Колеж на интелектуалци

Почитувани,

Би сакала да ја информирам јавноста за следново:

Јас во јануари наполнив 64 години и според Законнот за Здравствена Заштита (ЗЗЗ) поднесов изјава дека сакам да го продолжам работниот однос до 67 години колку што законот ми овозможува. Но, мојот здравствен директор (д-р Зимбаков) НЕ САКА да донесе позитивна Одлука што е еклатантна демонстрација на мобинг и желба да нема доктор-професор кој ќе ги потсетува него и тие околу него колку знаат/не знаат и колку  се стручно и научно инфериорни. Во сета оваа работа и на оние професори од другите клиники на кои директорите им потпишале, министерот за здравство согласно ЗЗЗ, НЕ САКА на Одлуките од директорите да даде согласност и вели..„ според мене тие треба да одат во пензија??!!“ (сепак, изгледа не бил доследен и најверојатно за некои е дадена согласност).  Страшно, катастрофално за здравството, специјализациите, субспецијализациите, едукацијата и здравствена практика во целост. Јас се наоѓам во незавидна позиција, пациентите ме бараат за контроли, а јас им велам не можам, незнам дали ќе ме отераат во пензија што е универзално образложение на сите нас кои сме затекнати во ваква позиција.

Зад ваквата позиција на министерот за здравство застанати се доктори на кои им пречиме и здравствени директори од други клиники кои се веројатно автори на  оваа идеја, а очигледно наидуваат на поддршка на министерот, неговиот заменик (кој е лекар-наставник) и други кругови од владата. На ова веќе реагираше деканката на Медицински факултет со усмено објаснување и писмен допис до министерот со образложенија и листа на професори на кои Наставничиот совет на факултетот им дал одобрување за продолжување на работа. Таа мораше да ги замрзне конкурсите за специјализации и субспецијализации кои зависат од оваа бројка на професори!! Го извести и ректорот на УКИМ кој е исто така опфатен со ова и кој бил затекнат од информацијата.

Понатаму, значајно е што не станува збор само за професори, туку и за други лекари и не само во клинички центар, туку и во цела држава, проблем кој не се однесува само на професорите од Медицински факултет, УКИМ, туку на сериозна бројка на лекари низ клиничкиот центар и низ републиката.

И уште поважно, ако се дозволи ова да се случи во здравството по аналогија сиот универзитетски кадар на возраст помеѓу 64 и 67 години ќе биде опфатен со оваа безумна политика. Во историјата на оваа независна држава откако постои, не е забележан поголем „колеж на интелектуалци“. Не можам да не мислам дека е ова политичко слепило, затоа што искажаните предупредувања и аргументи изгледа до „татковците“ на ова безумие не допираат.

 

Проф. д-р Љубица Георгиевска-Исмаил, FESC

 

Back to top button
Close