Колку чинат 600 милијарди евра?
Кога дури и би се апстрахирале ирационалните образложенија и „аргументите“ на официјална Русија за инвазијата врз Украина, со кои се кршат сите суштествени определби на Повелбата на ООН, основачкиот акт на ОБСЕ, принципите на Советот на Европа и клучните меѓународни правни стандарди, останува една вчудовидувачка политика на Москва којашто и во овој трагичен момент за Украина и за цела Европа тешко може да се разбере.
Имено, прашањето е многу едноставно: зошто Русија никогаш барем во својата модерна историја не развивала политики, односи на респект кон своите поблиски и подалечни соседи и систем од вредности со кои ќе ги привлече различните народи на европскиот континент на своја страна, туку нивното „осојузување“ исклучиво го правела под принудата на своите тенкови? Како е можно десетици големи и мали народи во нејзиното окружување, во првиот момент кога за тоа за нив се создале погодни геополитички и други услови, едвај да дочекаат суверено да се отцепат, да се дистанцираат, да ги заборават, да се упатат во спротивна насока од социјалистичкиот и пост-социјалистичкиот режим во Москва? Како е можна таа огромна дискрепанца, Русија – која светската култура и наука ја има задолжено со непроценлив придонес – во својата политиката толку катастрофално и отсекогаш да потфрла и своето влијание во светот да мора да го проектира исклучиво потпрена врз својата конвенционална и нуклеарна воена моќ?
Сега и самиот Путин вели дека, во петнаесетгодишните подготовки за оваа конфронтација со Западот, меѓу другото, Русија „набилдала“ државни резерви од дури 600 милијарди евра! Замислете – наместо половина од нив неповратно да ги „слупа“ во катастрофалнава инвазија врз Украина – Русија да ги инвестирала тие пари во стандардот на своето општество и во различните сегменти, од здравството до образованието, на самите Руси, во модернизацијата и диверзификацијата на своето стопанство… Во таа сума на пари „лежат“ барем десетина Нобелови награди, милиони подобрени лични судбини на руските граѓани, неколку видови на врвни компјутери или мобилни телефони за масовна светска употреба, супер-брзи возови, стотици најмодерни болници и што ли уште не. Со таква имагинативна политика, Путин не би морал со години (и со тортура и ликвидации на своите опоненти) да мести избори за да остане на власт, а рускиот углед во светот сигурно не би се темелел само врз напредокот на нејзините оружја и длабочината на нејзините енергетски наоѓалишта.
Москва уште не разбра дека социјализмот („како светски процес“) и во Русија пропадна – меѓу другото – затоа што Русите мораа да возат лади и волги, додека Германците (најголемите губитници во Втората светска војна) произведуваа мерцедеси, аудија, фолксвагени, опели и бмв-а за масовно развезување. Уште пред 30 години им се смачи на Русите да живеат само од престижот на Бољшој театарот и од гордоста за убиствената прецизност на руските ракетни системи.
…
Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука