ,,Силика” -Гостивар денеска остана само рудникот за доломит ,,Чаиле”- Гостиварско, кој функционира со производство на туцаник за железничкиот сообраќај. Сите останати рудници од кои фабриката се снабдуваше со кварцит, по квалитет најсилен во свет, денес се затворени.

Кварцитот на ,,Силика”-Гостивар беше посакуван од сите светски производители на силикатната опека (тула).

Од некогашната ,,Силика”-Гостивар, која беше синоним на градот , Македонија и Југославија, останаа само сеќавања . ,,Силика” беше силен конкурент на најголемиот производител на огноотпорни материјали во Сојузна Германија, Дидиер.

Денес ,,Силика”-Гостивар можеше да опстои само со производство на огноотпорен материјал, како потреба за коксарите во Полска кои технолошки бараат континуитет во нивното одржување со идентичен огноотпорен материјал, веќе вграден во нив.

Од осамостојувањето на Македонија до денес, не почувствував политички субјект кој ќе води грижа за стопанскиот развој на земјата. Сведоци сме на уништени фабрики низ сите градови на Република Македонија, кои некогаш живот значеа за овие места. Безидејноста на политичарите царува речиси четири децении во Македонија. Имам право да прашам „кој сте бре вие политичари” ? Зошто се зафаќате за работа за која немате ниту познавање, ниту способности, а најмалку идејни решенија. Го донесовте народот на питачки стап, му наметнавте правила да живее како интелектуален роб или питач за корка леб, од трпезата на нашите богати пријатели. Ни го урнисавте достоинството, правото на самопочитување пред остатокот од светот. Направивте фиданки од луѓе кои не даваат лист, цвет и плод, туку сеат омраза меѓу себе со вашата популистичка пропаганда.

Дали некој политичар ќе сноси одговорност за уништувањето на ,,Силика” –Гостивар, бидејќи коксарите во Полска сѐ уште функционираат со материјалот произведен и вграден во нив токму од нашата ,,Силика”-Гостивар, а светската фирма Дидиер од Германија и натаму е светски лидер. Кои се тие политичари, кои сте бре вие да ги закопувате своите деца во светот на стопанството, кое што само по себе создава услови за достоинствен живот. Кои и да сте, доста е!

Трифун Костовски

Back to top button
Close